1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Во рамки на КРИК 07, во четврток (23 јуни, 2022) во Сули ан (Стара скопска чаршија, во просторот на ФЛУ) ве каниме на „Гозба или за љубовта” што претставува концептуален, перфромативен дијалог, во духот на Платоновите симпозиуми, каде што критичкото мислење за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото се стимулира со храна и пијалак.
Имајќи го на ум огромниот празен простор во кој какофоничната развревеност ги испразнува од значења потенцијалните теми и содржини на разговорот, во рамки на КРИК 07 во оргнизација на Контрапункт, преку настанот насловен „Гозба или за љубовта“, се потсетуваме на дијалогот и неговото значење како алатка за општествена динамизираност и единствен излез од резигнираноста, како парадигма за демократијата, како што во срцето на Атенската држава, на полисот, го замислувале и практикувале Платон и неговите ученици.
Симпозиумите (Грчки: συμπόσιον symposion или symposio, од συμπίνειν sympinein, "да се пие заедно"), онака како што органски се практикувале, претпоставувале собири, гозби, на кои се разменувале низ раговор, низ дијалог важни прашања за уметноста, политиката, љубовта, пријателството – демократијата.
Околу трпезата се создава просторот на слободата, просторот на размена на критички мислења, просторот на заедницата. Така е од памтивек, така е и сега.
Обидувајќи се да ги исцртуваме просторите на слободата и на заедницата, истражувајќи ги ризоматските течења на концептите на демократијата во која се слеваат наративите и политиките на љубовта и на пријателството, ве покануваме на гозба посветена на разните, најшироки аспекти на занчењата на демократскиот дијалог посветен на теми кои ги заробуваат срцето умот – да се обидеме на заедничката трпеза да ги отплеткаме јазлите на мислењето и на чувствувањето, и со храна и вино да се обидеме да ги ре-обмислуваме слободата, копнежот, правдата, взаемноста.
Во дијалогот ќе нѐ воведат: Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат (Хрватска), Милица Пекиќ (Србија) и Ивана Хаџиевска, под кромиларство на шефот на трпезата Артан Садику.
А сите ние ќе се впуштиме во дијалогот, аргументација, контрааргументација и во разговорот со сиот ерос и копнеж за вистинските бои на размената на заедничкото.
Ќе се обидеме да ги урнеме семантичките огради на елитистичката дискурзивна „оаза“ преку активното учество во дијалогот, во креативниот конфликт, со цел да го артиклуираме отпорот и коментарот на сознаеното, искуственото, промисленото општествено милје.
Во рамки на нашата Гозба, ќе бидат изложбено поставени и дијалошките видеа снимени во Србија, Косово и Северна Македонија.
Автор на видеата снимени во Скопје, Битола, Прилеп и Тетово е Ѓорѓе Јовановиќ. Авторка на концептот на настанот „Гозба или за љубовта“ е Искра Гешоска.
За проектот „Изведување демократија“
„Гозба или за љубовта“ е концепт на Контрапункт и на КРИК – фестивал за критичка култура, кој произлезе од едногодишното истражување насловено „Изведување демократија“ Овој проект е во партнерство со Киоск од Белград и ДокуФест од Призрен.
Што е демократијата денес? Што подразбираме кога говориме за демократија и кои се најважните впишани концепти без кои демократијата не може да функционира? Можна ли е демократијата? Постои ли нејзина алтернатива? Која е оптималната форма на демократија? Овие прашања се фундаментални за проектот Performing Democracy (Изведување демократија), кој е мотивиран од нашата потреба да разговараме за нив, создавајќи простор за што е можно поширок дијалог за состојбата и значењето на демократијата. Проектот се развиваше во две фази.
Првата фаза беше реализирана во Србија, а по нејзиното завршување во тимот на проектот се приклучија организациите Докуфест (Dokufest) од Косово и Контрапункт од Северна Македонија. Мотивацијата е заснована на верувањето дека треба да го преиспитаме поимот демократија и да се соочиме со предизвиците со кои сите се соочуваме денес надвор од строгите локални граници. Конструирајќи колективно партиципативно уметничко дело во соработка со граѓаните од трите земји-учеснички, проектот има цел да ја преиспита сложеноста на актуелниот момент, истражувајќи дали можеме да разговараме за значењето на концептите како што се толеранција, одговорност, солидарност и правда? Можеме ли да разговараме за овие прашања со луѓе со различни мислења? Можеме ли да разговараме за овие прашања со оние кои не ги делат нашите ставови, убедувања и вредности? Тргнавме од верувањето дека сегашниот момент бара не само обновување на дијалогот и можност за соочување со различни ставови на јавниот простор, туку и ново ниво на колективна имагинација, што подразбира хетерогени позиции и ставови. Се обидовме да вклучиме соговорници од цела Србија, Косово и Северна Македонија, кои имаат различни интереси, професии и услови за живот. Нивните размисли беа снимени како кратки видео изјави. Обидувајќи се да вклучиме во дијалогот соговорници со различни искуства, како и оние кои доаѓаат од различни полиња на идеолошкиот спектар, разговаравме со претставници на граѓански иницијативи, движења и организации, со претставници на политички партии кои ја прифатија нашата покана, како и со нашите сограѓани, од кои со многумина првпат се среќававме.
