1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
„Трамонтана“, Наташа Сарџоска, „Три“
Госпоѓо, чекате некого, портирот надмено ми се испeрчи пред видот. Не, не, всушност, мене ме чекаат, му реков исто толку дрско.Влегов во лифтот и се качив на седмиот кат.Таму се одржуваше интердисциплинарната експертска конференција за реинтеграција на жените жртви на трговија со луѓе и жените жртви на семејно насилство во земјите од Третиот Свет. Во една мала соба имаше и еден панел за образовните системи во Западен Балкан, според модулите на инклузивните и интегративните методи на образование од Франција, со вклучување на заедниците и ранливите групи граѓани во општествените ткива. Сѐ на сѐ, досадно. Бегло погледнав кон париските покриви, небаре извезени платна, преполни со сардели, мента, лим, празни шишиња вино, филџани кафе, цигари, мачки, долги зелени кадифени завеси и наместа дрвени ќепенци затворени зад нечии постоења и кон недогледните зелени ливади на Шамп де Марс пред Ајфеловата кула. Од мојата организација ИОМ, како огранок на ООН, бевме поканети тука, во Унеско, за изготвување на новата нацрт- рамка за помош и реинтеграција во општеството на жените жртви на трговија со луѓе во земјите од Западен Балкан. Да не беа тие земји и проектите таму што ги развивавме, јас не ќе можев моите викенди да ги минувам во Монте Карло, во Варадеро или во Портофино. Да се работи во меѓународна организација е сон на повеќето луѓе, но како и секој сон, и оваа работа е нереална. Лажна. Вртиме чисти пари и ги продаваме за солидни изговори. Сите тука се уверени дека прават нешто корисно за човештвото, односно за луѓето од коишто се платени, и дека распределуваат мир и правда. Ретко, речиси никогаш не сум сретнала некој што можел да ја тргне маската на лицемерието и да се запраша па што правам јас тука и дали некому навистина помагам. Ова е перверзија. Но сета оваа грамадна структура влеваше сигурност. И со оглед на тоа што јас немав сигурност во себеси, системската сигурност, макар и лажна, макар и привидна, ме држеше да не паднам. Конформизмот за мене беше бедна болест. Тие состаноци, службени патувања, извештаи, записници, времето потрошено на брифинзи и сувопарните часови во канцеларијата ги минував без свест,без размисла, како црв, како безрбетна глиста, како амеба, како едноклеточен организам. Сонував да бидам сликарка, да одам на патувања со моите изложби, да ми приоѓаат луѓе, да разговараат за моето сликарство, не сакав да одам по конгреси каде што бев само бројка, заземен стол, искористен беџ, празно тело со натпис. Бев само број. Бев само празен стол што чека некој да го пополни. Би се рекло дури дека бев и тело без душа. Жена без својства.
* **
Седнав во брасеријата Суфран и нарачав тартар стек со бел бибер и сенф од Дижон, пржени компири и четврт литар црвено вино сент емилион. Бев среќна што ми заврши работниот ден. Конечно. Крајот на работниот ден за мене беше почеток на условениот живот и купената слобода. Во меѓународните организации живееме во лага, се служиме со лага, веруваме дека нешто некому помагаме, дека правиме повисоко добро за човештвото. Живееме спогодбено, компромисно, поткупено. Но однатре изгледа сѐ толку суво, стерилно, сурово, хартии, меморандуми, потписи, одобренија, скалила, ходници, хиерархии, бесцелни патувања, великодушни дневници, луксузни дизајнирани хотели, аеродромски лоунџ вип – салони. Кога ќе ми завршеше работниот ден конечно можев да се посветам на мојата слобода и на мојата бесцелност, на моето лутање и скитање по париските улици, хотели, кафеани. Од целиот работен ден и од сите стерилни пауер поинт- презентации на тема трговија со луѓе, жртви на насилство, криумчарење луѓе, насилна дефлорација, проституција, јас само мислев на муралот на Пикасо во холот. Синилото на крилјата. Белината на бездната. Падот на Икар. Недозволениот пад. Непростливата слобода. Човековиот лет.
„Албино трип“, Александар Русјаков, „Арс Либрис“
- Ја видов Ана. Случајно се сретнавме. Одлично изгледа.
- Знам. Успеав да ја одвикнам од кокаин.
- Како?
- Ја убедив дека подобро е да ме шмрка мене.
- Тебе?
- Па и јас сум „бело“.
- И? Што се случи?
- Повторно се навлече.
- На што?
- Па, на бело. На мене.
Дијалогов никогаш не се случил. Ана не постои. Секако, постојат многу жени што се викаат Ана. Некои од нив веројатно се навлечени на кокаин. Сосема е возможно да постои некоја Ана која ете, се навлекла на албино. Но, оваа Ана не постои. Ја злоупотребив измислувајќи ја, за да почнам со поглавјето ЗАВИСНОСТ.
Некој ми рече дека ние албината имаме различен хемиски состав од нормалните луѓе. Различни супстанции поинаку дејствуваат на нас.Не се сеќавам кој ми го рече тоа. Можеби беше доктор. Познавам многу доктори.
Зависности...
Ги имам повеќе отколку што може човек да ги носи со себе. Не се сите зависности поврзани со опојни средства. Има многу типови зависности. Кај мене се надоврзуваат една на друга. Почна со стрипови.
Зависност од стрипови.
Голите девојки околу Конан ме направија зависен од женски нозе.
Женските нозе ме направија зависен од еротски списанија.
Еротиката и порнографијата водат кон зависност од мастурбирање.
По дркање, палиш цигара. Станав зависен од цигари.
Цигарите те прават зависен од кафе.
Кафето е највкусно наутро. Така станав зависен од утрата.
Најубавите утра се оние кога се будиш покрај жена. Лесно станав зависен од жени во мојата постела.
Многу жени, многу вселени. Човек мора да краде туѓи искуства за да се справи со женските вселени.Искуствата се кријат во книгите. Станав зависник од книжевност.
А таму, во книгите, опишано е сето човечко зло. Невозможно е тоа да се поднесе со трезвена глава. Станав зависен од алкохол.
Алкохолот го одзема мирот. Не е добро човек да е постојано пијан. Мора нешто да го спушти. Го најдов мирот во марихуаната. И станав зависник од неа.
Една зависност создаваше друга. Љубоморно ги чувам сите во себе.
-Слушај, ти низ животов си пробал сѐ и сешто. Можеш ли да ми напишеш еден текст за зависности? Онака во твој стил. Ќе ти платиме.
Разговарам со Ана по телефон. Оваа Ана постои. Пријателка ми е. Ја обожавам. Како и сите други мои пријателки.
Зависност од пријателките.
Зависност во секаква форма. И духовна и телесна и материјална. Едноставно е. Имам исклучителни пријателки. И пријателите ми се исклучителни, но пријателките во мојот универзум имаат посебни привилегии. Духовната зависност од нив има созерцителна улога. На некој чуден начин тие ме просветлуваат.
- Ти толку добро ги познаваш жените – ми рекле.
- Имам совршени учителки – сум рекол.