Бугарското вето по ветото

28.06.2022 11:46
Бугарското вето по ветото

Извор: Дојче веле

Бугарија и натаму ја блокира ЕУ интеграцијата на Северна Македонија, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во текстот со наслов „Вето по ветото" објавен во неделата.

„Она што минатата недела беше прославено како ‘отстранување на бугарското вето' за почеток на пристапните преговори со ЕУ на Северна Македонија, по подетална проверка всушност е негово заострување. Парламентот во Софија со големо мнозинство, формално гласаше за отстранување на ветото. Но во ставот беа приклучени услови кои всушност значат ново вето. Владата во Скопје го сфати тоа и ги одби бугарските барања. Со тоа, почетокот на преговорите со ЕУ за Северна Македонија е исто толку неверојатен како и претходно.

Маневрот во Софија повеќе делува како некаква бугарско-француско лукавство, кое ќе ја тргне Бугарија од фокусот на критиките, а Франција, на крајот на своето претседавање со ЕУ, ќе може да прикаже барем некаков успех во политиката на проширување на ЕУ на Балканот.

Париз игра голема улога во оваа приказна уште од 2019 година. Откако на барање на Грција, по тешки внатрешни дебати Македонија се преименува во Северна Македонија, во Скопје доаѓаа канцеларката Ангела Меркел, Урсула фон дер Лајен (како тогашна министерка за одбрана) и други европски политичари, за да го поддржат преименувањето, кое потоа требаше да и го ослободи европскиот пат на земјата.

Но тоа не се случи, меѓу другото и затоа што неколку месеци подоцна Париз беше движечката сила која го блокираше почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија“, пишува ФАЦ.


Што изгласа Софија

Весникот натаму анализира што всушност изгласал бугарскиот парламент, и какви се барањата на Софија кон Скопје.

„Па така, Северна Македонија мора да го исполни Договорот за добрососедство од 2017 година, а тоа треба да се надгледува и потврди од Европската комисија. Но дефинициите за тоа што се договорните обврски, ги одредува Софија. Дел од Договорот за добрососедство, според читањето во Софија, е очекувањето Северна Македонија да го прифати бугарскиот наратив за ‘заедничка историја' на двете земји. Дополнително, Бугарија бара од Северна Македонија да го впише неколку илјадното бугарско малцинство во Уставот како конститутивен народ."

„(...) Парламентот во Софија исто така потврдува дека Бугарија во претстојните пристапни преговори со Северна Македонија нема да го признае постоењето на македонскиот јазик. Македонскиот, според интерпретацијата на Софија, имено е само варијанта на бугарскиот, кој не смее да се означува со тоа име, најмалку во Бугарија."

Од македонска страна, пишува натаму ФАЦ, голем дел од бугарските барања се отфрлаат.

„Барањата кои целат кон македонскиот јазик или идентитет категорично се отфрлаат. Тоа беше суштината и на македонско-грчкото помирување. Македонија се преименува во Северна Македонија, но јазикот и идентитетот, согласно договорот од 2018 година, останаа македонски. Грција прифати дека словенското мнозинско население во Северна Македонија во етничка смисла се дефинира како македонско и зборува на македонски јазик, па така барањата во Уставот да се зборува за „северномакедонски" народ или јазик, станаа беспредметни.“

„Тоа е суштината на бугарскиот став: Тој во голема мерка ги засега идентитетските прашања и всушност бара самооткажување од Македонците, и затоа ниту една влада во Скопје не може да го прифати.

Има и одржливи барања од Софија кон Северна Македонија, како на пример отворањето на македонските архиви од комунистичкото време. Во поранешната социјалистичка Југославија Бугарите беа цел на репресии. Разбирливо е што историските истражувачи во Бугарија сакаат да ги видат архивите во Скопје.

Но, оправданите или барем разбирливите бугарски барања се губат во плетката апсурдни претензии кои изгледаат застарени. Таквите ставови бугарскиот парламент само ги зацврсти, додека тврдеше дека наводно го отстранува ветото за Северна Македонија. Всушност, тоа ќе остане уште долго“, заклучува ФАЦ.

ОкоБоли главаВицФото