Многу соработници покажаа голема доверба во нас, нѐ пречекаа во нивните домови за да ги споделат со нас своите вредни мислења. Од почетокот на нашата работа на проектот на крајот на 2019 година во Србија, до финализирањето на видео-снимката на изјави во Северна Македонија и Косово, две години подоцна, заедно со целиот свет се соочивме со здравствена криза која ги оспори сите навики и постулати, кои ги одредуваа нашите начини на живеење до почетокот на 2020 година. Многу брзо пандемијата почна да еволуира во социјална, политичка и економска криза од која допрва ќе треба да ги разбереме последиците. Во вакви непредвидени околности разговаравме со 62 групи граѓани, иницијативи, активисти, професионални здруженија и политички партии, со цел да откриеме како денес се сфаќаат и демократијата и иднината. Одговорите што ги слушнавме беа крајно хетерогени и се движеа од гледна точка дека „суштината на демократијата е ангажираниот граѓанин, посветен на јавната благосостојба“ до гледна точка дека „демократијата е погрешна идеја заради тоа што човечката природа не може да функционира во таков систем“.
Биографии на учесниците:
Елизабета Шелева (Охрид, 1961) - литературна критичарка и теоретичарка. Професорка по Теорија и методологија на проучувањето на книжевноста на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Дипломирала на Катедрата за компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград во 1989 година, на тема: „Типолошки модели на македонската книжевна критика“. Докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје во 1998 година на тема „Од дијалогизмот до интертекстуалноста (од Михаил Бактин до пост-структуралната критика)“. Авторка е на преку 120 трудови и 7 книги од областа на книжевната критика и теорија.
Никола Маџиров (поет, есеист, преведувач) е роден 1973 година во Струмица. Неговата поезија е преведена на четириесетина јазици и објавена во списанија и антологии во земјата и странство. За стиховите од книгата „Преместен камен“ ја добива меѓународната поетска награда „Хуберт Бурда“, како и наградата „Браќа Миладинови“ на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите награди се и „Студентски збор” за дебитантска книга на Македонија (1999), наградата „Ацо Караманов“ (1999), „Xu Zhimo Silver Leaf” наградата за европска поезија на Кингс Колеџ во Кембриџ (2016), главната награда на Меѓународниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив (2019), Наградата на уметничката независна мрежа во Кина за современа светска поезија (2021). Британскиот весник Гардијан заедно со Southbank Centre London ги вклучиja стиховите на Маџиров во најзначајните љубовни стихови напишани во последните педесет години во рамки на современата светска поезија. Негови стихови и есеи се објавувани и во лондонски Тајмс, германските Ди Цајт и Тагешпигел, швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг (NZZ), American Poetry Review, а за поезијата на Маџиров позитивно се изјасниле и британскиот радио сервис БиБиСи, германското национално радио, германскиот неделник Дер Шпигел и дневниот весник Тагешпигел, шпанскиот дневен весник Ел Паис, американското списание World Literature Today и др. Врз основа на стиховите на Никола Маџиров музика компонираa соработникот на Бјорк и Лу Рид, американскиот џез композитор Оливер Лејк, италијанскиот композитор на класична музика Анџело Инглезе, македонскиот џез пијанист Гордан Спасовски, како и неколкукратниот добитник на музичката награда Греми, Мајкл Лиг заедно со Бека Стивенс.
Негови стихови беа искористени како финална арија во германската современа изведба на „Орфеј и Евридика“ во Минхен. Никола Маџиров е добитник на неколку меѓународни книжевни стипендии, меѓу кои и International Writing Program на Универзитетот на Ајова во САД, DAAD и LCB во Берлин, Маргарит Јурсенар во Франција, Чивитела Раниери во Италија, Пасапорта во Брисел, Реколе во Париз, AWP во Хонг Конг и др. Во превод на Никола Маџиров се објавени дваесетина поетски и прозни книги, приредувач е на неколку прегледи на македонската современа поезија објавени во странство, како и на антологијата на современата светска поезија на XX и XXI век. Живее во Струмица.
Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи, како и во Културниот центар Точка. Ги објавил следниве авторски книги: Скриени желби, немирни патувања (роман, 2020) Невидливи љубови (роман, 2015), Вечно сегашно време (роман, 2010), Лицата на невидливиот град (заедно со Иван Блажев, фото-есеи, 2010), Скопје со широко отворени очи (заедно со Иван Блажев, фото-есеј, 2008), Огледало за загатката (2003, разговори со Влада Урошевиќ).
За романот Невидливи љубови го добил „Рациновото признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“. Невидливи љубови и Вечно сегашно време влегле во потесниот избор за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник.
Активно се занимава со книжевен превод. Објавил повеќе од 30 преводи на книги на македонски јазик. За преводот на романот Пенелопеја од Маргарет Етвуд, во 2013 година ја добил наградата „Златно перо“ на Здружението на литературни преведувачи на Р. Македонија.
Славчо Димитров е асистент на Факултетот за правни и политички науки на ФОН Универзитетот, на предметите по Современа политичка филозофија, Историја на политички теории, Род и политика, Политика и култура, и Политики на тела и емоции. Во изминатата декада има координирано голем број на академски проекти, летни школи, и проекти од областа на човековите права и маргинализираните заедници. Основач е на интернационалната летна школа Summer School for Sexualities, Cultures and Politics во Белград, и е еден од основачите на IPAK.Center – Research Center for Identities, Cultures and Politics in Belgrade. Куратор е веќе шеста година по ред на Скопскиот викенд на гордоста, интердисциплинарен фестивал за квир уметност, култура и теорија. Димитров има објавено многу текстови во областа на културните студии, политичката филозофија, студиите на перформансот, телесноста и афектите, квир теоријата итн. во регионални и интернационални списанија и книги. Автор е на книгата Невозмоќни исповеди: субјективитет, моќ и етика (2014). Во моментов Димитров е вклучен во два интернационални ЕУ поддржани проекти за Курирање во контекст и Геофилозофија на Балканот.
Милица Пекиќ e историчар на уметност и кустос од Белград. Во своето истражување таа се фокусира на конфронтирачките уметнички практики, како и на алтернативните форми на колективно авторство, институционалната трансформација и потенцијалот на интердисциплинарен пристап и во истражувањето и во продукцијата. Активно e ангажирана во граѓанскиот сектор во културата повеќе од една деценија, таа е дел од многу иницијативи, како на национално така и на регионално ниво, со фокус на креирање одржлива рамка за развој на независна културна сцена и регионална соработка. Организирала бројни уметнички проекти и иницијативи на локално и меѓународно ниво.
Петар Милат е поранешен филозоф кој моментално работи како програмски раководител во Мултимедијалниот институт / MaMa [Загреб, Хрватска], каде е задолжен за издаваштво, експериментална музика и филмски програми. Од 2008 година тој е директор на Филмскиот фестивал за човекови права, фестивал на cinéma d’auteur engagé. Главниот фокус на неговото истражување е врската помеѓу нормативната социјална и естетска теорија. Во 2018 година бил член на жирито на фестивалот за кратки филмови во Оберхаузен.
Веб-страни: www.mi2.hr/en | www.humanrightsfestival.org/en/
Лична веб-страна: www.zoeforward.org
Ивана Хаџиевска е историчарка и независна истражувачка. Се стекнала со научна титула магистер на историски науки на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Добитничка е на наградата „26 јули“ од Фондацијата Франк Харкорт Манинг од Велика Британија, која се доделува за студент на генерацијата (2018) и на Признанието за високи достигнувања во образованието (2019) кое го доделува Ректоратот на УКИМ. Нејзиниот истражувачки интерес е специјализиран во полињата социјална историја, историја на жените и политики на меморијата.
Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот Пленум а во моментот е дел од организациониот и програмскиот борд на КРИК фестивалот за критика култура. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците.
Проектот Изведување демократија е поддржан од Balkan Endowment for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави и Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД); Allianz Kulturstiftung; Фондација отворено општество, Србија и Европскиот фонд за Балканот.
КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.
Тимот на КРИК - фестивал за критичка култура се: Искра Гешоска, Артан Садику, Петар Милат, Јана Коцевска, Тијана Ана, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Ѓорѓе Јовановиќ.
Логистички партнери на фестивалот се: Националната Галерија на Македонија, КСП Центар-Јадро и Музеј на современата уметност
Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб
Партнери за 2022 на фестивалот се Киоск од Белград, Центар Мултимедиа од Приштина, ДокуФест од Призрен, Културтрегер од Загреб, Тииит! Инк, од Скопје, Маска, од Љубљана и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад..
Особена блгодарност до КОМА (@koma.mk) студио за графички дизајн. Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија и Allianz Kulturstiftung, Креативна Европа.