Македонската премиера на „Мими“ ќе го отвори годинешниот „Синедејс“

28.06.2022 14:46
Македонската премиера на „Мими“ ќе го отвори годинешниот „Синедејс“

Македонската премиера на долгометражниот филм „Мими“ ќе го отвори овогодинешното издание на Фестивалот на Европски Филм „Синедејс“, на 7 јули (четврток) што ќе се одржи на покривот на ГТЦ.

Филмот е во сценарио и режија на Даријан Пејовски, а во продукција на Томи Салковски, односно копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора.

„Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството“, стои во краткиот опис за филмот.

Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други. Дејан Димески става свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Копродуценти на филмот се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Филмот е селектиран во SEE програмата на Фестивалот и ќе се натпреварува за една од наградите.

По Синедејс ќе биде прикажан на 69. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, еден од централните филмски настани на овие простори. „Мими“ учествува во натпреварувачката Меѓународна програма на Фестивалот, која ќе прикаже вкупно 11 наслови од Полска, Израел, Латвија, Романија, Франција, Турција, Шпанија, Австрија, Србија, Хрватска, Северна Македонија, Украина, Чешка, од кои дел наградени и на најпрестижните фестивали низ светот.

Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

ОкоБоли главаВицФото