Бедата на политичкиот реализам

01.07.2022 00:18
Бедата на политичкиот реализам

Од попатниот преглед на светските и домашните медиуми изминативе недели јасно е едно нешто: мошне брзо, веројатно наесен, нè очекува рецесија. Значи, неминовна е нова криза, а анкетираните и интервјуираните економисти единствено не се сложуваат околу нејзиниот облик и траењето. Некои сметаат дека ќе биде длабока и краткотрајна, некои се склони кон спротивни карактеристики, а некои не се осудуваат да прогнозираат заради бројни други варијабли кои се вклучени како што се војната и пандемијата. Но, консензусот преовладува.

Атмосферата е мошне поинаква во однос на предрецесискиот период во 2007 година. Освен по некој маргинализиран глас на предупредување, тогаш економската струка во голема мера беше слепа за она што следеше. Или како што се истакнуваше во дополнителните рефлексии за таквото слепило: не го користеа концептот на системски ризик. Денес, очигледно, се повнимателни. Меѓутоа, тоа не е причина за зголемувањето на свеста за системскиот ризик - иако минатата рецесија и подоцна пандемијата значајно го поттикнаа - туку тоа е едноставен факт дека наодаѓачката рецесија нема да биде „природна“ или „спонтана“. Таа ќе биде предизвикана. А ќе ја предизвикаат централните банки со зголемување на каматните стапки со намера да ја зауздаат инфлацијата.

Сите поважни светски централни банки се упатија во таа насока, со потези или со намери. Зад таквата политика стои релативно едноставна логика: повисоките каматни стапки ќе доведат до намалување на економската активност заради високите цени на кредитите, а намалената економска активност ќе резултира со невработеност и пониско ниво на побарувачка која би требало да ги намали цените и да ја смири инфлацијата. Исто така, растот на невработеноста би требало да ја запре и спиралата на надниците и цените која наводно ја диктира и зголемува инфлацијата. Работниците бараат повисоки надници, а работодавачите за да можат да ги исплатат тие надници ги зголемуваат цените на стоките и така влегуваме во незапирлива спирала која може да ја запре само невработеноста. Во услови на висока невработеност работниците немаат полуга за вршење притисок врз капиталистите и за барање повисоки надници зашто постојат невработени кои би работеле за пониски.

Меѓутоа, како што веќе пишувавме, причина за моменталната инфлација, а ни нејзин двигател не се надниците на работниците. Повеќе истражувања во повеќе држави покажаа дека зголемувањето на надниците во голема мера заостанува зад инфлацијата и дека причините не треба да се бараат во работничката „алчност“. Со зборовите на британскиот синдикалист Мик Линч, истовремено сме сведоци на речиси полна вработеност и опаѓање на надниците, феномен што не е забележан досега. Но, ситуацијата донекаде варира од држава до држава и гувернерите и политичарите се сомневаат во можноста за посилни класни ангажмани, особено во САД, кои би можеле да резултираат со дополнителни инфлаторни притисоци. Таквата внимателност, во комбинација со упорните лекции од осумдесеттите години на минатиот век ги мотивира монетарните власти во насока на политика на зголемување на каматните стапки. И покрај тоа што податоците укажуваат дека зад инфлацијата стои спиралата на профитот и цените. Со други зборови, има голем простор за зауздување на инфлацијата во профитите на компаниите кои значајно пораснаа последнава година. Особено во секторите на енергијата и другите „глобални“ стоки.

Но, дури и монетарните и политичките власти да се во право и да немаме друга опција за зауздување на инфлацијата освен зголемувањето на каматните стапки, кои според зборовите на челникот на американскиот ФЕД, Џером Пауел, „ќе предизвикаат мало страдање“, во воздухот лебди мошне релевантно прашање. Во каков економски систем живееме ако за решавање на еден проблем ни е потребна предизвикана рецесија и страдање на економски најзагрозените слоеви на општеството? Дали тоа е закон на социјалната физика на кој мораме да се потчиниме? Дури и тоа да е единственото решение, а не класната политика, минимумот политичко и човечко достоинство бара да ја преиспитаме природата на системот во кој тоа е единствено решение. Промена на самиот систем во моментов е политички нереално решение, но и за системите со значајно повеќе политички опции и решенија на репертоарот денес се користи изразот диктатура или тоталитаризам.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Otto Steininger

Извор: https://www.bilten.org/