Несигурниот статус на филмските работници

01.07.2022 13:55
Несигурниот статус на филмските работници

Снимање на дожд, во сурови временски услови, со студ во коски и кал до колена, цел ден поминат под отворено небо и пеколни горештини, со изгореници од сонце, ноќни снимања до зори, носење на грб ултратешка опрема, работа во супстандардни услови, барање премин на непристапен терен, поставување студио среде пустелија, прекувремено работно време од 12, 14, 16 часа, силен умор, возење дома со ниска концентрација во доцни или утрински часови – сето ова без никаква заштита, и уште многу жртви што не се гледаат зад сцената на еден супер снимен филм или серија, се дел од пакетот „работа без ниту еден ден стаж“.

Филмската индустрија вработува широк спектар луѓе што публиката никогаш не ги гледа. На десет директно вклучени, следуваат осум индиректно вклучени. Во многу случаи, овие луѓе всушност не заработуваат многу пари, a се важни чинители за филмот да излезе на лента. Тука се вбројуваат: мајстор на сцена, фар-мајстор, шарфер, гафер, мајстор на светло, гардеробер, асистент-костимограф, а секако и многу актери, режисери, сценаристи, сценографи… Ако сакаш да го работиш ова и да си обезбедиш стаж (и пензија, секако), треба да најдеш и друга професија, или, пак, навреме да се откажеш и да се префрлиш во друга бранша.

Нашите филмски работници не се опфатени со ниеден закон. Згора на тоа, има уште многу нерегулирани професии, небезбедни, неисплатливи, со низа пропусти, без ниеден ден одмор, со неплатени прекувремени часови, со ситни минути за пауза…

Но, силен одзив заслужува и статусот на филмските работници. Зашто, во ниеден сегмент од нашето законодавство тие не се истретирани, тие се исфрлени од системот како да не постојат, како да не се потребни.


Еден од предизвиците што си ги постави Друштвото на филмски работници на Република Македонија (ДФРМ) е дефинирање на статусот на филмските работници, што е од круцијална важност за оваа индустрија. Без нивниот труд ниеден филм не би се снимил, а притоа максимумот што го добиваат за возврат е хонорар и статус на фриленсер.

Игор Иванов-Изи, режисер и претседател на ДФРМ, истакна дека секаде во светот и во сите кинематографии постојат колективни договори и агенции преку кои се решава статусот на филмските работници. Според него, на членовите на ДФРМ, а станува збор за нешто повеќе од сто луѓе, треба да им биде дефиниран статусот. Во минатото тие биле вработувани во „Вардар филм“, а по распаѓањето на Југославија и трансформацијата кон приватни продуцентски куќи, овие луѓе останаа без статус и соодветна поддршка од државата. Со донесувањето на новиот Закон за филм, тие се надеваат и очекуваат да биде решено и ова важно социјално прашање во филмската дејност.

Актуелниот закон за филмска дејност, донесен во 2014 година, не е во согласност со начелата на ДФРМ и затоа веќе подолго време тие се залагаат за донесување нов закон, со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници во државата.

Ова прашање беше потенцирано на четвртото издание на манифестацијата „Златна рамка“,во организација на ДФРМ, чија цел е промоција и доближување на македонскиот филм до публиката, каде што, меѓу другото акцент беше ставен на важни теми што го кочат филмот, филмската индустрија, македонската кинематографија…

Една од важните сопки е непостоењето на стандарден буџет за филм. Тоа значи дека ако една година буџетот од државата е два милиони евра, следната година може да е 1,5 или 1 милион, а со ребалансот на буџетот тој може повторно да се намали, и филмските работници да се остават на цедило, без однапред предвидените и ветени пари, а нивните проекти да се принудени да чекаат подобри времиња, подобри услови, или нова гарнитура во Министерството, со поперспективни погледи кон филмот.

„Биполарниот“ буџет потекнува од нестабилноста во Министерството за култура, бидејќи секој министер (а сведоци сме дека за пет години се сменија пет министри) има различни погледи и приоритети… И, некако, на нишан секогаш е буџетот за филм.

Во рамките на „Златна рамка“ се одржа интернационалниот филмски форум на тема „Модели на финансирање и легислатива“, на кој учествуваа девет директори на национални филмски фондови и продуценти од осум земји, меѓу кои Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција, кои ги споделија своите искуства и третманот на филмот во нивните земји… На форумот се разговараше за теми што во другите држави се одамна апсолвирани, но не и кај нас, а тоа е стандардизацијата на буџетите за филм, позитивните и негативните примери на финансирање на филмот и тн.

Хрватска се пофали со буџет од 10,5 милиони евра од државата, Словенија има 6,5 милиони евра и се бори за повеќе. Турција ја поседува најголемата филмска индустрија на Балканот и филмот е високопрепознаен и признаен. Грција гордо истакна дека Де Ниро периодов снима кај нив, а одлично искуство имале и со Бандерас.

Ние, пак, „кубуриме“ заедничју со Црна Гора, Албанија, Косово… Нашиот голем проблем е што кај нас не постои стандарден буџет за филм, па политичките инстанци можат да ја моделираат оваа ставка по сопствено видување и потреба.

Друштвото на филмски работници предлага ставката за финансирање од буџетот на државата да биде по жител и да бидат воведени одредени даночни олеснувања, како и финансирање на филмот и преку локалната самоуправа.

Филмот кај нас директно зависи од владините пари. Не треба да дозволиме бирократијата да ја кочи уметноста. Потребен ни е широкоаголен поглед кон седмата уметност.

Извор: Нова Македонија