Хамлетовската дилема по којзнае кој пат во Македонија

13.06.2022 10:24
Хамлетовската дилема по којзнае кој пат во Македонија

 

Малите земји немаат своја историја. Ова, паметам, го кажа Срѓа Поповиќ, еден мудар и начитан човек, за чијшто живот не знам многу, но чиишто зборови ми оставија неизбришлива трага во умот. Сигурно нема да ми замери доколку неговата афоризматична мисла малку ја дополнам. Точно е дека малите народи немаат своја историја, зашто тие имаат своја судбина: ним историјата им се случува. Ова случување секогаш е поттикнато од интересите и политиките на големите земји или поголемите околни сили, кои во меѓусебните движења, односи и судири – тој секогаш непредвидлив геополитички перформанс – клучно влијаат врз исходиштата на настаните, на историското формирање на државите, особено на оние малите.

Се сеќавам како Срѓа ја карикираше српската историја. Вели тој: Србија настанала не зашто се самосоздала, туку со паѓањето на Османската Империја, за чиешто слабеење и пропаст најмногу биле заслужни руските победи во руско-турските војни. Првата Југославија не настанала поради победата на српското оружје, туку со победата на силите на Антантата. Втората Југославија не настанала зашто Титовите партизани ја ослободиле самите, туку затоа што Црвената армија ја победила Хитлеровата солдатеска. Комунизмот во Југославија не победил зашто јужните Словени така сакале, туку зашто бил создаден и донесен на руски раце. А Русите тоа можеле да го направат зашто Англија и Америка тоа им го дозволи. За нас секогаш другите одлучувале, заклучува Срѓа, па дури и комунизмот сами не го срушивме, туку беше укинат од Горбачов.

Малите народи никогаш не биле господари на својата судбина

Не може човек да не се согласи со основната мисла на Поповиќ, имено, дека ние, малите народи, никогаш не сме биле господари на својата судбина, дури и во најклучните моменти од создавањето на нашата историја. Но сепак, мислам дека овој демиуршки поглед одозгора, покрај убедливата објективност во премерувањето на клучните сили што ја создаваат историјата, има преголема доза потценувачки цинизам кога го оценува придонесот на малите народи во ковањето на сопствената судбина. Точно е дека сите напори што малите народи ги вложуваат во управувањето со својата иднина имаат секундарно значење во однос на тектонските сили на џиновските земји, но историјата памети ситуации кога токму ова секундарно учество на малите во историјата имало клучни последици за нив, што буквално за 180 степени ја сменило насоката на нивната понатамошна судбина и историја.

Ние бевме огледен пример за ова последново. Титовите партизани успеаја да обезбедат – во апсолутно најтешки услови на распарченост на земјата, поделеност помеѓу куп фашистички колаборационисти и квислиншки влади и несомнена воена доминација на нацистичка Германија над целата Европа – вистинска победа во Втората светска војна, и од неа да излезат како четврта воена сила – со СССР, САД и Велика Британија – што на континентов го победи Хитлер и фашизмот како движење. Титова Југославија беше земја џуџе во споредба со џиновите, какви што беа СССР и САД, и според својата територија, и според населението, и според својата вкупна „маса“, но благодарејќи ѝ на генијалната државничка фигура на Тито и беспримерното херојство на неговите партизани, успеа да обезбеди меѓународна позиција на велесила. Збигњев Бжежински, советник за национална безбедност на американскиот претседател Џими Картер, и еден од најеминентните геополитички аналитичари, некаде кон крајот на седумдесеттите изјавил дека во тоа време само три земји на светот воделе автентична и независна политика: тоа биле САД, СССР и Југославија.

Така што, улогата на малите народи во кроењето на својата судбина мора да се согледува во вистинскиот историски контекст и, секако, да се одмерува внимателно и објективно, но исто така никогаш не смее да се потцени или занемари. Со еден збор, малите земји не смеат да се занесуваат, но многу повеќе треба да внимаваат да не се препуштат безволно на тековите и каприците на историските матни води. Конечно, тоа што не можеме да управуваме со својата судбина, не значи дека не можеме да учиме од историјата штои ни се случувала.

