Играта продолжува

21.06.2022 13:10
Играта продолжува

 

Пет микро фикции од современиот бугарски писател Роман Кисјов.

ТАЈНА

На празна улица, на самрак, еден човек се приближи до друг му шепна нешто.
Потоа првиот си ја соблече облеката - се покажаа две крила... Замавна со нив и одлета.
Во тој миг другиот умре.


НЕСРЕЌА

На улицата се беше собрала толпа... До толпата имаше брза помош и полициска кола. На асфалтот лежеше труп на млад маж. Телото веќе се беше изладило, но неговата сенка не престануваше да крвави.


КАМЕНИОТ ГРАД

Над камениот град кружи, со раширени крила, огромна птица од камен. Камените улици се пусти, пусти се и камените куќи. Среде централниот плоштад се издигнува камена статуа на безмилосен владетел. Главата (наместо со круна) е овенчана со гнездото на камената птица. Гнездото исто така е од камен. Во него птицата снела десет камени јајца.
На секои сто години распукнува по едно јајце и од него се испилува крваво и пулсирачко срце. Кога ќе распукне и последното јајце - тогаш ќе прсне каменото срце на владетелот, каде што беа издлабени неговите десет заповеди. И градот одново ќе се исполни со човечки џагор и смеа. И ќе зачука како срце.


ВЕЧЕРВА

Вечерва актерот ја одигра одлично улогата на лудак. И никој не се досети дека навистина е луд.
Вечерва просјакот ја испружуваше раката не за милостина, туку за поздрав. И никој не се досети дека навистина е поздрав.


ИГРАТА

Малиот Каин безгрижно си игра во рајската градина... И еден ден тој ѝ рече на змијата:
-Не ми се игра веќе со тебе... Земи си ги демоните, дај ми ги ангелите назад...
-Мило детенце - му одговори змијата, - демоните ќе ти требаат... Зашто на светов ќе се роди и твојот брат...
Играта продолжува.


Превод од бугарски: Иван Шопов
Цртежи: Роман Кисјов

Роман Кисјов (1962), бугарски поет, ликовен уметник и преведувач. Завршил Средно уметничко училиште во Казанлак и Уметничка академија во Софија, специјалност живопис. Живее во Софија. Автор е на поетските книги „Вратите на рајот“ (1995), „Сенката на полетот“ (2000), „Светоодец на светлината“ (2003), „Криптус“ (2004, 2007), „Гласови“ (2009), „Градина на тајните“ (2014), „Јајца од феникс“ (2014) и „Мистична роза“ (избор, 2016), како и на збирката кратки раскази „На сон и на јаве“ (2021). Негови песни и книги се преведени на дваесетина јазици. Во 2010 година, на македонски излегува книгата „Словото пастир“ (Макавеј, препев на Ефтим Клетников), во 2016 електронската книга „Јајца од Феникс“ (Темплум, препев на Иван Шопов), а во 2019 „Мистичната роза“ (Восток, препев на Михајло Свидерски). Во 2014 година ја добива наградата „Македонски книжевен Дедал“ од Макавеј. На бугарски јазик превел поезија од повеќе македонски автори, меѓу кои Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Ефтим Клетников, Гордана Михаилова Бошнаковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Никола Маџиров.

ОкоБоли главаВицФото