Почнете да се радувате!

24.06.2022 13:19
Почнете да се радувате!

Од новата книга за деца на Владимир Лукаш ПУ ЗА МИТЕ, ПУ ЗА СИТЕ пренесуваме десет песни.


ХИМНА
Какви животни има во чудната шума?

Лисица-напрсток и желка од гума,
мравојад-еж и гумена пума,
крава-волк со вештачки колк,
папагал монах заветен на молк,
шимпанзо-банана кое себеси се грицка,
глувче-нарцис кое везден се лицка.

Какви растенија живеат таму?

Џуџеста секвоја со клун како паун,
манго кое пее како Џејмс Браун,
баобаб-стоногалка со гумени гранки,
лијани кои мислат дека се санки,
лотосов цвет алергичен на вода,
кактус облечен по најнова мода.

Сешто има во таа шума чудна,
дури и мечка зиме што е будна.
Но, тоа што сите чудношумци го знаат,
и оние што мјаукаат и оние што лаат,
без оглед дали е декември или мај,
Чудната шума е нивниот рај.

 

ШАРЕНА ПРЕОБРАЗБА
„Не сакам да се преобразам,
оти многу ќе се вообразам!
Вечно сакам гасеница да бидам,
од лист на лист да си идам,
да си останам слатко цуце,
бавничко зеленко буце“
– гасеницата на кожурецот му рече,
една пеперутка утрово што го слече.
А кожурецот со рамена слегна,
срце од жал му се стегна.
„Гасениче, животот е тоа,
барем не си песја болва.
Против природата не може да идеш,
гасеница си денес, утре пеперутка ќе бидеш.“

 


ЧАЕВИ ОД КАМИЛИЦИ И МЕНТИ

Една сè уште неоткриена болва,
со години едно куче си колва.

Како не ја откриле, кај била до сега,
некој ќе ја видеше, кај ли ќе бега?

Си живее таа на неоткриен пес,
понекогаш весел, понекогаш в бес;

си живее и си има убава вила,
со фонтани и лустери од свила,

со џуџиња и бебиња-аеродроми
со ниви полни неплачлив кромид,

со сите неоткриени елементи,
со чаеви од камилици и менти.

Си живее таа во свет без грешка,
дур неоткриениот пес си се чешка.

МЕД ОД ОСИ
Какарумба и Тутумунда,
боси се нашле в тундра.

Какарумба носел бунда сина,
Тутумунда – шал од глина.

Какарумба изградил вила,
Тутумунда му ја зел на сила.

Какарумба се тресе од студ,
Тутумунда гали лебед в скут.

Какарумба се стори глечер,
Тутумунда мек леб си пече.

Какарумба се стопи, в река се сли,
Тутумунда си намачка мед од оси.

 

ГИТЛА
Лисецот Диониз
изеде кнедла од гриз
и почна да трча ко ној
што бега од пчели рој.
Трчаше тој 100 на час
и пееше со длабок глас
за неговата убава лиска
в поточе што се плиска.
Трчаше и слушна „СТОЈ!
Обиколи го имотот мој!
Имаш ливади еден куп,
гитла, оти ќе те ставам в ќуп!“
– му викна мечокот Јосиф
со глас толку див
што и орел би се стресол
и од страв јајце би снесол.
Лисецот Диониз му рече: „Извини,
се занесов од премногу кривини,
трчањето ми создава екстаза,
еве, веднаш менувам стаза“.

 

ФИНТАЏИЈА-РИТАЏИЈА
Брливиот лос со голем нос
сретнал еден јарец ќос,
го прашал дал знае да лета,
ил само ко улав си шета.

Јарецот ќос, без чевли, бос,
му рекол оти чека брз воз
и си извадил од својата торба
вкусна, свежо приготвена чорба.

„Сакаш да пробаш?“ – го прашал
и направил гримаса ко шапшал.
„Благодарам, си носам пита“
– одговорил лосот и почнал да рита.

Онака си ритал брливиот лос,
колку за финта, колку за штос.
„Ми беше драго, но морам да одам“
– рекол лосот и скокнал во вода.

ЈАМБОЛИЈАВА СЕ ПРОДАВА?
Една мала алпака
си имаше летна мака:
ѝ беше ептен жешко
под крзното тешко.

„Како јамболија е,
од мене пот лие,
не можам веќе,
морам да го слечам!“

И тргна пеш од Чиле
до границата со Еквадор
кај познатиот бербер Циле
– озборувачот-гњаватор.

И дур крзно ѝ сечкаше
и со ножички ѕвечкаше,
таа сфати оти направи грешка
и почнаа солзи да ѝ течат.

„Крзното ми е судено
оти на Андите е студено.
Да се стрижам се дрзнав
и сега ќе се мрзнам...“

Но, пред да го напушти
дуќанот запуштен,
виде под една фолија
– црвена јамболија.

„Јамболлијава се продава?“
– праша таа милно.
– „На сметката ќе ја додадам“
– одговори Циле.

И така,
малата алпака
си доби што си сака
без голема мака.

СЕНЕШТОВЕЛАЧИ
Што ли сака кенгурот да каже?
Абориџините велат: А зине – лаже!
Англичаните велат: Сака пудинг!
Тасманијците велат: Со ѓавол сака в ринг!
Маорите велат: Сака да јава баракуда!
Австралијците велат: Сака златна руда!
Печалбарите велат: Носталгија го мачи!
Математичарите велат: Мрази задачи!
Атлетичарите велат: Не му се скока веќе!
Градинарите велат: За венче бара цвеќе!
Физичарите велат: Го побива Ајнштајн, ах!
Музичарите велат: Си пее кантати од Бах!
Архитектите велат: Му се гради пирамида!
Конспираторите велат: Ја нашол Атлантида!

Кенгурот ги гледа и се чуди,
но не е човек па да им суди.

МЕДУЗА ВО СИНА БЛУЗА
Една ретка медуза
во сина свилена блуза
низ длабочини си шетка,
низ струи си летка.

Мозок нема, а не ѝ ни треба,
умна е ко невидлива амеба,
побрза од сунѓер морски,
постара од столб дорски.

Си јаде планктони,
крцкави ларви на тони,
боцкави ракчиња црвени
и мали играчки дрвени.

Си легнува врз алги меки,
ја масираат подземни реки,
си сонува авантури бројни
низ коралите стобојни.


ЛАЈОШ И ЦВЕТОТ
Едно куче низ шума се шлае
и на сè што ќе види – му лае.

Лае на верверички, на рисови,
на реки, низини и висови,

лае и на петкаши и на кецаши,
лае и в сон, сништата ги плаши.

Лае кога пие, лае кога јаде,
сите гледаат да фатат џаде.

В шума само „ав, ав“ се слуша,
ни за миг не запира песот бушав.

Само кога цути еден редок цвет
замолкнува тој вревливко клет.

Крај цветот лежи, нежно го душка,
дур пупката вљубено му шушка.


Цртежи: В. Лукаш

Извор: Владимир Лукаш - ПУ ЗА МИТЕ, ПУ ЗА СИТЕ (Чудна шума, 2022)

Слични содржини

Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност
Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото