Неосвоивите капии на Иран

15.06.2022 02:33
Неосвоивите капии на Иран

Ликвидациите кои во последно време се случуваат во Иран покажуваат дека Израел во однос на оваа земја применува тактика на предизвикување хаос. Во фудбалски жаргон тоа се нарекува yalla balagan (почнува забавата), ситуација кога тимот ќе сфати дека ќе го изгуби натпреварот, па ја праќа топката на сите страни со надеж дека ќе предизвика збрка во која некој Герд Милер ќе даде гол.

Овој нов пристап е отелотворен од страна на директорот на Мосад, Давид Барнеа кој е на оваа функција една година. Ја поддржа и началникот на генералштабот Авив Кохави, а дозвола даде и самиот претседател на владата Нафтали Бенет со својот кабинет.

Пред две недели беше ликвидиран Хасан Саид Ходајари, полковник на Револуционерната гарда кого разузнавачките извори го поврзуваа со иницирање терористички напади на израелски и еврејски цели од 2012 година. Израелските служби избројаа педесетина такви случаи ширум светот, меѓу другото во Бугарија, Индија, Тајланд, Кипар, Азербејџан, Кенија, Етиопија и Грузија. Метите беа израелски дипломати, воени лица и бизнисмени, нивните семејства како и некои институции. Повеќето случаи се откриени и осуетени, но не сите. Најтрагичен настан беше убиството на петмина Израелци и нивниот возач на автобусот во бугарскиот град Бургас во 2012 година од страна на терорист самоубиец поврзан со Хезболах.

Давид Барнеа

Последниве две недели во Иран се одиграа сајбер напади на цивилни локации и воени напади на скриени магацини со беспилотни летала, споменатата ликвидација на офицерот вмешан во терористичките напади, убиство на инженер ангажиран на развој на нуклеарна и ракетна програма, убиства на двајца научници вклучени во развој на програма за збогатување ураниум и беспилотни летала. На ова треба да се додадат и необичните дефекти на електродистрибутивната мрежа кои предизвикаа хаос на техеранскиот аеродром. Заеднички именител на овие настани е тоа што веројатно сите се организирани од страна на Израел.

Од стапувањето на функција на Нафтали Бенет и Давид Барнеа, пред приближно десет и пол месеци, тајната војна на Израел против Иран, за разлика од нападите на Сирија, беше фокусирана на нуклеарната програма. Сега се чини дека војната е проширена и на напади на научници и офицери на ракетни програми, беспилотни летала како и на припадници на специјалните сили Ал Кудс. Во август минатата година Бенет ја опиша новата политика како „смрт со помош на илјада исеченици“, фраза од царска Кина која значи убивање со бавно мачење.

Но дали премиерот навистина мисли дека може да го порази Иран, односно да доведе до промена на режимот во оваа земја? Точно е дека континуираните напади сведочат дека израелските разузнавачи се инфилтрирани длабоко во иранските институции, што е навистина понижувачки за иранскиот режим. Дури и половина од наброените жртви да се ликвидирани од страна на иранскиот режим а не Мосад, може да се каже дека целта за предизвикување хаос е постигната. Но дали Израел, кој не успеа со сличен обид за уривање на власта во Либан пред 40 години, ќе успее во таа намера во многу поголемиот Иран, земја со древна историја, култура и моќна национална гордост?

Нафтали Бенет

Историското искуство нè учи дека режимите се рушат кога луѓето ќе излезат на улица заради економска криза, корупција и сеопшто пропаѓање, а не заради активности на странски разузнавачки агенции, без разлика колку тие се успешни.

Се поставува прашањето која е целта на овие операции освен да пркосат, понижат и заплашат, кога е јасно дека израелски напади на ирански нуклеарни мети не доаѓаат предвид.

Иран е ослабен, но одлучен да ја продолжи својата нуклеарна програма и покрај санкциите. Зарем не би било подобро да се фокусираме на враќање на предложениот и разумен договор помеѓу двете земји? Можеби би вредел обид да се прекине магичниот круг на осветнички напади, атентати и разорувања, каде причините и последиците се замаглени, и обид со помош на посредници да се дојде до заеднички договор за примирје дури и ако шансите за тоа се слаби. Зашто искуството нè учи дека ако барате премногу можете да изгубите сè.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото