Екстрадицијата на Асанж - закана за истражувачкото новинарство

28.06.2022 18:03
Екстрадицијата на Асанж - закана за истражувачкото новинарство

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател минатата недела го одобри барањето на американската влада за екстрадиција на издавачот на Викиликс, Џулијан Асанж во Соединетите држави, каде што се соочува со обвинениja за кршење на 17 точки од Законот за шпионажа и една за хакирање, кои заедно носат максимална затворска казна од 175 години. Пател тоа го направи еден месец откако судот во Лондон ја прифати жалбата на американската влада на претходната пресуда, според која екстрадицијата беше одложена поради хуманитарни причини, односно поради неговата тешка здравствена состојба. Американската влада на ова одложување одговори со „гаранции“ дека Асанж нема да биде затворен во институција во која се спроведува систем на целосна изолација, а британската судијка ги сметаше тие гаранции за доволно убедливи. Сепак, тие не беа сметани за такви од страна на адвокатите на Асанж, кои за тоа имаа намера да поднесат жалба, но не им беше дозволено. Сепак, тие можат да се жалат на одлуката на министерката за екстрадиција, а доколку и таа жалба биде одбиена, Асанж ќе биде екстрадиран во САД во рок од 28 дена.

Ако тоа се случи, ќе започне процес пред американскиот суд, кој би можел да има несогледливи последици за истражувачкото новинарство, со оглед на тоа што може да резултира со пресуда која ќе го изедначи таквото новинарство со шпионажа. Асанж во лондонскиот високобезбедносен затвор Белмарш се наоѓа од април 2019 година, откако претходно помина седум години притворен во амбасадата на Еквадор во тој град. Неговиот судски прогон започна во 2010 година, откако Викиликс објави документи кои содржат силни индиции дека американската војска извршила воени злосторства во Ирак и Авганистан. Таа година против него беше отворена истрага за сексуално насилство во Шведска, а беше затворена поради недостиг на докази девет години подоцна, еден месец откако Асанж беше уапсен. Во меѓувреме, американското државно обвинителство го прошири првичното обвинение за хакирање, а обвинението не беше отфрлено дури ни откако неговиот клучен сведок, поранешниот волонтер на Викиликс, Сигурдур Тордарсон, минатата година призна за исландскиот весник „Стундин“ дека ги измислил обвинувањата против Асанж. Ова уште еднаш потврди дека Асанж е политички затвореник, што ги поттикна сите релевантни меѓународни новинарски здруженија и организации за човекови права во повеќе наврати да бараат отфрлање на обвинението, кое претставува еден од најлошите напади врз слободата на медиумите во последно време.

На апелите од голем број политички кругови, главно од земјите од Латинска Америка, неодамна им се придружи и францускиот левичарски лидер Жан-Лук Меланшон, кој во пресрет на парламентарните избори вети дека доколку стане премиер на Асанж ќе му понуди државјанство. Три дена откако Пател ја потпиша одлуката за екстрадиција, беше објавено и дека Националниот суд во Шпанија го повикал на сослушување поранешниот директор на ЦИА, Мајк Помпео. Судот во Мадрид претходно отвори истрага за вмешаност на шпанската безбедносна компанија UC Global во незаконскиот надзор и прислушување на Асанж во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што биле вработени нејзини чувари. Се сомнева дека UC Global бил вклучен во планот на ЦИА да го киднапира Асанж од амбасадата и, доколку е потребно, да го убие, што беше објавено од Yahoo! News во обемна новинарска истрага минатата година. Помпео, кој беше директор на ЦИА за време на мандатот на Доналд Трамп, беше и првиот високoпозициониран американски функционер кој јавно ја артикулираше намерата Викиликс правно да се изедначи со шпионска организација.

Извор: Portal Novosti
Слики:  Simon Dawson/Reuters; Jack Hill/News Syndication/PIXSELL