Бајден може да ја спречи бугарската агресија кон Северна Македонија

24.06.2022 13:00
Бајден може да ја спречи бугарската агресија кон Северна Македонија

Преземено од Дојче веле

Пристигна балканската криза на претседателот Џо Бајден. Годините на запоставување и дволичност на Европската Унија кон регионот им се вратија како бумеранг на Соединетите Американски Држави и Европа во многу ранлив момент. Рускиот претседател Владимир Путин очекува да ја види владата на Бугарија - членка на НАТО и ЕУ - преземена од неговите сојузници, предводени од претседателот на земјата, Румен Радев. Многу брзо, оваа црноморска земја, стратешки сместена меѓу Турција, Романија и Украина, би можела да се сврти од витален поддржувач на Киев во отворен сојузник на Москва. Актуелниот, прозападен премиер Кирил Петков виси на конец. (текстот е објавен пред падот на владата на Петков во Бугарија) По падот на владата, Радев ќе владее до нови избори. Сојузникот на Радев, поранешниот министер за одбрана Стефан Јанев, кој како папагал го повторуваше описот на Путин за руската војна во Украина како „специјална воена операција“ пред да биде разрешен од Петков, би можел да се врати како привремен премиер - што би било катастрофа за Западот додека Путин се обидува да ја скрши трансатлантската солидарност. Мрачните сценарија брзо се реализираат, пишува Едвард П. Џозеф, експерт за управување со конфликти кој предава на школата за напредни меѓународни студии Џон Хопкинс во анализата за „Фореин полиси“.

Која тактика треба да се примени?

Наведувајќи ја како причина подготвеноста на Петков да го укине ветото што Бугарија го имаше искористено за запирање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, пејачот и шоумен Слави Трифонов овој месец најави дека неговата партија ќе ја напушти владата. На 16 јуни, партијата на Трифонов повторно се повика на македонското прашање за да го смени претседателот на бугарскиот парламент, Никола Минчев, член на партијата на Петков. Против Минчев гласаше и партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Има начин да се ускрати оваа победа на Путин, со тактика која што може веднаш да ја примени администрацијата на Бајден. Клучот е да се претвори самото прашање што Радев го искористува - бесниот национализам против соседните Македонци - во моментална и трајна политичка одговорност.

Предводени од Радев, московските лојалисти во Софија применуваат тактики на малтретирање во стилот на Кремљ против помалиот сосед на земјата, Северна Македонија. Место бомби, Софија го блокираше Скопје да ги отвори преговорите за пристап во ЕУ додека Македонците не потклекнат пред бугарските барања.

Бугарски ултиматум

Лансиран од прорускиот Борисов во ноември 2019 година, променливиот бугарски ултиматум потсетува на ставот на Путин кон Украина. Во суштина, од Северна Македонија се бара да признае дека е „вештачка држаава“ и да се потчини на „автентичниот“ бугарски идентитет. Во формалните документи, како и навредите и провокациите од највисоките нивоа, Софија бара Скопје да признае дека пред 1944 година - кога Јосип Броз Тито почна да го формализира она што стана Југославија - македонската историја е бугарска. Од средновековната словенска писменост до херојското востание против Османлиите во раните 1900-ти, Бугарија бара признание дека националните херои, големите настани, а особено македонскиот јазик, се во суштина бугарски. Треба да се избришат референците за бугарската фашистичка окупација на Македонија во Втората светска војна и да се сменат учебниците. Овие тајни спорови за историјата и територијата се познати на Балканот и другите делови на Источна Европа - и се зрели за експлоатација од страна на Кремљ.

Во Бугарија, сојузниците на Путин се подготвени да го искористат самиот процес на пристапување во ЕУ за да го уништат суверенитетот на колегата сојузник во НАТО, Северна Македонија. Под плаштот на загриженоста за „еднаквоста на македонските Бугари“, како што вели Радев, Софија може да бара промени во политиката, како што се квоти во јавната администрација и широко прифаќање на бугарскиот идентитет. Во комбинација со насилните промени на историскиот наратив, Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава. Москва разбира дека тоа ќе го постави теренот за понатамошна дестабилизација во регионот, бидејќи Србија, Грција и Албанија ги застапуваат сопствените историски и територијални претензии во земјата.

Опасен предлог

Обидувајќи се да постигне успех, францускиот претседател Емануел Макрон - по катастрофата на парламентарните избори што го ослабе на домашен терен - го изнесе последниот предлог за укинување на ветото неделава на состанокот на Советот на ЕУ предводен од Франција. Прекршувајќи го протоколот на ЕУ, Париз ќе и дозволи на Софија да ги внесе своите билатерални барања во формализираниот преговарачки процес со ЕУ - опасен чекор не само за Северна Македонија, туку и за целата ЕУ. Скоро секоја идна членка на ЕУ има сосед кој сака да ги исправи наводните историски грешки. Украина, која бара кандидатура за ЕУ, е предмет на засилени реваншистички претензии од Унгарија. Бугарскиот преседан ќе му овозможи на унгарскиот премиер Виктор Орбан да бара слично разгледување на ЕУ за барањата на Будимпешта против Киев. Доколку биде прифатен во Софија, францускиот предлог би можел да исповоцира политичка криза во Северна Македонија. Според условите, македонската Влада добива симболично политичко отворање на преговорите со ЕУ, а потоа Скопје мора да усвои уставен амандман - за кој е потребно двотретинско мнозинство - со што во Преамбулата се внесува бугарската националност. Со тоа, ЕУ ќе ја признае официјалната бугарска позиција за историјата и културата. Како близок соработник на Орбан, Оливер Вархеји, ќе биде функционерот на Европската комисија задолжен за проценка на македонските перформанси.

