
Колибрито сонува дека е ракета,
нојот – само обична макета,
мравката – цела една галаксија,
бувот – глувче во саксија.
Сите сонуваат, никој не се буди,
а ноќта паѓа и почнува да студи.
Дуваат ветрови северни и јужни,
квадратите стануваат триаголници кружни,
цветовите мирисаат на сендвич со брокула,
рипче брка исплашена ајкула.
Што се случува со синиов свет.
Зошто веќе не танцува балет.
Зошто прашањата со точка завршуваат
и сенките од сонцето се отуѓуваат?
„Па добро, каква песна е ова?!“
– праша клукајдрвецот бонсаи што колва.
„Напиши нешто за јуни, за јуни,
за златниот був везден што ѕуни.
Триаголници кружни? – што ти е?!
Температура имаш ил вино си пиел?
Ајде сега пиши радосен крај,
за пчелка, за полен, за мај!“
Дооообро. Вака: Колибрито пие поленов прав,
нојот срка чорба од грав,
мравката јаде пица со десет сирења,
а бувот си нурка со една сирена.
„Подобро е“, клукајдрвецот рече
и појде на вулкан метеори да пече.