Патот на Русија кон предмодерноста

04.07.2022 11:27
Патот на Русија кон предмодерноста

 

Рускиот писател Петар Чадаев за својата земја рекол: „Никогаш не сме напредувале паралелно со другите народи; не сме поврзани со ниту едно од големите човечки семејства; не припаѓаме ни на западот ни на истокот, ниту сме наследници на нивните традиции. Изместени така надвор од времето, нам не ни влијаело општото образование на човековиот род“.

Тоа беше во 1829 година. „Загатка, обвиткана со мистерија внатре во енигма“, како што Винстон Черчил ја опиша Русија повеќе од сто години подоцна, денес не е нималку поблиску до решение. Филозофот Џон Греј неодамна напиша дека рускиот претседател Владимир Путин е „лицето на светот што современиот западен ум не го разбира. Во тој свет, војната е постојан дел од човековото искуство; смртоносните борби за територија и ресурси можат да избијат во секој момент; човечките суштества убиваат и гинат поради мистичните визии.“ Затоа западните коментатори и либералните Руси се збунети од таканаречената „специјална воена операција“ на Путин во Украина.

Објаснувањат на постапките на Путин засновани на неговата личност се најлесни - и најповршни. Путин не се однесува ниту како врвен шахист кој го калкулира секој потег, ниту како владетел кој го изгубил разумот поради моќ или стероиди.

Веројатно е поточно дека Путин има извртен, во најмала рака едностран поглед на руската историја и она во што се состои посебноста на Русија. Но, тоа не може да ја објасни широката поддршка од јавноста и од интелектуалците во Русија за неговиот наратив со кој ја оправдува војната во Украина. Сите ние сме, во извесна смисла, заробеници на нашите национални митови. Но, руската митологија е во расчекор со „општото образование на човековиот род“.

Од Русија очекуваме да се однесува повеќе или помалку како модерна, или дури и постмодерна европска национална држава, но забораваме дека таа пропушти три клучни состојки на европската модернизација. Прво, како што напиша Јуриј Сенокосов, Русија никогаш не минала низ реформацијата, ниту пак имала своја ера на просветителството. Како причина, Сенокосов го наведува фактот дека „крепосништвото во Русија било укинато дури во 1861 година, а системот на автократија бил соборен дури во 1917 година […]Набргу потоа бил обновен.“ Затоа Русија никогаш не доживеала период на буржоаска цивилизација, која во Европа ги исцрта контурите на уставната држава.

Второ, Русија отсекогаш била царство, никогаш национална држава. Автократијата е нејзина природна форма на владеење. За најзиниот сегашен цар, распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година беше сквернавење на руската историја.

Третата состојка што недостасува, поврзана со отсуството на другите две, е либералниот капитализам, кој Русија го искуси само накратко и во ограничена форма. Маркс инсистираше на тоа дека капиталистичката фаза на економскиот развој мора да му претходи на социјализмот, бидејќи секој обид да се изгради индустриска економија врз архаичниот темел на селскиот примитивизам нужно води кон деспотизам.

Сепак, токму на тоа се сведува револуционерната формула на Ленин „советска власт плус електрификација на целата земја“. Ленин, брилијантен опортунист, ја следеше традицијата на големите реформистички цареви кои се обидуваа да го позападнат руското општество одозгора-надолу. Петар Велики бараше луѓето да ги бричат брадите и ги поучуваше своите војници: „Не ждерете како свињи; не чистете ги забите со нож; не држете го лебот до градите додека го сечете“.

Во 19 век, односот на Русија кон Европа доби нова димензија со идејата за Новиот човек - сличен на западњакот, нераскинливо поврзан со филозофијата на просветителството и заљубен во науката, позитивизмот и рационалноста. Таков човек опиша Иван Гончаров во романот „Обломов“ (1959) во ликот на Штолц. Во „Татковци и синови“ (1862) од Иван Тургењев, таков човек е „синот“, нихилистот Базаров, кој се истакнува во науката и грми против ирационалните традиции на своето семејство. Романот на Николај Чернишевски „Што да се прави?“ (1863), кој силно влијаеше на Ленин, го опишува општеството од стакло и челик изградено врз научниот разум.

Поради своите плитки корени во руската култура, овие футуристички проекции го предизвикаа револтот на селаните. „Белешки од подземјето“ на Фјодор Достоевски, објавена во 1864 година, стана не само еден од канонските текстови на христијанското словенофилство, туку и покренаа длабоки прашања за самата модерност.

Болшевиците го изведоа најголемиот колективен обид да го изнесат Новиот човек од литературата и во светот. Како и Петар Велики, тие сфатија дека трансформацијата на општеството бара трансформација на луѓето. Со учество на најголемите авангардни уметници од тоа време, тие започнаа сложен напор за модернизирање на менталитетот на луѓето и негување на револуционерната свест. Русите ќе станат тој Нов човек кој, проткаен со научна и колективна свест, ќе помогне во изградбата на комунистичка утопија.

Тоа можеби беше најголемиот неуспех од сите. Додека Сталин сметаше дека социјализмот е остварен во 1936 година, а соцреалистичката литература и уметност, по нарачка од државата, го издигнуваа мистицизмот над науката, советските соништа за Новиот човек останаа само соништа. Оддалечувањето од науката и логиката го преживеа распадот на Советскиот Сојуз и сега тоа е двигател на владеењето на Путин. Неговата сопствена митологија заснована на вера, необичната симбиоза со православниот патријарх Кирил Московски, изобличувањето на историјата и порекнувањето на фактите, покажуваат во која мера Русија се оддалечила од современата Европа.

Во книгата „Распаѓањето на нациите“ (The Breaking of Nations, 2003), поранешниот дипломат на Европската унија Роберт Купер пишуваше дека иднината на Русија, во тоа време, беше сè уште отворена. Потпишувањето на Договорот за конвенционални воени сили во Европа и последователните руски потези за приклучување кон НАТО укажуваа дека „постмодерните елементи се обидуваат да се пробијат“. Долго ќе трае дебатата околу тоа дали зближувањето било запрено од западната ароганција или од руската некомпатибилност. До 2004 година, Путин ги отфрли повеќето либерализирачки тенденции и почна да го прифаќа традиционализмот. Според класификацијата на Купер, Русија е современа предмодерна држава.

По советската инвазија на Чехословачка во 1968 година, чешкиот писател Милан Кундера одби да го адаптира романот на Достоевски „Идиот“ за театарска сцена. „Ми беше одбивен светот на Достоевски, свет на претерани гестови, матни длабочини и агресивна сентименталност“, рече Кундера. Во тие матни длабочини, зад рационалната фасада, ја наѕираме војната на Путин.

Извор: Project Syndicate/Pescanik

Слични содржини

Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото