Ноево јајце

17.06.2022 16:46
Ноево јајце


НОЕВО ЈАЈЦЕ

Оние што веруваат во библиските приказни
единствената што добро ја паметат
е приказната за потопот
и Ноевиот кораб
што ги собрал сите животни
и мажјаци и женки
и ја преживеал големата вода
за да се насели на новата земја

Помислува ли тогаш некој
дали на коработ имало
и ноево јајце
за да му послужи како глобус
и да ја исцрта на него Ное
новата земја

ПРОМЕТЕЈСКИ ЗАВЕТ

Вечниот оган го чуваат темни стражари
Се плашат да бидат осветлени
Сите што тргнале со факли
за да земат оган
како маратонци
наидуваат на пречки
поставени од стражарите
де кучиња, де реки
де крокодили, де змејови
и разни други чудовишта
што само стравот од светлината
може да ги измисли

Немаат што друго
овие храбри тркачи да прават
освен да го предаваат факелот
на секој нивни наследник
кој еднаш ќе дочека да стигне
до светилиштето
за да се помоли
Прометеј да се врати
од подземните светови
жив и здрав

ОТКАЖАНА ПОТРАГА

Се откажаа од потрагата по загубената сестра
оти сфатија дека таа која одамна
беше воведена во месечевиот култ
се вгнезди меѓу роговите на светлиот бик
како полна месечина


СПОРЕДБИ

Со што ќе ја споредиш
онаа што ја сакаш

Со која ѕвезда што си ја видел
кога ноќе светнала само за тебе

Со која река што си ја слушнал
во нејзиниот порој како бучи

Со кое дрво што си го гледал
како се виши и трепери од возбуда

Со кој цвет, со кој мирис
што се вовлекол во твојата душа


ПРЕВЕЗ

Дури и да го тргнеш последниот превез
над нејзиното лице
одново ќе се навее нов

Од маглата на вековите
која ја создаваат оние што сè уште топло испаруваат

Или од ситната прашина
што се крева од издишките низ ленените завои


Слики: Kaye Blegvad
Извор за песните: „Кадуцеј и лира“, 2022

ОкоБоли главаВицФото