1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Кога почнував да предавам на Харвард на средината на осумдесеттите, главна преокупација на креаторите на американската економска политика беше Јапонија. Книгата Јапонија на прво место на Езра Вогел, водечки харвардски експерт за Јапонија во тоа време, го одреди општиот тон на дебатата.
Се сеќавам дека бев вчудоневиден од мерата во која во сите дискусии - дури и во академските кругови - се подразбираше правото на Соединетите држави на примат на меѓународната сцена. Соединетите држави си дадоа задача со соодветни индустриски и трговски политики да ја спречат доминацијата на Јапонија во клучните индустриски сектори - не само затоа што тоа е корисно за американската економија, туку и зашто Америка никако не смее да падне на второто место.
Пред тоа верував дека агресивниот национализам е одлика на стариот свет, дека е резервиран за несигурните општества кои се чувствуваат загрозени на меѓународната сцена и сè уште закрепнуваат од реалните или замислените историски неправди. Припадниците на американската елита, богати и сигурни во себе, го ценеа патриотизмот, но нивниот поглед на светот првенствено беше космополитски. Сепак, национализмот со нулта збир не беше далеку од површината, што јасно се покажа кога беше доведено во прашање местото на САД на врвот на глобалниот економски поредок.
По три децении американски триумфализам по падот на Берлинскиот ѕид, сведоци сме на сличен процес, овојпат многу поизразен. Сега тоа е последица на јакнењето на Кина - која е значително посериозна економска закана отколку што беше Јапонија во осумдесеттите години и чиј понатамошен подем носи сериозни геополитички ризици - и руската инвазија на Укарина.
На новите предизвици САД одговараат со обид за потврдување на глобалниот примат. За креаторите на американските државни политики таа цел е идентична со целта за одржување безбеден и просперитетен глобален поредок. Според нивното мислење, приматот на САД е пресудно важен за промовирање на демократијата, слободниот пазар и меѓународниот поредок втемелен на правила. Што може да биде покорисно за мир и просперитет во светот? Уверувањето дека зад целите на американската надворешна политика во основа секогаш стојат добри намери е темел на американската претстава за сопствената исклучителност: она што е добро за САД е добро за целиот свет.
Несомнено дека во некои случаи тоа е вистина. Но со прифаќањето на таквиот мит креаторите на американските политики ја губат способноста реалистично да согледаат како заправо ја користат својата моќ. САД не се воздржуваа од рушење други демократии ако тоа им одговараше на нивните интереси и зад себе имаат долга историја на мешање во внатрешната политика на суверените земји. Инвазијата на Ирак во 2003 година беше изведена спротивно на Повелбата на Обединетите нации, исто како и руската инвазија на Украина.
Инсистирањето на „слободен пазар“ и „меѓународен поредок втемелен на правила“, пред сè, често им служи на интересите на американските компании и политичките елити, а не на аспирациите на помалите земји. Ако тековните интереси се оддалечат од она што го наложуваат меѓународните правила, САД едноставно ќе ги игнорираат правилата (како во случајот со Меѓународниот кривичен суд и клучните конвенции на Меѓународната организација на трудот).
Некои од овие тензии беа воочливи во говорот на државниот секретар на САД, Ентони Џ. Блинкен во односите помеѓу САД и Кина. Блинкен ја прогласи Кина за „најсериозен долгорочен предизвик во меѓународниот поредок“ и објави дека „визијата која ја нуди Пекинг би нè оддалечила од универзалните вредности кои му донесоа голем просперитет на целиот свет“.
Блинкен е во право кога тврди дека многу елементи на поредокот воспоставен по Втората светска војна не се само американски ниту само западни. Сепак, не успеа да нè увери дека за тие универзални елементи на светскиот поредок Кина претставува поголема опасност од самите САД. На пример, многу од проблемите во кинеските економски практики на кои укажуваат американските коментатори се однесуваат на областите во кои не постојат општоприфатени универзални правила - особено во трговијата, инвестициите и технолошкиот развој.
Блинкен најави дека САД „ќе изградат стратешки сојуз околу Пекинг со цел промовирање на нашата визија за отворен и инклузивен меѓународен систем“. Повторно мораме да се запрашаме, кој би се спротивставил на таквата визија? Но Кина, како и многу други земји, стравува дека иницијативите на САД не се секогаш добронамерни. Кинеските лидери ја толкуваат изјавата на Блинкен како закана со изолација и ограничување на расположливите опции, со принудување на другите земји да застанат на страната на Америка.
Ништо од кажаното не треба да се толкува како поставување знак на еднаквост помеѓу постапките на САД и руската инвазија на Украина или кршењето на човековите права во покраината Синџианг или одземањето територии на Хималаите или во Јужното кинеско море. И покрај недостатоците, САД се демократија во која критичарите можат отворено да ја критикуваат и оспоруваат надворешната политика на својата земја. Но тоа е слаба утеха за земјите кои Америка ги третира како свои пиони во геополитичкото натпреварување со Кина, а тоа се земји кои често не гледаат никаква разлика помеѓу глобалните потези на големите сили.
Блинкен зборува за авторитарните практики во Кина како најголема закана за остатокот од светот, што е уште еден обратен одраз на американската вера во сопствената добронамерност и исклучителност. Тоа што во некоја земја постои демократија не гарантира дека таа ќе постапува со добра намера во односите со другите земји. Исто така, репресијата во рамки на земјата не мора нужно да води во агресија насочена кон надвор. Кина исто така тврди дека сака стабилен и просперитетен глобален поредок - но не под исклучива контрола на САД.
Третирањето на Кина како закана и настојувањето таа да се изолира ја упатуваат Кина на потези кои ги потврдуваат стравовите на американските стратези. САД организираат клуб на земји подготвени отворено да ѝ се спротивстават на Кина, па не треба да нè чуди што претседателот Си Џинпинг пронајде сојузник во Путин во момент кога Русија се подготвуваше за инвазија на Украина. Како што забележа новинарот Роберт Рајт, очекувано е земјите исфрлени од еден ексклузивен клуб да си направат свој.
Ако некој се запраша зошто релативното опаѓање на моќта на САД е толку важна тема, припадниците на американската надворешнополитичка елита одговараат со реторичко прашање: Дали порадо би живееле во свет во кој доминира Америка или во свет во кој доминира Кина? Вистина е дека повеќето земји најмногу би сакале да живеат во свет во кој не доминира никој, свет во кој и малите земји можат да зачуваат одредена автономија и да развиваат добри односи со сите, без обврска да изберат страна и патем да завршат како колатерална жртва во конфликтот на големите сили. Време е американските стратези да сфатат дека голем дел од светот веќе одамна не ги посматра глобалните амбиции на САД преку нивните розеви очила. Колку побрзо го сфатат тоа, толку подобро за сите нас.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Chen Xia