Цинична, но сурово вистинита историја

Слична куса – малку цинична, но сурово вистинита – историја ѝ се случувала и на нашата родна Македонија. Да не победеше српското оружје убедливо во Кумановската битка 1912 и територијава да не припаднеше на српското кралство, туку на Бугарија, никогаш немаше да постои македонска држава на ова парче земја. Истото важи и за Втората балканска војна: во брегалничкиот колеж да победеа Бугарите, а не Србите, ништо не ќе имаше од денешнава македонска културна посебност. Во завршната година од Првата светска војна, Солунскиот фронт да не го пробија српските и француските војски, туку бугарските и германските, историјата никогаш немаше да сведочи за раѓањето на македонската државна фиданка. И, на крајот, да не постоеше марксистичко-ленинистичката формула за решавање на националното прашање и во Декларацијата на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија, на 29 ноември 1943 година, да не беше конституирана првата македонска република во историјата, од македонската држава, јазик, култура или историја денес немаше да има ништо.

Која е имплицитната поука од оваа малку карикирана и цинична – но сурово вистинита – ѓоамити историја на македонската земја? Првата поука е јасна од погоре кажаното: балканската историја, пред сè, е кроена како черга-парталка од откршоците и парталите од меѓусебните тектонски судири на европските империи. Но, втората, особено важна за нас поука, која судбински се однесува на нашата историја и го претставува единствениот историски услов за постоењето на македонската државна и културна посебност е…? Погодивте, нели? Добро, но јас сепак гласно ќе ја изговорам: историското појавување на таа кревка и неверојатна историска нитка што се вика македонска државна, национална и културна уникатност била можна само и единствено вон границите и влијанието на бугарската држава.

Уште од времето на првите сонувачи на македонската национална и културна посебност во 19 век, па низ сите премрежиња на крвавиот 20 век, бугарските интереси и бугарската државна политика биле потполна негација на македонската идеја. Тие биле и сè уште се отеловување на смртта на сето и кое било македонско. Бугарската прегратка секогаш била и секогаш ќе биде смртоносна за Македонија!

На каква наркодиета сме се ставиле овие 30 години; колку мегатони лепак сме вдишиле и колку товари буники сме изеле, за сè уште да се занесуваме дека со влегувањето во Европската Унија, ќе ја избегнеме бугарската смртоносна прегратка, дека уште на европските порти нема да нè дочека братскиот бакнеж на смртта? Зарем ништо не успеавме да прочитаме од историјата, па дури и кога таа пишува со простопроширени реченици, за да ги разберат и децата со бавна мисла? Единствената историска поука за македонското битие – од каква и да е тоа природа – е дека прашањето на неговото постоење, вечното прашање „да се биде или да не се биде“, се сведува на прашањето дали ќе ѝ се препуштиме на бугарската прегратка или не. Затоа, крајно време е да сфатиме дека членството во европската заедница на народите во кое се влегува со бугарски изим е рамно на сигурното исчезнување на македонската културна посебност!

Никакви преговори или разговори и никакви компромиси или ѓоа пријателски договори со Бугарите не можат да ѝ донесат ништо освен непостоење на Македонија. Оваа дребност, нашето нестабилно и кревко постоење, е и така осудено на бавна смрт од бугарскиот канцер наречен вмрома. Нашето ВМРО е доволно летална закана за постоењето на македонската посебност, та влегувањето во европскиот замок на чиишто порти стои бугарски вратар не ни ветува ништо освен исчезнување. Крајно е време тоа да го сфатиме: железната ограда на македонско-бугарската граница е единствената гаранција за нашето постоење. Членството во Унијата каде што Бугарија ги поставува условите, не смее повеќе да биде нашата стратешка определба, исто како што дилемата да се биде или да не се биде не смее веќе да постои на патот кон нашата иднина!

Слики: Paco Pomet

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Европа / Балкан / Свет
Општество / Историја

ОкоБоли главаВицФото