Зошто британската влада сака да испраќа азиланти во Руанда?

22.06.2022 10:59
Зошто британската влада сака да испраќа азиланти во Руанда?

На 14 јуни 2022 година, првиот авион со баратели на азил од Обединетото Кралство требаше да полета за Кигали, главниот град на Руанда. Летот е првиот планиран во рамките на Партнерството за миграција и економски развој меѓу Обединетото Кралство и Руанда. Планот предизвика бројни критики, како во двете земји, така и во остатокот од светот, што не ги спречува властите да продолжат со негово спроведување. Критичарите го нарекуваат нехуман и суров и предупредуваат на кршење на човековите права во Руанда, кои имаат долга историја. Зошто воопшто се појави оваа идеја?

Планот во својот говор го најави британскиот премиер Борис Џонсон, а станува збор за имиграциската политика според која лицата кои Обединетото Кралство ќе ги идентификува како илегални имигранти ќе бидат префрлени во Руанда поради азил и преселба. Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател и министерот за надворешни работи на Руанда Винсент Бирута ги потпишаа документите и ја потврдија петгодишната соработка на 13 април. Наведените цели на планот се намалување на бројот на мигранти во Ла Манш, спречување на трговијата со луѓе и зголемување на инвестициите во Руанда. Џонсон рече дека тоа ќе „спаси безброј животи“ и ќе го разбие бизнис моделот на „подлите шверцери на луѓе“. Во интервју за „Дејли Мејл“ на 14 мај, тој рече дека педесет мигранти биле известени дека ќе бидат префрлени во Руанда во текот на следните две недели и дека неговата влада е подготвена за евентуалното правно спротиставување на спроведувањето на планот.

За возврат, Обединетото Кралство ќе ѝ плати на Руанда 120 милиони фунти, а исто така ќе го финансира секој барател на азил помеѓу 20 и 30 илјади фунти за нивно преселување и привремено сместување во рамки на планот. По пристигнувањето во Руанда, мигрантите привремено ќе бидат сместени во Кигали додека се обработуваат нивните барања за азил. Доколку тоа мине успешно, на мигрантите ќе им биде одобрен постојан престој во земјата и ќе им биде понудено постојано сместување. Се очекува дека ќе бидат потребни најмногу три месеци за да се обработат сите барања. Кога ќе пристигнат во Руанда, на мигрантите нема да им биде дозволено да се вратат во Обединетото Кралство за да побараат азил таму. Обединетото Кралство изјави дека азил во земјата и натаму ќе продолжи да се доделува на индивидуална основа, иако тоа зависи од јачината на секое барање. Властите на Руанда изјавија дека нема да примаат мигранти со криминално досие, ниту семејства или малолетни лица.

Штом идејата излезе во јавноста, наиде на многу критики. Истиот ден се одржаа демонстрации пред Министерството за внатрешни работи, а добротворните организации предупредија на кршење на човековите права во Руанда. Следниот ден „Дејли мирор“ и „Гардијан“ го нарекоа планот „нехуман“, додека „Дејли мејл“ критичарите на планот ги нарече „адвокати на левицата“. На 17 април, заменик-министерот за внатрешни работи Метју Рајкрофт, наводно изразил сомневање дека планот ќе ги одврати мигрантите, а надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, за време на велигденската проповед рече дека планот покренува сериозни етички прашања и дека е спротивен на Божјата природа. „Тајмс“, исто така, објави дека принцот Чарлс приватно го опишал планот како ужасен и се плашел дека ќе го засени состанокот на шефовите на влади на Комонвелтот, кој ќе се одржи токму во Руанда на 23 јуни, каде што се очекува принцот да ја претставува кралицата.

Реакциите во таа источноафриканска земја се различни, а Виктоар Ингабире Умухоза, лидерот на опозицијата во Руанда, ја критикуваше политиката затоа што таа се занимава со британските прашања, наместо на прво место да се стават проблемите на Руанда. „Ако нашиот народ нема доволно за јадење, ако нашите деца или децата во Руанда немаат можност да одат на училиште поради сиромаштија, како владата планира да обезбеди образование за децата бегалци“, рече таа. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) силно се противи на планот, сметајќи дека го за незаконски, дек се води од предрасуди и дека е непрактичен. Помошничката на високиот комесар Џилијан Тригс рече дека Обединетото Кралство се обидува да го префрли својот товар врз земјите во развој и дека таа политика не е во согласност со меѓународните правни обврски на Обединетото Кралство. Што се однесува до реакцијата на луѓето во Британија, анкета од 14 април вели дека 42 % од испитаниците не се согласуваат со планот, додека 35 % го поддржуваат, а новата анкета од 13 јуни покажува дека популарноста на планот пораснала, бидејќи 44% од испитаниците го поддржуваат, а 40% се против.


Сепак, првиот лет, за кој се очекуваше да превезе повеќе од 30 луѓе. а таа бројка е намалена на 7 по одредени пресуди, беше откажан неколку минути пред полетувањето по пресудата на Европскиот суд за човекови права. Министерката за внатрешни работи Прити Пател рече дека е разочарана од исходот, но дека подготовките за следниот лет треба да започнат веднаш. Како ќе изгледа судбината на овој план ќе видиме со секој планиран лет. Меѓународната заедница и институциите продолжуваат правно да се спротивставуваат а јасно е дека властите на Обединетото Кралство ќе ги почитуваат и тие одлуки, бидејќи сепак се работи за правна држава. На крајот, оние кои зависат од таквите препирки се луѓе кои ги ризикувале своите животи обидувајќи се да стигнат до други земји, а сега повторно се изложени на ризик, и непредвидливо е што ќе се случи со нив.

Извор: Zoomer

ОкоБоли главаВицФото