1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Александар Петросјан (Петросян, Александр Сергеевич) е украинско-грузиско-ерменско-руски фотограф и уметник. Во моментов живее и работи во Санкт Петербург, во Русија. Роден е 1965 година во Лавов, во Украина, во креативно семејство: татко му е Ерменец, композитор и музичар од Грузија, а мајка му е Украинка и пејачка. Како дете посетувал музичко училиште. Вели: „И самиот делумно се сметам за музичар, зашто, како и во музиката, добрата слика не треба да се потпира на надворешноста и формата туку треба да навлезе директно во душата, заобиколувајќи ја свеста.“
Интересот за фотографија го пројавил на 14-годишна возраст откако за роденден добил фотоапарат Смена-8. Професионално се занимава со фотографија од 2000 година. Најмногу им е посветен на репортерската и на уличната фотографија.
Рано сфатил дека за вистински да го разбере светот околу себе прво мора да се обиде да го долови преку објективот на камерата. Во преплетот на својот животен и професионален концепт Петросјан наоѓа радост, истражувајќи ги и прикажувајќи ги луѓето на оригинални и иновативни начини. Тој ги фотографира не само убавите туку и гротескните аспекти на животот. А животот не го прикажува во две димензии, туку во повеќе, осветлувајќи ги и освестувајќи ги многуте семантички планови, всушност бесконечните нивоа на нашето опкружување - во само една фотографија.
Самиот Петросјан го наведува Картие-Бресон како фотограф кој најмногу влијаел на неговата поетика, но нотира и многу други уметници кои го инспирирале.
Иако некои критичари сметаат дека тој е повеќе „коментатор“ отколку „пасивен набљудувач“ Петросјан ја претпочита улогата на гледач, не на учесник. Многумина критичари се фасцинирани од неговата блискост до објектите што ги слика. Како да е најнепосреден учесник во често многу интимни или луди сцени. Петросјан себеси сепак повеќе се гледа како риболовец, трпелив и упорен, а не како егзибиционист.
Користи лесна, тивка, мала и брза камера, Olympus EM-1 Mark 2. Вели дека при фотографирањето на отворено клучно е камерата да не привлекува внимание и да биде јака и отпорна на удари и падови.
Во продолжение пренесуваме четириесетина фотографии од чудесниот, духовит и предизвикувачки Александар Петросјан. (Избор и подготовка: П. Вулкански)