Над бездната

14.06.2022 14:21
Над бездната

(Извор за песните: „Кадуцеј и лира“, ВИГ Зеница, 2022)


НАД БЕЗДНАТА

Кога ќе се наднесеш над бездната
што само што распукала под твоите нозе
не отворај ги очите

Можеби ќе видиш суводолица во далечината
Или ќе слушнеш понорница

Кога ќе се наднесеш над бездната
што само што распукала под твоите нозе
помирисај ја свежината
на Земјината утроба

Вдиши ја маглината
на забревтаните прашинки
што заитале да се засолнат во тебе

Којзнае какви ли ѕвезди во нив се скриле

 

ТАЈНИТЕ ЧЕРЕПИ

Беа ли златните јаболка
златните јајца
на златниот змеј
или можеби кристални черепи
на првите магови
од кои се отсјајуваше златото на зората
и кои ја знаеја иднината
како што го знаеја минатото

ВНАТРЕШЕН ОДЕК
Само оној што се вслушал во себеси
го чул одекот
од небесниот пев

АЛХЕМИСКА ПОСТАПКА

Оној што знае како да произведе злато
одамна се угледал на сјајот на сонцето
кое не го заслепило
откако го разбудил во себе
внатрешниот пламен
и како уроборoс
ги согорел непотребните органи
кожата си ја слекол
опашката си ја изел
во себе се проврел
за огнени крила да израсне
со нив да замавне
и златна прашина да создаде

ПРВИОТ АСТРОНОМ

Зар е далеку помислата да го сметаме
Атлас за првиот астроном
Оној што одблиску ги запознал небото и ѕвездите
А кој да знае
дали и не ги подредил
како што тоа во каталог
многу време подоцна
го направил стариот Птоломеј


Слики: Kaye Blegvad

ОкоБоли главаВицФото