ЕУ и долгата рака на Путин

29.06.2022 13:29
ЕУ и долгата рака на Путин


Историски момент за Украина – темно за Балканот. Со вакви тонови во влијателни европски медиуми беа сумирани резултатите на уште еден ЕУ-самит, од кој иритираните и фрустрирани лидери на земјите кандидатки во Западен Балкан повторно заминаа со горчливо сознание дека не се поканети да ја почувствуваат топлината дури ни во претсобјето на заедничкиот европски дом. Чекањето продолжува во чекалната зад портите на ЕУ.

„Неверојатно важен сигнал“. Така ја оценија европските лидери историската одлука да им се одобри кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина и на Молдавија. Но, едновремено, се изразуваат и надежи дека и долгогодишните западнобалкански кандидати „ученици“ ќе се приклучат кон таквото расположение, сфаќајќи го големото значење на историскиот миг.

Не треба да се затвораат очите пред војната во Украина, која ја зголеми брзината на процесот на ЕУ-проширувањето. Се разбира, потребно е јасно да се манифестира европска поддршка за Украина. Тоа никој посебно не го оспорува. Но прашањето за двојните ЕУ-аршини и понатаму останува невешто потпикнато под тепихот. И Босна и Херцеговина, како дел од Европа, беше погодена од војна па и до ден-денес не може да добие кандидатски статус. Критериумите според кои се димензионира „брзата лента“ на патот кон ЕУ очигледно не се исти за сите.


Шведската премиерка Магдалена Андерсон изрази уверување дека постои разбирање меѓу земјите во Западен Балкан за „неверојатно важниот сигнал“ и големото значење на одлуката за Украина и Молдавија. Разбирање веројатно постои. До извесен степен. Но ако во рамките на ЕУ се присутни различни брзини на доближување кон интеграциите, при што за некого тркачката патека постојано се издолжува, додека некому му се дозволува од половина патека да ја започне трката, тогаш „разбирањето“ станува дискутабилно прашање.

ЕУ-лидерите практично си аплаудираа самите на себе кога ја соопштија едногласната одлука за одобрување на кандидатскиот статус на Украина и Молдавија. Тоа е всушност историска пресвртница, бидејќи мошне долго во ЕУ не можеле да се согласат дури и да го споменат зборот „членство“ во односите со поранешните републики на Советскиот Сојуз.

Но, руската војна против Украина ги потсети владите на ЕУ-членките дека ризикуваат да го изгубат и влијанието на Балканот, отворајќи го просторот за иницијативи од Русија, Кина и Турција, затоа што не се исполнети ветувањата од 2003 година за европската перспектива и членството на земјите во Западен Балкан.

Токму затоа ЕУ-лидерите од повеќе земји ги интензивираа турнеите низ главните градови на Балканот, обидувајќи се да го оживеат повеќегодишното запоставување на прашањето за европската перспектива на регионот, барајќи начини за надминување и решавање на конфликтите и блокадите што ги закочија дури и малите чекори во доближувањето кон ЕУ. Најмногу ЕУ-посети се случија во Софија, но од нив произлезе само очајнички обид да се убеди Бугарија да го крене ветото против започнувањето на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Освен очајнички обид, според примерот на францускиот предлог, и пригодно повторување на дискусијата во Брисел околу потребата ЕУ да го укине правото на вето на земјите членки во доменот на надворешнополитичките прашања, ништо похрабро и „подраматично“ не можеше да се слушне во европските кулоари.

„Заморот од проширувањето“ се чини уште некое време ќе останеше запретан и затскриен во дувлата во Брисел, доколку не се случеше руската инвазија на Украина. Еден од мотивите на претседателот Путин да ја нападне Украина беше да го запре проширувањето на НАТО. Но, резултатот сепак го покажа спротивното, со оглед на молбата на Финска и Шведска да се зачленат во Алијансата, иако моментно е нејасно кога тоа би можело да се случи.

Друг важен ефект во однос на геополитичкиот развој, што исто така не соодветствува со амбициите на Путин, е фактот дека ЕУ успеа да се обедини и да воведе санкции против Русија. А освен тоа, ЕУ сега е на пат да се зголеми, отворајќи ја прегратката за бившите советски републики. Франција е една од земјите што долго беше скептична околу проширувањето кон Исток. Тоа мошне добро се виде кога на ред за започнување преговори дојдоа Македонија и Албанија. Но кога претседателот Макрон и канцеларот Шолц седнаа во возот кон Киев, изразувајќи добредојде за Украина во ЕУ, се случи пресврт. Цела низа ЕУ-членки потоа ја поддржа таквата определба.

Во последните години се случија повеќе работи што влијае на гледиштата и дискусиите околу ЕУ-проширувањето. Земји членки од Источна Европа беа посочени како црни овци, кои не ги почитуваат критериумите и барањата за функционална демократија, правна држава и пазарна економија. Очекувањата за забрзано демократизирање и суштински реформи во источноевропските земји не се остварија. Според некои анализи една од причините што значајно придонела Британците да ја напуштат ЕУ, е токму ЕУ-проширувањето кон Исток.

Кога е во прашање Украина, во која се случи отцепување републики и инвазија на руски трупи, се слушаат поинакви тонови. Критиките против запоставените реформи и непочитувањето на европските вредности во источноевропските ЕУ-членки, стивнаа по започнувањето на руската инвазија.

Но, додека ЕУ-лидерите неволно се потсетуваа на своето ветување од пред две децении за членството на земјите од Западен Балкан, Путиновиот режим се вгнездуваше во влијателни партии во повеќе земји, а придонесе и кон продлабочувањето на владината криза во Бугарија. Ефектот од тоа беше ЕУ-самитот за Западен Балкан да заврши како фијаско. И не само тоа. Путиновата долга рака не допира само до Софија, туку се чини дури и до Брисел.

Слики: Валентин Губарев
Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото