Ревизорите со критики за спроведување на мерките за ублажување на климатските промени во земјава

04.07.2022 14:54
Ревизорите со критики за спроведување на мерките за ублажување на климатските промени во земјава

Многу зборување и ветувања, но малку реализација на дело. Државниот завод за ревизија (ДЗР) со серија на критики кон властите во врска со спроведувањето на мерките и политиките за ублажување на влијанието на климатските промени во земјава.

Развојот на правната и стратешката рамка за координирана климатска акција во земјава се одвива со задоцнување од три години, а до денешен ден од Собранието на РСМ не е усвоен Законот за климатска акција, иако нацрт-верзијата на законот веќе е подготвена.

„Воспоставената правна и институционална рамка во Република Северна Македонија не ги обезбедува сите потребни услови за ефикасно и ефективно спроведување и следење на донесените мерки и политики за ублажување на климатските промени и потребно е да се преземат активности на национално и локално ниво за надминување на состојбите“, се вели во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени“.

Ревизорите ги потсетуваат надлежните власти дека се прифатени меѓународни обврски за намалување на ефектот од климатските промени, а донесени се и голем број на стратешки, плански и програмски документи на национално и локално ниво.

„Дефинираните активности за ублажување на климатските промени во наведените документи не се целосно имплементирани и не се следи нивната реализација. Националниот комитет за климатски промени на Република Северна Македонија коj треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесе кон интеграција на активностите во секторските политики, планови и мерки е формиран во 2003 година, но истиот во пракса не функционира односно неговото постоење е од
формална природа“, заклучуваат државните ревизори.

Тие критикуваат и дека не е воспоставен систем за инвентаризација на емисии на стакленички гасови, додека Национален инвентар на емисии на стакленички гасови е воспоставен од повеќе институции.

„Поради тоа не постои единствена база на податоци за емисија на стакленички гасови на едно место, што го отежнува нивното користење при изготвување на националните стратешки, плански и програмски документи за климатска акција“, се вели во ревизорскиот извештај.

Ревизорите потсетуваат дека отсуствува функционална поврзаност и координација меѓу институциите на национално и локално ниво при спроведување на мерките и активностите за планирање на политиките за ублажување на климатските промени, како и нивно следење.

„Недостатокот на финансиски, кадровски и технички ресурси, како битен предуслов за интеграцијата на климатските политики во сите сектори, дополнително придонесуваат да не се постигнат посакуваните ефекти за ублажување на климатските промени“, додаваат ревизорите во извештајот.

Во Извештајот на ДЗС се укажува дека некои општини имаат донесено стратегии за климатски промени, но и понатаму улогата на локалните самоуправи во ублажување на климатските промени е минимална.

Со ревизијата на успешност е опфатен периодот од 2017 до 2020 година, при што по потреба за следење на степенот на имплементација на мерките, бил опфатен и претходен период, како и период по завршување на ревизијата до денот на изготвување на овој извештај.

Меѓу бројните препораки кои ревизорите ги упатуваат кон надлежните институции, тие бараат донесување на Законот за климатска акција, како и Министерството за животна средина и просторно планирање да воспостави систем за редовно добивање на информации за преземените мерки за ублажување на климатските промени предвидени во Националниот план. Притоа, најмалку еднаш годишно да се информира Владата за тоа до каде е реализацијата на предвидените мерки за ублажување на климатските промени.

„Формирање на функционално Национално тело за климатски промени на РСМ кое треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесува кон интеграција на истите во секторските политики, планови и мерки“, е уште една од клучните препораки дадени до ова министерство од страна на Државниот завод за ревизија.

Извор: Мета

ОкоБоли главаВицФото