Во постојан отпор

20.06.2022 12:44
Во постојан отпор

Започнува седмото издание на КРИК - фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, годинава на тема „Во постојан отпор“.


Стабилноста е привремена, конфликтите се вечни. Конфликтноста и нестабилноста на состојбите, во овој контекст, никако не се сфатени како трепетен деструктивен немир, туку како непрекинато создавање на критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите. - Јулија Кристева

Целиот живот е уметност, вештина, техне на соочување со загубата. Целиот живот е совладување на уметноста на губењето. Учиме како да се справиме со загубата на денот, на ноќта, на љубовта, на пријателствата, на заедницата, на самоста, загубата на правото да припаѓаме, загубата на слободата, загубата на идеологиите, на општествените и политичките модели во кои сакаме да веруваме. Се губиме себеси копнеејќи да се најдеме во другиот, во заедницата, во огледалото на групата, во негативот. Во изминатата декада, а особено во последните две години се соочуваме со копнеж по она што не сме го досегнале, што сме го напуштиле, што нѐ напуштило, сон за она што доаѓа а кое ни е попривлечно од она што сме решиле да го избришеме од меморијата, да го оставиме во заборавот.

Револт, тага, обезнадеженост и резигнација. Можеби смртта, војната, агресијата, кои ги сведочиме ќе завршат на некој волшебен начин доека сме трепнале со окото. Но, дали воопшто некогаш насилството завршило и дали воопшто некогаш ќе заврши? Двигателниот копнеж, во една психоаналитичка смисла, кај нас е волјата за моќ а не волјата за љубов, за взаемност. Па, оттаму, историјата на човештвото е историја на насилството, на надметнувањето, на раните и повредите. Наративите за слободата, еднаквоста, правдата, интегритетот и невтолпеноста стануваат амблемски, декоративни.

Повторно, веќе никој не брои по кој пат, се соочуваме со ентропичното тело на човековите цивилизациски придобивки. И повторно, сведочиме дека под итно ни е нужен дисензус, кој ќе води кон перманентен и структуриран креативен политички/општествен отпор, за да можеме да ја потврдиме нашата поединечна одговорност за секое заедничко/колективно страдање. Демократиите, или барем системите врз кои мислиме дека функционираат, се поприлично кревки, ранливи, со стаклени нозе – тие можат да се распаднат за една ноќ и да преминат во смрт и крвопролевање.

Зар не е нашата утопија главен извор на нашата сила? Нашата работа е навистина утописка и таа треба да биде таква. Она што треба да се менува не е прво овој, а потоа оној детал, туку структурата на институциите, темелите на политичките програми, опходувањето во однос на политичкото.

Културните и уметничките практики, втемелени длабоко во едновремениот отпор и во создавањето на алтернативни општествени, политички текстови и јазици, директно ја проникнуваат, анализираат, аргументираат и толкуваат застрашувачката слика која денес ја живееме – еколошката смрт, ресурсната неодговорност, човековото унижување, био-политичките ентрописки слики – обидувајќи се да се обликуваат себеси како политички субјект кој може да интервенира во понатамошните текови и промени поврзани со општественото тело.

Да постоиш, значи да не се покоруваш на некој наметнат, втолпен модел, па дури тоа да биде и модел на правда и на вистина... Постоењето е географија, атлас на посебности, на различни емоционални и интелектуални пејзажи и топоними... Ние сме поединечни мапи кои можат да се проникнат во заедница надминувајќи ги унифицирачките модели за животот, љубовта, мислењето, утопиите, политиките. Но, сепак, постои ли друга смисла освен оваа – да продолжиме да создаваме солидарни и емпатични заедници кои ќе се стават наспрема неправдата, тагата и болката која животот ја носи - Жил Делез

Дилемата која изнурнува од желбата да се забележи, мапира креативната конфронтација со политичките системи на едно време е огромна – како да се артикулира, архивира, дефинира и формулира полето во кое уметноста/креативноста интервенира политички и општествено. Дали интервенцијата е институционална или вонинституционална? Зошто во одредени читање и толкување на општествените динамики имаме помалку или повеќе отклони од вообичаените дискурзивни или протестни изрази и дали се тие доволно ситуирани во потребата на критичката маса?

Секогаш треба да се биде наспроти, но секогаш мора да се мисли организирањето согласно потребата на заедницата. Само во содружништво на она што значи „наспроти“ и на благородните модели на „(само)организирање“ културата може да се реализира како простор на автономија, слобода, одговорност, утопија, критика, отпор, побуна.

Секогаш постои оној речиси невидлив повик за пресврт на вообичаените наративи, вредносно поставени оценки и инертни навики наметнати од некаде горе, од државните и идеолошките апаратуси. Токму она што ни е потребно, а ни се измолкнува од животната прегратка, може да се освои само и само на креативен, уметнички, мета начин, бидејќи, креативноста и уметноста за тоа и постојат – да создадат нова стварност, нови наративи онаму каде што политиката не сака или не може.