Инфлацијата како политичка игра на моќ која тргнала наопаку

24.06.2022 15:10
Инфлацијата како политичка игра на моќ која тргнала наопаку

Играта на меѓусебни обвинувања во врска со растечки цени е во полн ек. Дали главна причина за инфлацијата беше преголемото количество на пари кое централните банки ги пуштаа во оптек премногу долго време? Дали причината е Кина, каде што се премести најголем дел од физичкото производство пред пандемијата да ја затвори државата и да ги попречи глобалните синџири на снабдување? Дали причината е Русија, чија инвазија врз Украина го огромна мера го попречи глобалното снабдување со природен гас, нафта, жито и вештачки ѓубрива? Дали станува збор за некаков суеверен премин од штедење во периодот пред пандемијата кон неограничена фискална дарежливост?

Одговорот е таков кој учениците никогаш не би го добиле на еден тест: сè од горенаведеното и ништо од горенаведеното. Главните економски кризи често бараат повеќе објаснувања од кои се точни, но кои притоа ја пропуштаат поентата. Кога Вол Стрит колабираше во 2008 година и кога се случи глобалната Голема рецесија, беа дадени разни објаснувања: регулаторно „заробување“ од страна на финансиери кои дојдоа на местото на индустријалците во капиталистичкиот редослед на нештата; културолошка склоност кон ризични финансии; неуспехот на политичарите и економистите да направат разлика помеѓу новата парадигма и огромниот балон; и редица други теории. Сите тие беа валидни, но ниту една од нив не навлезе во суштината на проблемот.

Истото важи и денес. Монетаристите со ставот „ете, ви кажавме“, кои предвидуваа висока инфлација уште откако централните банки значително ги проширија своите биланси на состојба во 2008-та година, ме потсетуваат на радоста што таа година ја почувствуваа левичарите (како мене) кои постојано ја „предвидуваат“смртта на капитализмот која е толку близу – нешто слично на часовник кој не работи и кој два пати во денот го покажува точното време.

Секако, со создавањето на огромни пречекорувања на салдото од страна на банкарите со лажна надеж дека парите ќе се слеваат во реалната економија, централните банки предизвикаа инфлација на цените на средствата од епски пропорции (процут на пазарите на капитал и станови, крипто лудилото и многу повеќе).

Сепак, приказната на монетаристите не може да објасни зошто главните централни банки не успеаја во периодот од 2009 до 2020 година дури и да го зголемат количеството пари што циркулира во реалната економија, а камоли да ја поттикнат инфлацијата на потрошувачките цени до нивната цел од 2%. Причината за инфлацијата мора да се наоѓа во нешто друго.

Прекинот на синџирите на снабдување кои орбитираа околу Кина очигледно имаше значајна улога, како и руската инвазија на Украина. Но, ниту еден од факторите не ја објаснува „промената на режимот“ на западниот капитализам, која се случи одеднаш, и тоа од преовладувачка дефлација кон нејзина спротивност: сите цени се зголемуваат истовремено.

Ова би значело инфлацијата на платите да ја надмине инфлацијата на цените, предизвикувајќи на тој начин спирала која се храни самата себе, при што растот на платите резултира со уште понатамошни зголемувања на цените кои, пак, предизвикуваат платите повторно да се зголемуваат, и сè така до бесконечност. Само тогаш би било разумно за централните банкари да бараат работниците „да се жртвуваат за тимот“ и да се воздржат од барање на повисоки плати.

Но, денес е апсурдно да се бара работниците да се откажат од зголемувањето на платите. Сите докази упатуваат на тоа дека, за разлика од 1970-тите години, платите се зголемуваат многу побавно отколку цените, а сепак порастот на цените не само што продолжува туку и се забрзува.

Значи, што навистина се случува? Мојот одговор е игра за моќ која трае половина век и која е предводена од корпорациите, Вол Стрит, владите и централните банки, и која тргна на лошо. Како резултат на тоа, властите во западните земји сега се соочуваат со невозможен избор: да ги втурнат конгломератите и државите во каскадни банкротства или да ѝ дозволат на инфлацијата да „дивее“ без контрола.

Веќе 50 години, американската економија го одржуваше нето-извозот на Европа, Јапонија, Јужна Кореја, потоа на Кина и на другите економии во развој, додека лавовскиот дел од нивната добивка потоа се слеваше кон Волстрит во потрага по повисоки приноси. На задната страна од ова цунами од капитал што се слеваше накај Америка, финансиерите градеа пирамиди од приватни пари (како што се опции и деривати) за да ги финансираат корпорациите кои градат меѓународен лавиринт составен од пристаништа, бродови, магацини, места за складирање и патишта и железници. Кога падот на економијата во 2008 година ги изгоре овие пирамиди, целиот финансиран лавиринт на глобалните навремени синџири на снабдување беше загрозен.

За да се ​​спасат не само банкарите, туку и самиот лавиринт, централните банкари се вклучија во тоа да ги заменат пирамидите на финансиерите со народни пари. Во меѓувреме, владите ги намалуваа јавните трошоци, работните места и услугите. Тоа не беше ништо друго туку раскошен социјализам за капиталот и сурово штедење за трудот. Платите се намалија, а цените и профитот стагнира, но цената на средствата купени од богатите (а со тоа и нивното богатство) вртоглаво се зголемија.

Така, инвестициите (во однос на расположливите пари) се намалија на историски минимум, капацитетот исто така се намали, пазарната моќ се зголеми, а капиталистите станаа побогати и позависни од парите на централната банка повеќе од кога било.

Тоа беше нова игра за моќ. Продолжи традиционалната борба меѓу капиталот и трудот за зголемување на нивните соодветни удели во вкупниот приход преку зголемување на марите платите, но таа повеќе не беше извор на најголем дел од новото богатство. По 2008 година, универзалното штедење доведе до ниски инвестиции (побарувачка на пари), кои, во комбинација со обилната ликвидност на централната банка (понуда на пари), ја задржаа цената на парите (каматните стапки) блиску до нула.

Со опаѓањето на продуктивниот капацитет (дури и новите станови), со ретките добри работни места и со стагнирање на платите, богатството триумфираше на пазарите на капитал и недвижности, кои беа одвоени од реалната економија.

Потоа се случи пандемијата, која промени една голема работа: владите на западните земји беа принудени да канализираат некои од новите реки на пари кои потекнуваа од централните банки кон затворените маси во рамките на економиите кои, низ децениите, го исцрпуваа својот капацитет да произведуваат работи и беа соочени со разбиени синџири на снабдување.

Бидејќи субјектите (во периодот на заклучување) потрошија дел од своите пари на оскуден увоз, цените почнаа да растат. Корпорациите кои имаа големо хартиено богатство одговорија со искористување на нивната огромна пазарна моќ (која се отвори поради нивниот намален капацитет за производство) за да ги зголемат цените до недоглед.

По две децении на зголемени цени на актива и раст на корпоративниот долг, поддржани од централните банки, сè што беше потребно беше мала инфлација на цените за да се стави крај на играта на моќ што го обликуваше светот по 2008 година, а преку сликата на повторно оживеана владејачка класа. Па, што се случува сега?

Веројатно ништо добро. За да ја стабилизираат економијата, властите најпрво треба да стават крај на преголемата моќ што им се дава на малкумина преку политичкиот процес на хартиено богатство и преку создавање евтини долгови. Но, малкумина нема да ја предадат власта без борба, дури и ако тоа значи „целосно гинење“ и повлекување на целото општество со себе во бездната.

Илустрации: Ристо Аврамовски

Извор: Рес Публика/Project Syndicate, 2022

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото