„Да растеме заедно“ - изложба на алтернативна фотографија на „Зрно“

04.07.2022 15:20
„Да растеме заедно“ - изложба на алтернативна фотографија на „Зрно“

Првиот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ ќе биде најавен со изложбата на фотографии „Да растеме заедно!“, која ќе биде отворена на 4 јули, во продажниот салон на Културно-информативниот центар – Скопје, со почеток во 20 часот.

На изложбата ќе се претстават неколку автор(к)и: Кети Талевска – Бакревска, со своите лумен-принтови, Викторија Мачковска со автентични цијанотипи, Мартина Павлоска, со нејзините весели полароиди и Сашо Алушевски, со цијанотипи од циклусот „Пикторијализам“. Опремата на изложбата е на Владо Димоски.

„Фестивалот „Зрно“ изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шароликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографијата кај нас. 'Зрно' се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. 'Зрно' е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативната фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. 'Зрно' сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да забави, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за 'грешките'.  – истакнуваат организаторите на фестивалот.“

Во рамките на работната програма на првото издание на фестивалот „Зрно“ ќе се случуваат работилници за алтернативна фотографија, на Матка, крај Скопје, на кои ќе учествуваат дваесетина љубители на благородните фотографски процеси од регионот.

ОкоБоли главаВицФото