„Ја знаете приказната за Волтер и Англичанецот?“

29.06.2022 12:41
„Ја знаете приказната за Волтер и Англичанецот?“

Фрагмент од интервјуто на Дино Ривадавиа со Борхес, 1982 година. Комлетното интервју е недостапно на интернет.

 

Дали знаете дека Камило Хозе Села1, кој инаку многу ве почитува, многу се налути кога еднаш зборувавте за Шпанија и шпанските новинари, па рековте дека транскрипциите на вашите изјави се многу лоши.

Не го познавам Села многу добро, тој е мошне лош шпански писател, зарем не?

Извинете, но јас многу го сакам. А сте слушнале за падот на цензурата2 во Шпанија?

Да, срамота. Ќе излезе човек на улица и ќе сретне господин, понекој од нив со брада, преоблечен не во жена, туку во Лујза Мерцедес Левинсон3. Облечени во кожа, со пердуви.

Шекспир се преоблекувал во жена. Се зборува дека многу добро ја одиграл улогата на Офелија, но тоа можеби не е вистина.

Не е. Мислам дека единственото што се знае со сигурност е дека ја одиграл улогата на сеништето, таткото на Хамлет. Останатото се приказни. На времето немаше глумици и глумците мораа да глумат жени. Тоа е интересна сплетка, маж да глуми глумица, преоблечена во маж. Денес е несфатливо дека на жените не им било дозволено да глумат. Не би сакал да звучам како феминист, но ми се чини дека тоа е ужасно.

Еднаш го прашаа Унамуно дали е феминист и одговори: „Да, секако, јас сум женкар.“

Не, тоа е погрешно. Женкарот не е нужно феминист. Обично женкарите ги презираат жените. Се сеќавам на еден пријател, мангуп, кој велеше: „тој што во еден замав мисли на некоја жена повеќе од пет минути не е маж туку лезбејка“. Мислеше дека вљубувањето е за педери. Се сеќавам дека еднаш рече: „Кога Креолец ќе види дупка, веднаш ѝ скока, не му е гајле дали е жена, маж или овца“.

Постојат студии за зоофилијата во селските средини, што е запрепастувачки. Приказните за Фауните, како се чини, воопшто не се толку дамнешни.

Во Соединетите Држави е издадена една серија кратки приказни наречена „Козји приказни“. Посветени се на сексуалните односи меѓу каубојците и козите. Еден мој роднина, којшто нема потреба да го именувам, но беше ранчер во Уругвај, му рекол на татко ми дека често имал односи со овци. Исто така му кажал дека тие што сакаат да имаат односи со кобили или други животни многу грешат, зашто овцата е направена за човекот. Имено, пробал со многу различни животни.

Се разбира, тука се работи за размери и пропорции. А треба да се земе предвид и добродушноста на овците, зарем не?

Ја знаете приказната за Волтер и Англичанецот? Англискиот филозоф го прашал Волтер што мисли за љубовта кон младите момци. Волтер му одговорил: „Филозофот треба сѐ да проба“. Поминале два или три месеца, се сретнале и Англичанецот му рекол на Волтер дека пробал со младо момче и дека искуството навистина му се допаднало. Волтер одговорил: „еднаш филозоф, два пати – педер“.

1. Camilo José Cela, 1916-2002, романсиер, поет, есеист. Добил Нобелова награда 1989.
2. Станува збор за терминот „destape“ , измислен од новинарот Ангел Касас: по смртта на Франко, 1978, официјално се укинува ултраконзервативната цензура и во кинематографијата се појавува „голотија“.
3. Luisa Mercedes Levinson, 1904-1988, романсиерка, во соработка со Борхес ја напишале приказната „Сестрата на Елоиза“ (“La hermana de Eloísa”).

Избор и превод: Борјан Заревски

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Теорија
Книжевност / Култура
Книжевност
Среќа [к:2]

ОкоБоли главаВицФото