Изложба на четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС

15.06.2022 13:09
Изложба на четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС

ИЗЛОЖБА НА ЧЕТВОРИЦАТА ФИНАЛИСТИ ЗА XVI НАГРАДА ДЕНЕС 2022 ЗА МЛАД/А ВИЗУЕЛ(Е)/НА УМЕТНИ(К)/ЧКА ДО 35 ГОДИНИ

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Процесот на доделување на наградата ДЕНЕС во 2022 година се состои од:

Национална галерија на Република Северна Македонија – мултимедијален центар „Мала станица“

22 јуни (среда), 19 часот - Презентации на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА, ЗОРАН ШЕКЕРОВ

23 јуни (четврток), 20 часот – Изложба на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА, ЗОРАН ШЕКЕРОВ и церемонија за наградата

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2022 година, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата. Добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).

Жири комисијата за XVI награда ДЕНЕС е составена од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.


БИОГРАФИИ НА ФИНАЛИСТИТЕ

ДАРКО АЛЕКСОВСКИ (1989) е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите кои се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од позначајните учества на групни меѓународни изложби се издвојуваат Traces and Memories, Галерија Кунихан во Бранзвик (Мелбурн, 2021), What would happen if? The choice to build an alternative future, Музеј Санта Јоана (Авеиро, 2020), Paying Attention, Академие Грац (Грац, 2019), The Tokyo Art Book Fair 2017, Магацин Террада (Токио, 2017), Streetlight, Revisited, Галерија Роман Сузан (Чикаго, 2019), и 55. Oktobarski Salon – Disappearing Things, Музеј на град Белград (Белград, 2014). Алексовски моментално живее и работи во Велес, Северна Македонија.

ИВАНА МИРЧЕВСКА (1992) е визуелна уметница и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности на отсек сликарство (2015) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018). Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021), како и колаборативните проекти: „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ (2021) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020). Како активен учесник во локалната независна и експериментална уметничка сцена, преку својата практика таа соработува колеги од различни дисциплини и контексти.

КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА (1988) е уметница, со седиште меѓу Скопје и Лондон, чија интердисциплинарна практика е заснована на науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот како употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек-природа. Преку употребата на извонредна технологија, делата на Кристина честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни, кои ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата. Кристина има магистерска диплома по сликарство и анимација, стекната на Универзитетот за применета уметност, Виена, Австрија и магистерска диплома по уметност и наука од Сентрал Сеинт Мартинс (Central Saint Martins), Лондон. Добитник е на инаугуративната награда Фламин Фелоушип на Филм Лондон (2017). Делата на Кристина се изложени/емитувани, меѓу другите, и во Националната галерија Скопје, Музејот на современа уметност, Скопје;Научен музеј, Лондон, Обединето Кралство; МАН Музеј, Сардинија, Италија; The V&A, Лондон; МАК, Виена; Проект Спејс Кунсталле, Виена; Хет Гласпавилјоен, Ајнховен; Арт КОП21, Париз; Галерија Уајтцчапел (Whitechapel Gallery), Лондон; Фестивал Арт Ликс, Лондон; Луишам арт хаус, Лондон; Кралски колеџ за уметност, Лондон.

ЗОРАН ШЕКЕРОВ (1992) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Дипломирал на Катедрата за фотографија на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима во Скопје. Неговата практика вклучува долгорочни креативни истражувачки проекти во полето на фотографијата кои се соочуваат со човечката состојба во даден социополитички контекст и ги испитуваат прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата. Неговиот документаристички стил ги спојува формата и чувствата, сеќавањата и верувањата. Во соработка со издавачот на уметнички книги од Скопје, „Приватен принт“, Шекеров ја објави „FOLDED“, фото-книга фокусирана на телата и ритуалите на Пеливаните. Шекеров соработува со еминентни фотографи во неговата родна земја и регионот, а има изложувано на индивидуални и групни изложби во С. Македонија и светот.

Дизајн на постер: КОМА

Изложбата на четворицата финалисти ќе биде отворена до 14 јули 2022 година.

ОкоБоли главаВицФото