Рускиот новинар Муратов го продаде нобеловиот медал, за украинските деца

21.06.2022 11:29
Продажба на Нобеловата награда за украинските деца

Рускиот новинар и нобеловец Дмитри Муратов го продаде својот нобелов медал на аукција во Њујорк за 103,5 милиони долари. Целиот износ е наменет за украинските деца кои побегнале од војната, пишува германски „Шпигел“.

Овој износ го уплатил анонимен купувач на аукциската куќа Херитеџ која соопшти дека износот е наменет за програмата на УНИЦЕФ за украинските деца кои побегнале заради војната.

Муратов е главен уредник на независниот руски весник „Новаја Газета“. Весникот престана да излегува на почетокот на март откако властите повеќепати го опоменаа заради начинот на кој известуваше за руската инвазија на Украина.

Руските медиуми имаат стриктни упатства како смеат да известуваат за „специјалната операција“, „воена мировна мисија во Украина заради заштита на Украинците на кои рускиот им е мајчин јазик“. За упадот на руските трупи во Украина е забрането да се користат термини како што се „напад“, „инвазија“ или „агресија“.

Муратов заради заслугите во борбата за слобода на мислењето во октомври 2021 година заедно со филипинската новинарка Марија Реса беше одликуван со Нобелова награда за мир.

Во април непознат напаѓач го полеа со мешавина од боја и ацетон и му ги повреди очите, додека патувал со воз во Русија.

„Шпигел“ пишува дека од 2000 година во врска со работата што ја извршувале, убиени се шест новинари на „Новаја Газета“, меѓу нив и Ана Политиковскаја. Нејзината смрт до денес не е докрај разрешена. Муратов им префрлаше на руските власти дека истрагата се кочи заради политички интереси.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.vreme.com/