Се' е ставено на коцка

Бајден сега е соочен со симултана катастрофа кај двајца сојузници на НАТО - хаос што првично го создаде третиот сојузник, Франција. Макрон беше тој што ја охрабри бугарската опструкција на прво место ставајќи го сопственото вето во ЕУ против Северна Македонија во 2019 година. Благодарение на бугарското вето, три балкански земји - Албанија, Северна Македонија и Србија - размислуваа да го бојкотираат Самитот за Западен Балкан, чиј домаќин е Франција.

Многу работи се ставени на коцка за да се остави да се одигра пропаднатата дипломатија на францускиот претседател. Вашингтон треба да ја надополни француската понуда со додавање на состојката што недостасува: наметнување на цена за Бугарија за нејзината идентитетска агресија. Екстремниот бугарски национализам има една сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет. Решението е Соединетите Американски Држави (и сојузниците како Обединетото Кралство, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Северна Македонија што го потврдува македонскиот идентитет.

Договорот би можел да биде склучен брзо согласно неодамна отворениот Стратешки дијалог меѓу САД и Северна Македонија. Клучниот текст би требало да биде земен од членот 7 од Договорот од Преспа - спогодба почитувана преку Атлантикот. Владата на САД едноставно „ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик“ - токму таков идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат.

Како одговор, Радев, најверојатно, ќе удри против САД и ќе мобилизира антиамерикански протести. Тоа е цена што вреди да се прифати за да се заштитат американските интереси. Прво, додека Радев ја држи македонската карта, Петков останува ранлив. Францускиот предлог на никаков начин не ја отстранува способноста на Софија да врши притисок врз Скопје, што значи дека Радев може да изврши притисок врз Петков или која било прозападна влада.

Одземање на навредливата македонска карта

За да се маргинализира проруското влијание во Бугарија потребно е конечно да им се одземе навредливата македонска карта на Радев и неговите соработници. Вистината е дека проруските националисти како Радев - и српскиот Вучиќ - немаат стратешка опција за Русија. Ова беше факт пред 24 февруари и е уште повеќе случај по катастрофалната руска инвазија на Украина. Мрежата на односи со Западот е премногу силна за да се прекинат врските. Исто како што Вучиќ ја користи косовската карта за да ја одржи својата дволичност, така и Радев и неговите партнери го искористуваат македонското прашање за да ја одржат Бугарија поделена меѓу проруски и прозападни тенденции.

Токму со тоа Петков сака да расчисти. Но, тој не може да го направи тоа без надворешно ограничување на навредливиот национализам. Со обезбедување на силна политичка одбрана на идентитетот на Северна Македонија - слична на голема воена помош за одбрана на територијата на една нација - Бугарија би се соочила со реалноста: бесмислената залудност на нејзината мисија.

Како што Путин не може да ги убеди Украинците дека тие се навистина Руси, Радев и компанија не можат да бараат Македонците да го започнат процесот на предавање на својот идентитет на Бугарија. Во Бугарија ќе има метеж, но веќе има метеж и гласање за недоверба. Исто така е веројатно дека вината за секој американско-македонски договор ќе му прикачена на Радев, откако Бугарите конечно ќе видат директна цена за злоупотребата на членството на Софија во ЕУ. Во моментов, изолацијата во ЕУ е скромна, што е прифатлива цена во Бугарија.

Францускиот предлог ќе пропадне

Второ, реалноста во Северна Македонија е дека францускиот предлог истовремено ќе пропадне и сериозно ќе го ослабне прозападното раководство на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.

Вашингтон треба да ја употреби својата моќ за да се справи со проблемот: со опипливата и разбирлива несигурност што ја имаат Македонците од заканувачкиот сосед кој е дел од ЕУ и НАТО. Идејата за афирмирање на македонскиот идентитет е нормална работа за искусен политичар како што е Бајден. Како претседателски кандидат во август 2020 година, Бајден издаде изјава во која им ја честита на македонските Американци годишнината од Илинденското востание - што е меѓу спорните историски настани што ги нарушуваат бугарско-македонските односи. Американскиот претседател Џорџ В. Буш создаде преседан во оваа сфера, кога неговата администрација (поради грчките приговори) го призна она што тогаш се нарекуваше Република Македонија со нејзиното уставно име во 2004 година, за да спречи избувлива етнонационална криза. Заедно со придобивките, официјалното потврдување на македонскиот идентитет е исто така вистинската работа - средство за запирање на малтретирањето во стилот на Кремљ од страна на еден сојузник на НАТО против помал сојузник на НАТО кој бара свое место во Европската Унија.


Фотографии: Sebastian Bieniek
Целиот текст:
Foreign policy