Унијатска Македонија

13.06.2022 11:16
Унијатска Македонија

 

Идејата за „Унијатска Македонија“ Мисирков во својот Дневник ја запишал на 10 јули 1913 година, среде Втората балканска војна во која Бугарија ги нападнала довчерашните сојузнички Србија и Грција. Идејата на Мисирков не е негова, таа постоела и претходно, но во тој миг, непосредно пред Балканските војни, Македонците сметале дека во рамките на Бугарија тие во најголема мера можат да остварат автономија. Дел од Македонците сметале и дека излегувањето од православниот свет би било во полза на националната кауза.

Уредник

 

По војната на Бугарија со сите балкански држави Бугарија ќе изгуби приближно 30.000 кв. километри што ќе преминат во Србија, Грција и во Романија, заедно со пристаништето Кавала и со население од 150.000. Истовремено Бугарија, велат, ќе го изгуби својот престиж. Одринскиот вилает ѝ дава на Бугарија зголемување од 30.000 кв. километри заедно со пристаништето Дедеагач (Александрополис) и со население од 600.000. Бидејки загубите во корист на Грците и на Србите се состојат од македонски земји, територијата на Бугарија по војната ќe изнесува приближно 120.000 кв. километри наместо 140.000 кв. км со население од 4.800.000, наместо 5.000.000. Романија со зголемувањето за сметка на Бугарија и понатаму ќе биде поголема од последнава, а Србија и Грција ќе ги удвојат своите територии и според големината и населението ќе бидат исти со Бугарија, иако пред војната со Турција тие заедно земени за малку ja надминуваа територијата на Бугарија.

По сегашната војна на Балканот, доколку не биде формирана автономна Македонија, ќе се создаде цврста рамнотежа на силите што ќе обезбеди мир за подолго време. Изгледа така смета дипломатијата на Тројниот договор, која Русија ja искористи за својата одмазда врз Бугарија и Австрија.

Меѓутоа, плановите може да се покажат погрешни. Србија може да се задави од Македонија што ja голтна или нејзиниот желудник може да добие растројство од тешкосварливото јадење што ѝ го принесе Русија. Нели Македонија скапо ja чинеше Турција. Ќе видиме како ќе се оддолжат за неа Србија и Грција. Србија, која порано во етнографски поглед беше речиси хомогена земја, сега, двојно зголемена, веќе не е српска, туку српско-бугарска држава, при што бугарска Македонија влезе во составот на Србија како покорена, а не како доброволно присоединета област. Македонските Бугари ги мразеа Србите уште за време на турското ропство. Сега омразата се удвои. Во составот на Србија Македонија влезе со бугарска национална свест на поголемиот дел од нејзиното население. Сегашното бугарско поколение во Македонија нема скоро да биде заменето со ново поколение со српско воспитание и училишното српско воспитание ќе наидува на отпор во бугарското семејство, особено ако Бугарите успеат да ja зачуваат својата посебна, национална црква. Егзархијата, по се’ изгледа, ќе биде укината, или, пак, егзархот ќе замине во Софија. Србите извршија насилно обраќање на Бугарите „во православие", истерувајќи ги од Македонија бугарските митрополити и епископи.


Болница кај село Табановце, за време на борбите во Куманово, 1912 година

Во црковните работи на бугарскиот народ сега големо национално значење добива прашањето за црковна унија на бугарската со католичката црква. Единствено унијата може да ja спаси бугарската црква и паства во Македонија од грчко-српската национално-црковна асимилација. Унијата во лицето на папата и на католичкото свештенство ќе му даде на бугарскиот народ најверни и најопитни заштитници на националната свест на бугарскиот народ во Македонија. Покрај тоа, унијата ќе ja прекине секоја врска на бугарскиот народ со лажното и одмаздничко православно словенство што му плати со црна неблагодарност на бугарскиот народ, кој во средниот век му ja даде својата култура. Бугарските митрополити што се истерани од Македонија би можеле заедно да се обратат до папата со молба да ja прифати под негово покровителство бугарската црква во Македонија. Папата во тој случај може да ja обезбеди поддршката не само на Австрија, Италија и Германија, туку исто така и на католичка Франција, а ќе се спротистави само Русија, која нема да се реши да војува со цела Европа поради желбата на македонските Бугари да ja прифатат црковната унија со католичката црква. Сиот западноевропски печат несомнено ќе биде на страната на македонските Бугари. Католичката црква, националната бугарска унијатска црква во Македонија и сиот западноевропски печат, заедно со конзуларните агенти на западноевропските држави во Македонија ќе бидат регистратори на грчко-српските насилства во Македонија и верни стражари на нивната национална самобитност.

Реализирањето на црковната унија на македонската бугарска црква ќе им покаже на руската влада и на санктпетербуршките словенофили дека не беа празни моите закани за тоа дека нарушувањето од Србите на српско-бугарскиот сојузнички договор од македонските Бугари ќе создаде непомирливи непријатели на Русија и на Словенството и дека Македонија во средниот век беше и и во иднина ќе биде гробница на Србија.

Унијатска Македонија ќе стане сврзувачки елемент меѓу Бугарија и Албанија, најприродни сојузници на Балканот.


[Извадок од „Крсте Петков Мисирков - Дневник, 5 јули-30 август 1913“, 2008; издание на Државниот архив на Република Македонија во редакција на Зоран Тодоровски.]

ОкоБоли главаВицФото