Крај на неолиберализмот?

06.07.2022 02:51
Крај на неолиберализмот?

Приказ на книгата на Гери Герстл „The Rise and Fall of the Neoliberal Order: America and the World in the Free Market Era / Подемот и падот на неолибералниот поредок: Америка и светот во ерата на слободниот пазар“, Oxford University Press 2022.

 

Терминот неолиберализам е неизбежен во политичките дискусии на западот. Вообичаено се користи како навреда, како синоним за капитализам со крвави канџи и очници. Но историчарите ја оспоруваат таквата употреба барем од 2018 година, кога Квин Слободијан ја објави книгата „Глобалисти: крај на империјата и раѓањето на неолиберализмот“, потсетувајќи нè дека тој збор го сковале интелектуалци од триесеттите години на 20 век за да го означат својот раскин со традициите на либерализмот од 19 век и со современиот либертаријанизам.

Американскиот историчар Гери Герстл не ѝ припаѓа ни на едната ни на другата струја. Во книгата „Подемот и падот на неолибералниот поредок: Америка и светот во ера на слободна трговија“, самопрогласена „историја на нашето време“, тој го користи терминот неолиберализам за да го опише особено американскиот политички поредок. Во случајов „поредок“ е технички термин кој Герстл го дефинира како „констелација на идеологии, политики и политички групации кои ја обликуваат американската политика низ периоди кои траат подолго од изборните циклуси од две, четири или шест години“. Дефиницијата не е елегантна, но основната идеја е јасна: републиканците и демократите се менуваат во водењето на државата, но тоа го прават во рамки на поширока рамка со која јасно е дефинирано што се смета за прифатливо и легитимно однесување при вршењето на власта. Таквата надредена рамка може да трае повеќе претседателски мандати.

Една од одликите на етаблираниот политички поредок е тоа што партиите кои некогаш можеби се противеа на неговите централни идеи, со текот на времето го менуваат курсот и имплементираат политики блиски на политиките на идеолошките победници. На почетокот на триесеттите години од 20 век Френклин Рузвелт го промовираше Њу дилот како нов поредок, но до целосна консолидација на нововоспоставениот поредок дојде дури две децении подоцна, во мандатот на републиканскиот претседател Двајт Ајзенхауер (чие инаугурално обраќање до нацијата Линдон Џонсон го оцени како „одлично резиме на сите политички програми на Демократската партија од претходните 20 години“). Роналд Реган беше „идеолошки архитект“ на неолиберализмот, но негов „клучен промотер“, забележува Герстл, беше Бил Клинтон - во случајов тој ја одигра улогата на Ајзенхауер на левиот центар.

Герстл со право забележува дека политичкиот поредок - она што некои други автори го нарекуваат режим, а италијанскиот марксист Антонио Грамши „културна хегемонија“ - не може да се воспостави без повикување на моралните вредности. Би било погрешно последните 40 години од историјата да се толкуваат само како триумф на идејата која често погрешно се опишува како „пазарен фундаментализам“.

Отпорот кон Њу дилот (и различните облици социјална демократија во Европа) се оправдуваше со морални прични, а не со целите за материјална благосостојба. „Економијата е метод“, велеше Маргарет Тачер во 1981 година, „целта е промена на душата“. Нејзината изјава дека општеството не постои исто така често се толкува погрешно: тоа не беше повик на себичен индивидуализам, туку нагласување на потребата луѓето да ја прифатат одговорноста за сопствените постапки, со поддршка на силното семејство и „живо ткаење“ нешто што може да се опише како граѓанско општество (наместо да се потпираат на државата). Како жестока лаичка методистичка проповедничка, сакаше да ја дисциплинира својата паства, морално и практично. Ако учењето на Маргарет Тачер и Роналд Реган можеше да се сведе на паролата „алчноста е добра“, неолиберализмот немаше да стане владејачка доктрина на нашата доба.

Герстл промуќурено забележува дека идеолошката кохерентност во политиката често е преценета. Секој политички поредок вклучува внатрешни тензии или дури очевидни контрадикции, што може да биде извор на сила: различните насоки привлекуваат различни политички групации. Неолиберализмот вклучуваше препознатливи неовикторијански црти, евидентни во нагласувањето на „семејните вредности“. Тоа е неоконзервативизам здружен со моралните вредности кои ги имаше на ум Маргарет Тачер кога ја започнуваше кампањата за промена на британската душа. Негова друга важна одлика е „космополитизмот“, пишува Герстл, во облик кој му е близок на либертаријанизмот - наводно „длабоко егалитарна и плуралистичка“ вера во „отворени граници“ и разновидност која настанува со слободно мешање различни групи луѓе. Со морално строгата Маргарет Тачер, за конечен успех на неолиберализмот на западот беше неопходен ангажманот на поранешниот саксофонист и љубител на лесни дроги Бил Клинтон (и со него Тони Блер).

Проблемот е во тоа што ако воспоставениот поредок може да ја вклучува и сопствената спротивност, тогаш овој концепт не е особено корисен за толкување на историските исходи. Герстл има тешкотија во докажувањето дека појавата на новата левица исто така треба да се толкува во контекст на подемот на неолиберализмот. Можно е да се повлече линија која води од Хајт-Ешбери во Сан Франциско - како место на раѓање на контракултурните движења - до Силиконската долина, но таа линија е мошне искривена и бара да занемариме многу од левичарските идеали: селективната апропријација на креативноста на контракултурните движења од страна на корпоративна Америка и нејзиното инсистирање на диверзитет не докажуваат дека левичарските радикали учествуваа во воспоставувањето на неолибералниот поредок. Навистина, како што истакнува Герстл, во администрацијата на Картер поважна улога имаа неолибералите и левичарот Ралф Надер кој ја предводеше групата за заштита на јавниот интерес (Nader's Raiders). И едните и другите повеќе се грижеа за заштитата на потрошувачите отколку за правата на работниците. Додека првите ја славеа наводната слобода на избор како израз на „сувереност на потрошувачите“, другите бараа администрацијата да се грижи за нивната заштита, зашто за разлика од суверенот на Хобс, потрошувачите не се бесмртни и го ризикуваат животот ако произведувачот на автомобили одлучи да ја занемари безбедноста во името на профитот, како што пишуваше Надер во познатата книга од 1965 година, „Небезбедно при секоја брзина“.

Екуменскиот поглед на Герстл на изворите на неолиберализмот е резултат на нагласување на широкиот континуитет помеѓу либералните идеали на автономијата и индивидуалноста од 19 век и современиот неолиберализам. Заговорниците на либерализмот го додадоа префиксот „нео“, пишува Герстл, зашто до триесеттите години на 20 век прогресивците и социјалдемократите веќе го украдоа „либерализмот“ за сопствените државни програми. Во секој случај, известува Герстл, творците на новиот термин не беа особено потресени од „една од најголемите терминолошки кражби во историјата“. Сметаа дека laissez-faire од 19 век барем делумно придонесе за политичките и економски катастрофи кои ја обележаа нивната доба. Затоа сакаа силна држава која активно ќе управува со пазарите и ќе се погрижи сите граѓани - преку религијата, семејните вредности и така натаму - да стекнат морална цврстина која е потребна за да се соочат со секојдневните тешкотии на животот во капитализмот. Вистина е дека ни либералите од 19 век не инсистирале на укинување на државата, но државата во улога на ноќен чувар, каква што сакале тие, би била многу повоздржана од неолибералната полициско-проповедничката држава која активно ги дисциплинира пазарите и граѓанството.

Сепак, не е сосема јасно кој што украл и од кого: социјалдемократите од почетокот на 20 век - вклучувајќи и некои „нови либерали“ како што беше Леонард Хобхаус во Велика Британија - тврдеа дека социјализмот е легитиен наследник на либерализмот. Либералите не ги сфаќаа општествено-економските предуслови на слободата: социјалистите успеаја да изградат социјална држава способна да пружи сигурност потребна за развој и цветање на индивидуалноста токму затоа што ѝ дадоа предност на слободата, а не на еднакввоста. Социјалдемократите веруваат дека го исполниле она што Герстл го нарекува изворно „ветување за еманципација“ кое го понуди стариот либерализам.

Ако неолиберализмот повеќе се грижеше за дисциплината отколку за слободата, тогаш нашата претстава за Клинтон и Блер како конвертити кои ја прифатија пазарната конкуренција и космополитизмот станува уште посложена. Клинтон спроведуваше политики кои имаа цел да ги дисциплинираат луѓето кои не се трудат доволно, а доведоа до масовни затворања на програмите за помош, а авторитарната црта на Блер се манифестираше во сè пошироките програми за надзор на британското општество и иновативни политики како што се Асбоп и обидите за воведување лични карти.

Клинтон и Блер беа големи поборници на технологијата и глобализацијата, но прашањето е дали нивните ставови навистина се космополитски на кој било смислен начин. Можеби границите беа попорозни, но секако не беа „отворени“. Лидерите од третиот пат ги славеа, но не инсистираа на глобална еднаквост и редистрибуција на ресурсите. Во тој дел ризиците за пишување на историјата на сопственото време стануваат очигледни. На прв поглед урамнотежената анализа на левицата и десницата заправо прифаќа некои од идеолошките рамки на денешната популистичка десница (која на либералите им приговара дека се „космополити без корен“ кои се подбиваат со луѓето кои се врзани за едно место).

Во остатокот од книгата Герстл нè потсетува на заборавените делови од скорешната историја која сè уште го обликува светот во кој живееме. Детално опишува дека во времето на Реган беше укината обврската телевизиските и радио програмите да им даваат простор на различните политички позиции. Резултат беа десничарските радио програми и ТВ каналот Фокс Њуз, медиуми кои некогаш беа пропагандно крило, а денес практично управуваат со Републиканската партија. Клинтон ја прифати оваа промена и не се обиде да ја обнови „доктрината за фер известување“ која ја отфрли администрацијата на Реган. Герстл покажува и дека политичките архинепријатели од деведесеттите години - Клинтон и Њут Гингрич, тогаш претседавачи во Претставничкиот дом - и покрај јавните конфликти соработуваа зад сцената за да издејствуваат релаксирани закони за интернетот какви што бараа претприемачите од Силиконската долина.

Финансиската криза од 2008 година - како настан сличен на стагфлацијата од седумдесеттите - се наметнува како логично место за почеток на приказната за падот на неолибералниот поредок. Но на почетокот од векот имаше и други настани кои ја разнишаа верата во слободата-како-дерегулација, пред сè надворешно-политичките неуспеси на Џорџ Буш и администрацијата која веруваше дека со воспоставување капиталистичко уредување Ирак ќе процвета преку ноќ. Ставот дека не треба да се планира, па ни да се посветува особено внимание на државните политики, зашто државната управа секако е дисфункционална, прв го пропагираше Реган. Сепак, во реструктурирањето на американската држава поранешниот холивудски глумец се потпираше на искусни републикански советници: од друга страна, триумфалистичката администрација на Буш на крајот беше жртва на сопствената пропаганда во која поверува и самата.

Како доказ дека денес неолибералниот поредок се распаѓа, Герстл го користи примерот на две најневеројатни политички кариери од изминатава деценија. Доналд Трамп и Берни Сандерс се прикажани како претставници на десничарскиот и левичарскиот популизам. Вистина дека двајцата ја напаѓаа ортодоксијата на слободниот пазар. Но еден од нив во исто време беше смртна закана за демократијата, другиот не го штедеше Волстрит, но остана политички умерена фигура спрема стандардите, на пример, на Скандинавија од седумдесеттите години. Исто така, суштински се разликува и користа која двајцата ја извлекоа од мандатот на Барак Обама - последниот вистински неолиберал на чело на државата. Трамп ветуваше дека ќе ја обнови супремацијата на белата раса, а Сандерс грмеше дека администрацијата на Обама во која доминираа неолибералите од деведесеттите години како Лери Самерс не беше доволно остра кон финансискиот сектор по кризата во 2008 година.

Дали неолиберализмот навистина умира? Интересно е што користењето зборови како што е олигархијата во изборните дебати на демократските кандидати веќе не се доживува како израз за неамериканско секташтво. Истовремено, ако Герстл е во право и ако патот до новиот поредок се гради со напорите на безбројните активисти и интелектуалци, можеби тврдењата дека социјалистите ја преземале Демократската партија сè уште се избрзани. Трамп се фалеше со фабрики кои се враќаат во САД, но конзервативизмот на работничката класа сè уште е химера, интелектуално и политички. Му недостасуваат кохерентни политики и средства за освојување на власта (денешната Републиканска партија не ги исполнува условите). Од друга страна, она што Герстл го нарекува Трампов етнонационализам - можеше слободно да се употреби и некој помалку пристоен термин - не е раскин со формулата на Реган како што често се тврди. Додека ги славеше слободниот пазар и војската, Реган и самиот се потпираше на идеите за супериорност на белата раса (додуша ублажена со личниот шарм и холивудскиот хумор).

Герстл го нагласува и значењето на комунистичката закана со која изворно беше легитимиран Њу дилот и која им помогна на републиканците да го прифатат новиот поредок. САД мораа да им понудат нешто на работниците што ќе ги затапи советските критики на капитализмот. По аналогија, дискредитацијата на комунизмот до седумдесеттите години (можеби и претходно) му одеше во прилог на неолиберализмот, кои потоа, што Герстл не го нагласува доволно, го искористија меѓународните институции како СТО за да ги вградат сопствените уверувања во глобалниот поредок. Кинеската ленинистичка верзија на капитализмот не нуди вистинска алтернатива и иако е можно ковидот донекаде да го врати легитимитетот на одредени облици државна интервенција, би било погрешно да се верува дека антилибертаријанските лекции кои ги извлековме од пандемијата се сосема еднозначни. Многумина веруваа дека кризата од 2008 година автоматски ќе ѝ помогне на левицата, а се покажа дека најголема корист од неа имаше десното движење Tea Party.

Донекаде сличната теорија на политичкото време и трендовите со долгото траење во американската политика, која ја развиваше политикологот Стивен Скоуронек вели дека нов режим (термин кој тој го користи за она што Герстл го нарекува поредок) може да се воспостави дури по одлучно отфрлање на стариот. Во 1980 година Реган победи во 44 од 50 држави, во 1984 година победи во сите освен во една. По хаотичниот мандат на Трамп, некои очекуваа сличен резултат од Бајден. Ако се занемари етнонационализмот, Трамп немаше значајни законодавни успеси, освен даночните олеснувања за најбогатите. Пресвртот изостана. Можеби уште некое време ќе мораме да живееме на рушевините од стариот поредок. А како што зборуваше Грамши, периодите на политички интеррегнум раѓаат чудовишта.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Hassan Bleibel

Извор: https://www.newstatesman.com/

ОкоБоли главаВицФото