Да не останеме на гнев, а без решение

05.07.2022 13:17
Да не останеме на гнев, а без решение

ФБ е секако мрежа каде луѓето пишуваат што им лежи на душа. Кога сме под набој на емоции, позитивни или негативни, социјалните мрежи се платформа каде може да споделиме радост, тага, да побараме помош и слично.

Силната негативна емоција која ја опишуваме како чувство на пониженост, обесправеност, нерамноправен третман, жртва на насилие на една земја, со право се споделуваат на социјалните мрежи. Но, идниниата на еден човек, неговото семејство, заедницата во која живее и твори се многу поважни од моменталната емоција.

Немам намера да пишувам ЗА или ПРОТИВ францускиот предлог во овој пост, но би сакала да споделам став како не треба да се гради позиција базирана единствено на емоции.

Сите ние сме имале моменти на лутина, на разочараност, на негативни емоции во релации со партнер, пријател, во семејство и слично. И по кавгата, изливот на фрустрација, се гради став. Кој е мојот интерес и „големата слика“ во таа релација? Интересот не го врзувам исклучиво со материјалното туку во поширока смисла. Можам понатаму да градам нешто или не можам? Сакам да најдам решение или не сакам?

Сè супер што ние ќе речеме НЕ на овој понижувачки предлог во кој сме во нерамноправна со останатите земји кои пристапиле на ЕУ. Се супер во тоа што гледаме неискреност кај ЕУ, пад на вредностите, хаотично (не)снаоѓање со употребата на инструментот вето од една земја на непринципиелен начин.

Но, следува градење став: ако не во ЕУ, како понатаму?

Која е нашата голема слика? Како ќе се поставиме во вака зададените околности? На никого од нас во животот лично и професионално не ни тече животот според нашите очекувања. Прашањето е: кога ќе се соочиш со околности кои не можеш да ги промениш, како ќе се поставиш кон нив? Можеш да се лутиш, да врескаш, да обвинуваш, но дали тоа ќе ги смени околностите? Одговорот е дека треба да изградиш став и да делуваш кон сопствената благосостојба, во така зададените околности.

„Не е фер“, ако остане само на „не е фер, не играм со вас“ е детска реакција. „Не е фер, не играм со вас, но имам план како да дојдам до сопствената благосостојба без вас“, е одговор на зрел човек.

Владата катастрофално комуницира и не се снаоѓа во оваа ситуација, а манипулациите од типот „ова е супер предлог“ се провидни и не поминуваат. Многу ќе беше почесно да искомуницираат дека ова е тоа што се нуди и да размислиме како општество (експерти, власт, опозиција) дали во оваа рамка ние имаме одредена можност да ги остваруваме чекор по чекор нашите стратешки определби или навистина ќе бидеме блокирани?

Мене ми се чини дека напорот на ЕУ е да си го штити својот углед, односно да го одблокира процесот бидејќи ќе биде премногу и Украина да почне преговори, а ние и Албанија не. Нивните вредности висат на конец. Е сега дали тоа одблкирање за нас нуди одредени поволности и преспективи или сосема не ни одговара и сме уверени дека Бугарија ќе нè блокира на секој чекор?

Бидејќи важно е погледнеме малку подалеку од сега и денес.

Денес ќе протестираме, ќе направиме се да падне влада и? Како утре? Имаме план? Има опозицијата план? Или планот е единствено да се дојде на власт?

Од многу емоции а малку разум и посветеност кон нашите цели - таму сме каде што сме. Добро е сега да размислиме ако притискаме ПРОТИВ францускиот предлог, да видиме ЗА што се залагаме и ќе работиме? И тоа не е одговорност само на власта. Туку на секој граѓанин кој ќе рече НЕ на ЕУ ама ќе работи на европските вредности дома во смисла на демократија, владеење на правотот и функционални институции. За да стане земјава пристојно место на живеење.

Тој граѓанин нема да гласа за ниту една партија додека не види кои личности ќе ги заземат министерските места и каков план имаат да работат и да го подобрат животот на граѓаните. Нема да паркира непрописно, нема да вози пребрзо, нема да флра ѓубре на улица. Ќе бара одговорност од владата, со протест, на социјалните мрежи, во партнерство со невладиниот сектор…

Добро е да се протестира пред владата, ама за тоа што не ги спроведува добрите европските вредности дома, оние за кои ние и всушност сакаме во ЕУ. Да не се занимаваат со коруптивни зделки туку со посветеност да им го подобрат животот на граѓаните. Не со популизам и зголемување на плати за процент кој нема да ги направи побогати луѓето, туку за реформи кои ќе донесат повеќе пари на долг рок.

Да се протестира зашто власта нема визија како на долг рок да го зголеми квалитетот на живот, преточено во решенија кои тој пат ќе го трасираат и делување во таа насока.

Не велам дека не треба да кажеме дека сме гневни. Но да не останеме на гнев, а без решение.

Слики: Lisa Adams