Германија ги зголемува трошоците за култура за 7%, нагласувајќи ја врската меѓу уметностите и демократијата

09.06.2022 11:55
Германија ги зголемува трошоците за култура за 7 проценти, осврнувајќи се на врската помеѓу уметностите и демократијата

Новата министерка за култура на Германија, Клаудија Рот, објави буџет за 2022 година од 2,3 милијарди евра. Бројката е зголемување од 148 милиони евра, или 7 отсто, во однос на минатогодишниот буџет, а дополнителните средства ќе бидат распределени за различни цели и организации, особено за оние фокусирани на колонијализмот и на климатските промени.

Рот изјави: „Со буџетот за 2022 година членовите на Бундестагот конкретно ги зајакнуваат уметноста, културата и медиумите во пресрет на невидената криза на нашево време… Сега, повеќе од кога било, потребни ни се отворени простори за изразување и разновидни поттици за размислување обезбедени од уметноста и културата“.

Германија им даде значителна поддршка на уметниците и уметностите за време на пандемијата, и како што работите се „преформатираат“ во некаква „нова нормалност“, така владата ќе се обиде да ги зајакне креативните индустрии, повеќе од само нивно опстојување, и да им помогне да напредуваат.

„Дополнителните средства ќе ги инвестираме мудро, во проширување на разновиден и одржлив културен сектор, во зајакнување на социјалната позиција на уметниците и, воопшто, во иднината на нашата вредна култура на демократијата“, додаде Рот.

Меѓу ставките наведени во објавата се 5,1 милиони евра за „мерки против десничарскиот екстремизам и расизам“ и 6,5 милиони евра за справување со тековните ефекти на колонијализмот и за владината инвестициска програма „Глобален Југ “.

Климата е централна кауза. На културниот и медиумскиот сектор ќе им бидат доделени 5 милиони евра, и дополнителни 5 милиони евра за да воспостават климатски посвесни деловни практики.

Германскиот културен буџет постојано расте од 2005 година, а министрите постојано прават паралела меѓу инвестициите во културата и во демократијата. За таа цел, 1,7 милиони евра ќе бидат наменети за уметнички проекти за комеморација на неодамнешните напади во Германија.

Буџетот додава 60 милиони евра за продолжување на Neustart Kulture, мрежа програми за поддршка на кина, музеи, театри, места и креативци, до јуни 2023 година. Дополнителни 66 милиони евра се издвоени за зачувување на историските и „културно значајните“ споменици во Германија.

Откако буџетот ќе биде одобрен, тој ќе стапи во сила ретроактивно од 1 јануари 2022 година.

Извор: Artnet