Мопсот на Вазов

15.06.2022 13:07
Мопсот на Вазов

Седум мали фикции на духовиотиот и провокативен бугарски писател. Фотографии: Александар Петросиан


ЅВЕЗДИ-ПАЃАЛКИ

Детето веруваше дека бомбите што паѓаат се ѕвезди. При секоја експлозија си посакуваше по нешто, кое сосема наскоро се остваруваше. Поради таа причина детето мечтаеше војната никогаш да не заврши. Така и се случи.

 

ДЕТЕ ВО ГРАДИНА

Со наведната глава едно дете низ нозете го гледа светот. Сè се случува наопаку. Гнилите јаболка полетуваат кон небото, од кладенецот се излеваат тони вода. Мајка му вреска од прозорецот: -Што, по ѓаволите, се случува таму?! - Детето се исправа: -Сè е во ред, мамо!

 

БРАНДЕНБУРШКА ПРИКАЗНА

Една од мечките во берлинската зоолошка градина успеала да избега. Се смешала со сувенирските мечки, но наскоро ја фатиле - не издржала долго на две нозе.

ИСКУСТВО

Беше совесен поштар, но остаре и почна да заборава. Постојано ги мешаше улиците и броевите, не ги разликуваше имињата на примателите. На крајот се откажа од работата, иако немаше сигнали за неправилно доставени пратки. На негово место назначија нов колега - млад и многу прецизен. Тогаш во поштата заплискаа поплаки.

 

АЛПИНИСТОТ

Одеше кон врвот и често се свртуваше назад, за да ги гледа своите траги: „Мајката, некој ме следи! Стапките му се големи точно колку моите, чекорот му е ист, ако копилето ме испревари, никогаш нема да си простам!...“ Потоа продолжуваше нагоре со уште побрзи чекори...

ВИСТИНСКИТЕ ЗБОРОВИ

Излегоа да се напијат пиво. Мажот однапред реши дека ќе ѝ каже на својата љубена колку многу ја сака, но кога дојде моментот, не ги најде вистинските зборови. Потоа ја плати сметката и излегоа молчаливи надвор. Сосема набрзо создадоа семејство. Им се родија две деца. Бабите беа среќни. Комшиите завидуваа. Децата пораснаа и заминаа во странство. Таму создадоа семејства. Комшиите продолжија да завидуваат, бабите да се радуваат. Единствено мажот беше несреќен - сè уште ги бараше вистинските зборови.

 

МОПСОТ НА ВАЗОВ

Иван Вазов го имал првиот мопс во Бугарија. Му го подарил австрискиот конзул. Животното било машко и нашиот литературен патријарх, без многу да му се мисли, го крстил со тривијалното кучешко име - Хектор. За жал во тоа време немало женски мопс во земјата. И покрај неговата вродена грдотија, многу кучки биле претендентки за срцето на Хектор. Вазов строго ги прегледувал кандидатурите и ги опишувал во дебел тефтер, специјално подготвен за таа цел. Од година во година списокот на кучки се зголемувал сè повеќе. Еден летен ден, пред да си ја направи вообичаената прошетка по Искарската клисура, писателот решил најпосле да избере соодветна партија за домашниот миленик. Вазов го отворил тефтерот на случајна страница и прочитал: „Каракачанка, висока и стројна, добра за расплод. Особености: мрази мопсови“.

Фотографии: Alexander Petrosyan (Александр Петросян)

Избор и превод од бугарски: Иван Шопов

Извор за расказите: Мопсът на Вазов, ЕРГО, София, 2021.

 

За писателот

Владислав Христов (1976, Шумен), бугарски поет, писател, новинар и фотограф. Објавувал во бројни списанија за литература во Бугарија и во светот. Автор е на книгите Фотографии на деца (кратка проза, 2010), „Енсо“ (поезија, 2012), „Фи“ (поезија, 2012), „Германии“ (поезија, 2012) која е преведена и на германски, „Обратно броење“ (поезија, 2016) и „Продолжуваме напред“ (публицистика, 2017). Добитник е на повеќе награди за хаику и кратка проза. Член е на „The Haiku Foundation“ и три години по ред е вклучен во редот на стоте најкреативни хаику-автори во Европа, а негови хаику песни се вклучени и во учебници за хаику на јапонските универзитети. Живее и работи во Софија како уредник во Бугарското национално радио.

 

За фотографот

Александар Петросјан (Петросян, Александр Сергеевич) е украинско-грузиско-ерменско-руски фотограф и уметник. Роден е во Лавов во 1965 година во креативно семејство: неговиот татко е Ерменец, музичар од Грузија, а мајка му е Украинка и пејачка. Како дете посетувал музичко училиште. Интересот за фотографија го пројавил на 14-годишна возраст откако за роденден добил фотоапарат Смена-8. Професионално се занимава со фотографија од 2000 година. Најмногу работи репортажна и улична фотографија.



 

 

ОкоБоли главаВицФото