„Лебед“ и „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ (извадоци од романите)

30.06.2022 12:15
„Лебед“ и „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Лебед“, Ана Стојаноска („Полица“)

Празна сцена. Централно поставен сноп бела светлина. Празна црна сцена. Во десниот агол големо концертно пијано. Публиката полека седнува на своите места. Тишината е толку силна што може да ја сметаме за лик во претставата. Се гасат светилките во публиката. Тишината е моќна во мигот кога ќе се отвори големата врата на сцената. Влегува Микаел. Облечен е во црн костим и црни свилени ракавици. Наместо вратоврска носи тенка црвена свилена марама. Седнува пред пијаното. Ги поставува дланките над клавишите. Гледа во нотите. Ги затвора очите. Тишина. Додека ги наведнува дланките над клавишите, во мигот кога публиката очекува тој да почне да свири, на средината на сцената, од нигде - никаде, се исправува Габриел. Тоа што беше облечен во црно му помогна да ѝ се скрие на публиката стоејќи малку зад белиот сноп светлина. Во мигот кога Габриел се исправа, Микаел стои со дланките над клавишите. Мигот е магичен. Нереален. Како изваден од сон. Се слуша само срцев ритам. Срцевиот ритам забрзува. По една минута, Микаел ги става прстите на клавишите и истовремено со него Габриел го почнува првиот чекор од неговиот танц. Тоа не е само танц. Тоа не е само композиција. Тоа е како да водат љубов едно тело и една музика. Толку има страст во сето тоа што публиката почнува да дише забрзано без да знае зошто. Нема разум, ниту размисла, има само емоција. Емоцијата расте, пијано композицијата неколку пати ја менува својата приказна, од лиричните тонови што упатуваат на детство, на кои Габриел танцува лесно, со високи скокови во воздух, со сензуални движења на рацете околу телото, преку експресивните, силни, дурски линии, кога телото паѓа на подот, се извиткува во косина, се прекршува во колената наназад, едната рака е високо горе, другата на подот, до удирањето на силните тонови, кои повторуваат ритам што гледачот го тера да плаче, да пати, да страда, а истовремено да се надева дека ќе смени нешто , затоа што танчарот сега стои само на едната рака, нозете и другата рака му се во воздух, а главата му е благо завиена кон градите и потоа крената нагоре. Во следниот миг, композицијата повторно се смирува, рацете на Микаел ги кротат клавишите, ја смируваат музиката, за да може телото на Габриел да легне на подот и да се свитка во форма на фетус, кој пак се врти, се собира и се исправува во ритамот на смирувањето.Кога музиката толку ќе се смири што публиката ќе помисли дека е готово, се намалува силата на рефлекторот , светлината е како раноутро, а во полумракот се слушна само снимениот глас на Габриел:„Запознав очи со боја на пламен и душа измиена од океан. Ме држеа раце полни ветрови и спиев на дланки што создаваа музика. Те имам“. Тогаш силното удирање на клавишите, кои ги оттргнаа гледачите од сонот што го гледаа пред нив и се стресоа, го засилија централниот рефлектор и одеднаш леташе телото исправено нагоре. Повторно, музиката беше таа што приказната ја раскажуваше само кога телото ѝ беше предадено до максимум. Смирувањето дојде неочекувано.Пијаното си поигра со воведната тема на „Лебедово езеро“, а публиката виде лебед наместо маж што играше и што самиот се успокои повторно на средината на сцената, под рефлекторот, исчезнувајќи во приказната.

Тишината траеше малку подолго. Публиката како да се разбуди од некој длабок сон.Одеднаш сите станаа на нозе и почнаа гласно да аплаудираат. Додека се поклонуваа еден до друг, Габриел му шепна на Микаел: - И никогаш повеќе да не се видиме, јас ќе играм како да си до мене.



„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“, Давор Стојановски („Или Или“)

„Ова ѝ се омилените слатки на Сара, секој Божиќ ме тераше задолжително да ѝ ги направам први. Кога порасна, сакаше да научи да ги прави сама, па ми помагаше и заедно ги печевме пред да почне првата адвентна недела“, вели Вероника додека ги реди линцовите колачиња во порцеланскиот сад за сервирање и уште еднаш ја погледнува врамената фотографија на ѕидот, каде што ќерка ѝ неуспешно се труди да ја одржи насмевката држејќи ја училишната диплома в раце.

Каја и јас одамна вистински не го славевме Божиќ, не бевме во онаа празнична атмосфера откако Антон се отсели од кај нас и замина да живее сам. Во последниве десет години, често се случуваше и да не успее да стигне и да дојде да прослави со нас, ни за Бадник ни за Божиќ. Секогаш постоеше некаква причина, имаше некаков изговор, па со Каја останувавме дома, без да запазиме некоја посебна церемонија.

Вероника ми го понуди порцеланскиот сад, зедов едно колаче. Го пофалив дека е вкусно. Каја само се согласи со мене кимнувајќи со главата, иако не проба ниедно залче. Колачето што го зеде ѝ се топеше меѓу прстите.

Првиот пат кога ја видов Вероника, всушност, ја здогледав оддалеку, додека влегуваше во полициската станица. Имаше навлечено свилена марама врз главата и веднаш ми падна в очи. Пристигна приближно четириесет минути по Каја и мене.

Веќе бевме на заминување кога таа се појави. Каја, на паркингот, ја чистеше шофершајбната од новиот снег што се беше напластил за време на нашето испрашување, а јас, сѐ уште во зградата, полнев топла вода за чај од пластичниот балон во ходникот.

Тогаш ѝ ја здогледав силуетата. Се движеше бавно, а она што ми падна чудно сега, беше тоа дека тогаш можев да се заколнам дека е трудна. Барем сметав дека бременоста ѝ беше воочлива.

Со свилената марама и во темната облека, жената што тогаш не знаев дека се вика Вероника, ми личеше како да се враќа од некаква свеченост или можеби од гробишта.

Таква мисла ми падна тогаш, кога ја сретнав за прв пат.

Но сега немаше никаква трага од труднички стомак.

Се разбира, ми беше неудобно и недолично да спомнам нешто во врска со сето тоа, ни на крај памет не ми беше да звучам дрско, па само си претпоставив дека нешто веројатно ми се привидело во полициската станица.

Не можев да ѝ ја проценам возраста, дури ни сега, кога ни беше толку блиску, сервирајќи ги штотуку испечените колачиња, украсувајќи ја масата со разни салфетки, палејќи ги свеќите.

Ја немаше марамата. Носеше фустан со ролка и елече.

Кога и да ја спомнеше ќерка ѝ, Сара, зборуваше за неа однесувајќи се небаре заминала до продавница или на гости, па само што не се вратила, а не како да се води за исчезната. Мислам дека и Каја и јас бевме засегнати на поразличен начин од неа, па дури и кога зборувавме за Антон, зборувавме многу позагрижено и повознемирено, барем така ми се чинеше мене.

Поминаа приближно три недели од пронаоѓањето на превртениот автомобил во ендекот, а неговите патници, Антон и Сара, како што се викаше девојката со пунџата, неговата сопатничка таа несреќна ноќ, сега беа официјално прогласени за исчезнати лица.

Во потрагата, освен полициската единица, се придружија и неколку граѓани, локални жители, а учествував и јас.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото