„Храмот на натписите“ и „Деса“ (извадоци од романите)

05.07.2022 14:36
„Храмот на натписите“ и „Деса“ (извадоци од романите)

„Храмот на натписите“, Петар Стојановски (АрсЛибрис)

Нивес се загледа во една градба што прилегаше на минијатурна пирамида од шест-седум метри и притрча да се искачи на неа.

„Нивес, што правиш, сестро, таму горе?“, ја довикуваше Сантијаго, додека со едната рака си правеше сенка на очите, бидејќи сончевите зраци продираа директно кон него додека гледаше нагоре кон сестра си.

Нивес забележа нешто, ја облеа чудно чувство. Гледаше дали е на вистинското место и погледот го упатуваше напред, па зад себе, па како да се местеше за фотографирање, му се обрати на Сантијаго.

„Не ти е позната заднинава?“

„Не! Како мислиш позната кога првпат доаѓаме тука?“, ѝ одговори Сантијаго, не знаејќи на што алудира Нивес.

„Стивенс Родман, писателот од нашата куќа, писателот без прсти... Тој има фотографија токму на ова место, во оваа положба, а во заднината се гледа онаа градба таму што се наоѓа зад мене!“, посочи Нивес со прст во тој правец каде што се наоѓаше најголемата градба во градот.

„Храмот на натписите!“, продолжи Марк. „Најпрепознатливата градба во Паленке. Во него е закопан кралот Пакал, кој го изградил храмот и ја почнал целата оваа градителска експанзија. Легендата вели дека на неговиот погреб целиот плоштад пред храмот бил исполнет со луѓе кои плачеле без престан, бидејќи кралот бил премногу почитуван од своите. Се верува дека долу во храмот на плочата од гробницата има изгравирано чудни симболи што би сакал да ги погледнам. Плочата од гробот тежела пет тона. Е, сега се поставува прашањето како стигнала до таму“, заврши Марк и сите се упатија кон храмот.

Насим продолжи да раскажува.

„Во својот контроверзен бестселер ‘Самракот на Боговите’ од 1968 година, швајцарскиот автор Ерих фон Даникен претпоставил дека ако се заврти настрана плочата, сликата го прикажува Пакал на вселенски брод како управува на него со педали, вдишувајќи воздух преку некаков апарат. Интересно е што истражувачите околу работ на капакот пронашле лента со космички ознаки што ги вклучуваат Сонцето, Месечината, ѕвездите и центарот, што стручњаците за цивилизацијата на Маите го нарекуваат ‘дрвото на светот’. Дали е возможно тие ознаки да се поврзани со капакот од саркофагот и приказот на Пакал во вселенски брод? Теоретичарите за древните вонземјани тврдат дека тоа е доволен доказ. Но, легендите постојат за да се прераскажуваат, нели?

„Но, не може да се пристапи внатре, има заштитна ограда и пишува дека е забранет пристапот за туристи“, рече Рико.

„Мексиканците имаат високи казни за сквернавење на градбите и јас не би ризикувал да влегувам, а вие како сакате“, им посочи Пако, седнат на еден камен и лупејќи еден од портокалите што ги купи Нивес.

„Ако треба да бараме некакви одговори, јас мислам дека тоа е токму тука во овој храм. Мораме да најдеме некаков начин да влеземе внатре без да не забележат туристите“, Марк посочи со прстот кон скалите што водеа во горниот дел каде што е влезот на храмот.

„Деса“, Ивана Трајаноска (Арс Либрис)

Летото кога Степан беше дојден дома, една топла ноќ, 25 јули1963, реши да му каже. Зборуваше тивко, да не ги разбуди децата, кои спиеја со нив на креветот и се обидуваше да му долови со што се соочува, колку ѝ е тешко што е без него, што живеат во една соба. Му објаснуваше дека јатрвите не ја сакаат, му ја покажа и дупката во комбинезонот и иглата што ја најде на прагот... Степан не сакаше да слушне за одвојување од семејниот дом. Тоа беше незамисливо, нечуено... „А кога ќе имаат деца и твоите браќа, кога ќе пораснат нашиве, што ќе правиме тогаш, сите вака ќе живееме, како крави во штала, како вие што сте живееле, со добитокот в куќа, сите на куп, ајде и добиток да донесеме“... Степан се сврте на другата страна и престана да зборува... По кратко време остро додаде: „Само чудо може да ме извади од оваа куќа“.

Деса долго лежеше на креветот не можејќи да заспие. Беше запурна јулска ноќ. Степан потрчнуваше, децата тивко издишуваа, Деса се поткрена да седне на кревет. Гледаше низ прозорецот и се прашуваше какво чудо би можело да ги избави од тука... Се разбуди како и обично, во пет часот наутро, но овој пат потскокна. Ноќницата ѝ беше испотена под пазувите и градите... ја разбуди оној сон... Ги слушаше рекичките како течат и одеднаш се најде под Радиниот мост. Во десниот столб на мостот ја виде Рада, голема колку столбот, јадра и бела, облечена во бела кошула. Рада плачеше, но нејзиниот плач не се слушаше од жуборот на водата. Ликот ѝ беше свенат, влажен од солзи, жолт од тага. Низ солзи ѝ велеше на Деса: „Маленко, подај ми га бебето да го ставу на градата“. Деса се заврти наоколу и виде бебе на камчињата покрај реката. Го зеде в раце и дури тогаш слушна дека бебето трескавично плаче. Кога погледна во пелената, немаше бебе, туку змија. Деса писна и за малку што не го испушти од раце завитканото чудо. Рада повтори: „Маленко, подај ми га бебето да го ставу на градата“. Деса ѝ го подаде, а змијата почна силно да шмука од десната бела дојка на заѕиданата мајка... Во тој момент се разбуди повторно... Се фати за градата, како да ја болеше. Се сети на дупката во комбинезонот и заплака. „Повторно тој сон“, си промрмори... Требаше да стане, време беше да се купи леб од пекарницата на аголот, да се почне со подготовки за појадок, за новиот ден... но немаше сила да се поткрене. Вратот ѝ се беше вкочанил бидејќи заспала речиси седната. Го истегна, се размрда, ги раздвижи дланките, прстите на рацете и нозете, свеж воздух влегуваше од прозорецот... го погледна Степан кој мирно спиеше до неа, спружен како некој праисториски влекач... или камен... му ја набљудуваше кожата, рапава, цврста, чиниш секоја клетка од површината на кожата беше исцртана со белузлави контури... сакаше да го допре, полека ја приближи дланката до неговите гради, го истегна показалецот ... но, одеднаш рикна чудна бучава, како крик од утробата на земјата, проследена со силно тресење... Земјотрес, ова мора да е земјотрес, се свести. За кратко време сите излегоа надвор. Децата беа по гаќи и по маица, таа по ноќница, а тие двете, двоглавата змија, стуткани до своите мажи, беа без шминка, без нивните цветни шарени фустани, ненагиздани, изгледаа мали, ситни, немоќни, пребледени од страв во лицата... Пекарницата на аголот беше сосема урната, ништо не беше останато од неа, само куп прашина и шут... Под него можев да бидам јас, си помисли во ужас... тој сон, овој пат ме спаси, сонот ме спаси, таа мисла не ѝ излегуваше од глава... Семејната куќа, малата зградичка на два ката и мансарда, беше целата распукана, покривот паднат, прозорците на мансардата смачкани... чудото се случи, си помисли Деса гледајќи нагоре... не можеше да поверува...

ОкоБоли главаВицФото