Неуспешен експеримент

04.07.2022 01:16
Неуспешен експеримент

Честитаме, Израел се најде во ќорсокак. Повторно. Овојпат тоа можеше да се очекува повеќе од кога било претходно. Крајно време е да сфатиме дека политички замрсеното клопче ќе биде дел од нашиот живот уште многу долго. Причината за тоа не се наоѓа во Кнесетот, туку во сржта на државата Израел, дефинирана како еврејска држава што однапред го одредува тесниот состав на можните политички коалиции. Распонот се движи од влади на десницата, преку влади со уште поголема десница, до влади на национално единство. Со други зборови ако сржта не е демократска, само е прашање на време кога ќе се распадне самата фасада на демократијата. Ќорсокакот е резултат на таков распад.

За момент да размислиме за официјалниот повод за одлуката на Нафтали Бенет да ја распушти владата. Страв дека нема да успее да ја продолжи регулативата со која израелскиот закон се применува на Западниот брег. Владата се распадна зашто Кнесетот не успеа преку законска регулатива да го продолжи важењето на апартхејдот на Западниот брег. Бенет е подготвен да се жртвува себеси и својата иднина за да може апартхејдот и натаму да постои, а кога ќе дојдат избори, сите ќе зборуваат за „славењето на демократијата“.

Длабочината на ќорсокакот е еднаква на моралната криза во која се наоѓа Израел; тие се поттикнуваат меѓусебно. Владата не може да се нарекува влада на промени или влада за опоравување, ако ја занемарува најголемата и најболна рана, и однапред признае дека нема да се занимава со неа.

Нафтали Бенет

Јазолот ќе се отплетка дури тогаш кога доволно израелски Евреи ќе сфатат дека постојат само две опции: или еврејска држава која не е демократска или вистинско еврејско-арапско партнерство. Но партнерството не смее да се потпира на политичка изнуда во замена за економска. Арапските граѓани не би требало да се откажуваат од правата кои им припаѓаат во замена за финансиски средства или инфраструктурни вложувања. Арапскиот граѓанин не треба да биде заложник ниту поданик кој преколнува за нешто што му припаѓа. Тој мора да чувствува дека неговите права се почитуваат без оглед на политичката ситуација. Правото на партнерство мора да биде засновано на еднаквост на сите нивоа: граѓанско, економско, културно и национално, исто така.

Националното ниво на еднаквост е очигледно: сè ќе биде во застој и натаму, сè додека израелските Евреи не сфатат дека окупацијата и апартхејдот се длабоко вкоренети дефиниции на државата и дека секоја промена или исцелување нужно мора да се занимаваат со овие теми. Играчите може да се менуваат - партии, членови на Кнесетот, министри и премиери - но сето тоа ќе биде само привид. Она што мора да се промени е недемократската структура врз која е изграден Израел - недемократска структура на еврејската супремација, дискриминација на сите останати граѓани и продолжување на окупацијата.

Не е случајно што десницата зајакнува. Не е случајно што пратениците Итамар Бен Гвир и Бекалел Смотрич се сè помоќни. Не е случајно што апсолутното мнозинство во Кнесетот е сочинето од десничари. Разбирањето на причините за окупацијата и апартхејдот се шират постепено, а јакнењето на десничарските радикални елементи е токму лекција за тоа.

Во прашање е рефлексот за самоодржување. Колку појасно израелските Евреи го согледуваат моралното пропаѓање, толку повеќе гласаат за луѓе на кои не им е грижа за моралот - луѓе кои ги води само идејата за еврејска супремација, овојпат во бесрамна и незауздана верзија. И во право се. Зошто да се фингира демократија, кога ја нема?

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.haaretz.co.il/