Нови Аргонаути

13.06.2022 08:59

Се пустат речните брегови.
И стадионите се пустат.
И големите паркови се празни.

Ги нема аргонаутите,
ги нема гимнастичарите,
ги нема дискофрлачите,
ни гледачите ги нема
да ги следат нивните вежби.

Сите се внатре. Залемени.
Затворени во мазни школки,
во пластични плоскави сефови.
Исповиткани околу мазните маси.
Крај екрански полиња.
Како на пусти острови
бродоломници со изгорени лица.

Сите улици се пусти.
Сите плоштади без химни.
Фонтаните без вљубени.
Сите се внатре. Заборавени.
Вклучени на кабли.
Изброени во бајти.
Сами, а заедно нанижани
низ целата планета.

Со глави во екраните.
Со камери во очите.
Со глувчиња за среќа.
Прстите им се закопчани
на разни тастатури.

Ги нема старите аргонаути.
Го нема старото златно руно.
Ги нема криумчарите
на миризливи зачини,
префинети ткаенини
и скапоцени камења,
ни нивните галии ги нема
на островите.

Сега сите се внатре.
На програмирани пловидби,
ловци и ловени,
во постсиликонски
бежичен океан.
Праќаат и примаат
електронски пораки.
Следат упатства
за нови авантури
во базите на податоци.

Сите шуми се пусти.
Сите цветни градини.
И планини и пустини.

Наместо икари,
подвижни слики
во небото.
Нови икони.
Хипераргонаути.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото