„Баба“ и „Теорија за кучешката година“ (извадоци од романите)

27.06.2022 09:50
„Баба“ и „Теорија за кучешката година“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Баба“, Луан Старова, („Паблишер“)

Во куќата на битолскиот валија Етхем –бег, откако си замина идниот зет Ахмет - бег и беше одредена скорешната свадба, завладеа раздвиженост и радост. Првин за радосната вест беа известени родителите на младата Хазбије во Цариград. Тие не беа многу изненадени од убавата вест, зашто на заминување во Турција му беа порачале на валијата, ако среќата затропа на портата на младата Хазбије, да не ја затвораат. Никогаш не се знае среќата на младата челад, лесно може да дојде, но лесно може и да ја заобиколи.

Тогаш меѓу побогатите, но и меѓу посиромашните семејства, никогаш не се прашуваше за годините на свршеникот, најзначајно беше да се биде од добро семејство и при пари.

Никој не прашуваше за љубовта, таа секако ќе дојдеше, ќе се случеше подоцна, со раѓањето на децата, создавањето на новото семејство. Љубовта требаше да трае во текот на целиот живот. На таква љубов тетка Фатма ја „подучуваше“ својата внука Хазбије, идната невеста.

Хезбије немаше повеќе од шеснаесет години, беше на залезот на детството и почетокот на раната младост.Таа беше презрела за своите години. Уште рано во животот ги совлада сите тајни на куќата, готвеше, чистеше со својата мајка, вешто го провлекуваше конецот во иглата, шиејќи уште многу рано во животот дел од чеизот, иако немаше абер за мажачка.

И сега, кога се случи, беше полесно, требаше само да се надополни убавиот чеиз. Излезе тетка Фатма со својата внука Хазбије по богатите битолски магази, да купат разнобојна басма и разни облеки за бовчалаци. Другото беше пратено од Цариград.

Тетка Фатма настојуваше во секој слободен миг да ја подучува внуката Хазбије за тајните на бракот, иако беше свесна дека секој брак си е неповторлива тајна за себе. Имаше некои непишани правила кај муслиманските, но и другите балкански семејства, коишто беа заеднички и не се менуваа.

„Бракот, ќерко мила - велеше Фатма ан’м – е за еден цел живот! Така треба да го разбереш уште од првиот ден. Нема никогаш враќање!“

Младата Хазбије внимателно слушаше, иако во себе размислуваше, се обиде да изгради свое мислење, свој став.Но секогаш покорно молчеше, што дополнително ја охрабруваше тетка Фатма да продолжи:

„Ќерко, во еден успешен брак не можат да командуваат и мажот и жената! Кај нас обично се вели дека командува мажот.“

Младата Хазбије повторно молчеше, но добро разбра каде цели тетка Фатма: во бракот командува мажот, но врз плеќите на жената лежи куќата, растат децата, се одржува среќата на семејството.

„И не заборавај, мила: бракот е еден заеднички живот.Ти си во посебна положба. Ти се определуваш да му го донесеш новиот живот на Ахмет – бег, откако тој остана сам.

Ти си однапред исправена пред големи маки:со својата младост да ја одржуваш староста на твојот иден сопруг. Нема сигурно да ти биде лесно, но од тие маки ќе се создаде семејството кога ќе дојдат децата, а тоа ќе биде заедничката радост.“

Умната Хазбије забележуваше како тетка Фатма убаво и поучно зборува за убавината и смислата на бракот, за мажот и жената кои избрале да живеат во спокој и тишина прекинувана од детските плачови, но таа никогаш не го изговараше зборот љубов, иако сето тоа беше љубов!

„И не заборавај, ќерко Хазбије, ќе имаш брак каков што ќе си го заслужиш!“

„Теорија за кучешката година“, Милован Стефановски, („Матица“)

Ете, најпосле дојде времето толку долго што го чекав: дочекав да бидам постар од тебе!И покрај долготрајното чекање првата помисла што ми доаѓа е дека јас се чувствувам неподготвен! По малку дури и исплашен. Чувствувам како невидлива, мазна и студена топка од внатрешната страна ми го допира градниот кош, се лизга надолу кон стомакот, потоа наврапито се качува нагоре се до грлото и нагло се преместува назад кон грбот.И така продолжува во бескраен измачувачки вртеж. Некој вид невидлива центрифуга која има задача да ме оддели од самиот себе!

Сепак ме крепи тоа што дочекав да бидам постар од тебе! Од почит кон твојата личност некако само ми доаѓа заменката тебе да ја изговорам како да е со голема буква ама не успевам или можеби не умеам. Знам дека во пишаните црковни проповеди заменките што се однесуваат на значајни, возвишени свети лица секогаш имаат голема почетна буква и многупати сум бил убеден дека тие што ги читаат или наизуст ги говорат таквите текстови умеат тоа посебно да го нагласат.Но, во мојов раскажувачки обид, тоа сега воопшто не е важно. Најважно е што од денес па натаму ти остануваш на твојата возраст со која си замина од овој свет, се пресели во вечноста или, со еден збор кажано: се упокои, а јас, онолку долго колку што ќе ми биде дадено од судбината, во иднина само ќе ја зголемувам возрасната разлика меѓу нас.Поточно: ќе бидам сѐ постар и постар од тебе!Не, воопшто не е ни чудно ни неверојатно да се биде постар од некого. Напротив, многу е нормално. Необичното во нашиов случај е тоа што ти си ми татко, а јас сум твој син! Ете, тоа е тој податок што ја скокотка мојата возбуда од новата поставеност меѓу нас и во исто време ја подгрева љубопитноста како сега ќе продолжи нашиов разговор, поточно моево монолошко обраќање до тебе, единственото нешто што никогаш не престана, не тивна, не се олади, ниту додека ти беше жив ниту во годините откако засекогаш ги склопи очите. И тоа без разлика дали сме блиску, еден до друг, на исто место, или, пак, сме оддалечени, во различни градови, па дури и во различни држави и континенти.

Од твоето заминување во вечноста требаше да поминат толку години колку што си имал ти кога си го добил првиот син, односно кога сум се родил јас, за да си ја израмниме возраста!Точно толку време помина од денот кога вујко ми, помалиот од двајцата браќа на мајка ми, многу нетактично, дури и грубо, ми ја соопшти тажната вест дека ненадејно престанало да чука твоето срце, дека веќе не си жив.Не знам зошто досега не сум ти кажал ништо за тој настан. Тоа претпладне на враќање од блиската самопослуга, уште оддалеку, ја видов вујковата кола паркирана пред куќата во којашто тогаш живеев во големиот град. Не ќе ја препознаев ниту колата ако не го здогледав него наведнат над отворениот багажник.Тарашкаше со рацете вотнати внатре божем нешто пребарува. Сигурно ме видел дека доаѓам и кога му се доближив на два чекори нагло се заврти, внимателно ми ја пружи раката како да се поздравува со некој непознат и, без заобиколување, студено изусти: „Умре татко ти“.Изгледаше збунет, како начекан на место на кое не смее никако да биде. Јас останав здрвен, скаменет, со чувство дека некое остро сечило како од небо паднато, брзо и безболно, вертикално ме пресекло, па секој миг очекувам двата дела на моето тело, на различни страни да се струполат на асфалтот.Немав време за никаква реакција по таквата жестока и неочекувана вест кажана директно в лице. Отпосле, откако завршија сите церемонии околу твојот погреб, секогаш кога ќе се сетев на таа средба се прекорував себеси зошто тогаш на вујко ми не му направив ништо; барем да го зграпчев за јакната под вратот и луто да го прашав чуму му е толкаво количество грубост во невреме.Знам дека ти, татко, не би оправдал таква моја постапка. Можеби затоа тогаш ништо не му реков.

ОкоБоли главаВицФото