Украина во ЕУ

29.06.2022 00:18
Украина во ЕУ

Колку само една војна може да го промени светот! Пред само четири месеци, лидерите на Франција, Германија и Италија не можеа ни да помислат да пружат поддршка за кандидатурата на Украина за членство во ЕУ. Минатиот четврток се собраа во сончевиот Киев и ентузијастично го поддржаа барањето на Украина да биде примена. Ако нивниот став се потврди на самитот во ЕУ следната недела, откако и Европската комисија даде позитивно мислење, тоа, според изјавата на претседателот Володимир Зеленски по оваа средба, би можела да биде „една од клучните европски одлуки во првата третина на 21 век“ и почеток на нова рунда ширење на ЕУ на исток - настан кој не е помалку значаен од проширувањето до кое дојде по завршувањето на Студената војна, во првата деценија на 21 век, кога во два брана во ЕУ влегоа земјите од Естонија до Бугарија. Грчкиот филозоф Хераклит повторно е во право: „војната е мајка на сите нешта“.

Постојат две добри причини за прифаќање на Украина како кандидат за членство во ЕУ: прво, Украина го заслужи тоа. Второ, тоа е во најдобар долгорочен стратешки интерес на сите Европејци, што е причина дури поважна од првата.

Желбата на Украина да ѝ се придружи на ЕУ не е ништо ново. Никогаш нема да заборавам дека во Киев стоев на ледениот Мајдан во време на Портокаловата револуција 2004 година, опкружен со море европски знамиња. Никогаш не сум видел толку знамиња на ЕУ во некоја европска престолнина. Десет години подоцна, во 2014 година, одбивањето на претседателот Виктор Јанукович да го прифати договорот за придружување кон ЕУ започна нов бран демонстрации во Киев, кои останаа запаметени како Евромајдан.

Со оваа војна веќе изразената волја на украинскиот народ е потврдена. Статусот кандидат за членство во ЕУ е едно од трите главни барања кои Зеленски му ги упатува на Западот од самиот почеток на војната, покрај барањето за испорака на оружје и воведување санкции за Русија. Во неодамна спроведената анкета во западните и централните делови од земјата - заради војната, на истокот не беше можно да се спроведе анкетата - дури 89 проценти од испитаниците го поддржуваат членството во ЕУ.

Никој не може да оспори дека Украинците се борат и гинат за Европа. Образложувајќи го позитивното мислење на Европската комисија, еден висок претставник од Брисел рече: „Комисијата не заборава дека Украина е единствената земја во Европа во која пукаат во луѓе и ги убиваат зашто излегле на улиците со знамиња на ЕУ. Не можеме сега да им речеме: 'Жалиме, избравте погрешно знаме'“.

Таквата одлука е стратешки важна за Европа во целина. Тука не е во прашање само судбината на втората најголема земја по големина во Европа. Покрај препораката на Украина да ѝ се додели статус кандидат, со „целосно разбирање“ дека потоа е потребно да се преземат одредени конкретни чекори, комисијата препорача ист статус да ѝ се одобри на Молдавија која лежи помеѓу Украина и Романија, со „целосно разбирање“ дека ни се потребни промени со поширок зафат. Исто така, препорачано е отпочнување преговори за пристапување со Албанија и Северна Македонија. Потоа, тука се и западен Балкан, Грузија, можеби и демократска Белорусија.

Ако се спроведе добро, второто големо проширување на исток би ја направило Европската унија не само поголема и посамодоволна во производството на храна, туку економски и воено помоќна. Ние Европејците би се нашле во подобра позиција да ги одбраниме сопствените и вредностите на несигурниот ветромет помеѓу реваншистички расположената Русија, сè помоќната Кина и САД кои се на залезот. Но таквото проширување би подразбирало и понатамошно продлабочување на нашиот сојуз. Во спротивно заедницата од 35 членки би станала дисфункционална. На подолг рок, вклучувањето на Украина, Молдавија и Грузија значи дека Русија мора конечно да се помири со губењето на царството и да ја прифати улогата на модерна национална држава. (Примерот на Британија покажува колку долго може да потрае тој процес.) Затоа новиот бран проширувања на исток би бил важен чекор на патот до целосна и слободна Европа.

На тој пат нè чекаат многу неизвесности. Земјите како што се Холандија, Данска и Португалија сè уште се обидуваат да го отежнат, ако не и да го блокираат првиот чекор. Дури и ако „големата тројка“ на Европската унија - во која Италија на Драги го зазема испразнетото место со излегувањето на Велика Британија - успее да превлада на самитот, што се чини мошне веројатно, дали ќе има доволно политичка волја да продолжи долгорочната стратегија за проширување? Трошоците за обнова на Украина ќе бидат огромни. Воената штета веќе се проценува на 150 милијарди долари. Украина има шанса да го обнови срушеното, но единствено ако има значајни европски средства за реконструкција заедно со клучните реформи, вклучувајќи ја и битката против корупцијата.

Жителите на Европа во моментов го поддржуваат таквиот предлог: 66 проценти од европските државјани го одобруваат отворањето на вратата за Украина, покажа истражувањето на Евробарометар објавено во април. Така се изјаснија и приближно 57 проценти од испитаниците во 10 избрани европски земји во неодамна спроведеното истражување на Европскиот совет за надворешни односи. Но поддршката во Франција, Германија и Италија беше помала од 50 проценти. Како што ќе се повлекува бранот на воената солидарност со Украина, додека цела Европа почнува да ги чувствува економските последици од пандемијата и војната на Путин, оваа поддршка би можела дополнително да опадне. Медитеранските земји се жалат: „Зборувате само за истокот. Што ќе биде со југот?“ Тешката ситуација на Блискиот исток и северот од Африка, која наскоро ќе се влоши заради растот на цените на храната предизвикан од недостатоците на украинското и руското жито, може да создаде нова криза во тој дел од светот.

Друга опасност е можноста проширувањето да продолжи без неопходното продлабочување на сојузот. Тоа беше голем недостаток на првото проширување на исток. Резултат е тоа што Виктор Орбан во Унгарија практично ја демонтираше демократијата користејќи милијарди евра од ЕУ фондовите. Благодарение на начелото на едногласност неодамна доби можност да ја уценува ЕУ кога се дискутираше за предлогот со нов пакет санкции против Русија.

Веројатно дека наскоро ќе опадне ентузијазмот за проширување. Украина и Молдавија би можеле да се најдат во чистилиштето каде поголем дел од западен Балкан престојува веќе речиси две децении. По стекнувањето кандидатски статус, Северна Македонија 17 години чека на отворање преговори, заради противењето на Грција, а потоа и на Бугарија. Македонците сè уште веруваат во ЕУ, но во Србија поддршката за членство опадна од 70 на 37 проценти. Локалните елити во останатите земји би можеле да заклучат дека жонглирањето меѓу Европа, Кина и Русија е најдобра опција, онака како што во моментов прави претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Во тој случај источните и југоисточните рабови на ЕУ би се претвориле во зона на трајна нестабилност, отворени за влегување на Кина, Русија и други непријателски сили.

Патот е попречен со бројни пречки и погрешни свртувања. Сепак, како што вели кинеската пословица, патувањето од 10.000 милји започнува со првиот чекор. Првиот чекор е направен во добра насока.

22.06.2022

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/