Просторни реадаптации 1: Скопската ‘плажа’ како место за културна практика

07.07.2022 15:28
Просторни реадаптации 1: Скопската ‘плажа’ како место за културна практика

Во недела, на 8 јули, на Градска Плажа Парк, од 20:30 до 23 часот ќе може да се погледне концептуална инсталација од пет македонски уметници, насловено „Просторни реадаптации 1: „Скопската ‘плажа’ како место за културна практика“,

Преку заедничка инсталација ќе се претстават уметниците Ана Јовановска, Ана Трајковска, Доротеј Нешовски, Ивана Самандова и Стефан Божиновски. Поради специфичните околности и локацијата на настанот, инсталациите ќе може да се погледнат само еден ден.

Подолу е поместен текстот на историчарката на уметност, Ангела Витановска за инсталацијата:

„Просторот, перцепиран како еден исечок, сегмент, или целина, отсекогаш успевал да го привлече вниманието на визуелниот творец, гледан како средиште во кое се крие енигмата на човековото “исконструирано” егзистирање како дел од заедницата. Да се смени, да се трансформира и визуелно да се реадаптира една просторна целина, значи таа да се извади од еден и да се внесе во друг концепт, да ѝ се даде нов, освежен наратив, а со тоа и еден поинаков контекст и значење. Земајќи го предвид културниот и социо-општествен аспект кој сам по себе го носи, јавниот простор бездруго може да се сфати како своевиден катализатор на општествениот живот, ,,инкубатор“ за креативност, простор на инспирација, експериментирање и културна продукција, еден вид општествено и естетско огледало на дадена средина, а уметничката практика е само еден фактор кој помага во неговото регенерирање и оживување.

Одовде и се поставува прашањето: дали е можно визуелниот уметник да го искористи урбаниот простор како место за промена и, преку неговата визија да го претвори во простор со квалитети кои одговараат на потребите на заедницата? Ова прашање ни овозможува да се осврнеме на прашањето за театралноста и начините на кои визуелните елементи доминираат во просторот. Со нова оркестрација на урбаниот простор, уметникот може да му даде поголема сензорна длабочина, поттикнувајќи ја конструкцијата на значењето во урбаниот простор што мутира.

Токму ваков јавен простор кој мутирал и за десет години се променил до фаза на непрепознатливост, е една од двете скопски плажи, лоцирана во близина на Градскиот парк, покрај кејот на реката Вардар. Отворената конструкција на напуштената градска плажа, дел од проектот Скопје 2014, која за јавноста беше отворена во јуни 2010 година, беше првичниот поттик кој ја покрена идејата, запоставеноста на овој простор, препуштен сам на себе, да се пренамени, да биде реискористен, реадаптиран и реупотребен во простор од отворен карактер, со потенцијал тој во иднина да биде оживеан како место за културна практика кој активно би се користел, особено во текот на летниот период. Одовде, самиот проект критички го разработува проблемот со неискористениот потенцијал на Скопската плажа како речиси соголена и руинирана површина, а уметникот се јавува како нејзин рекреатор и ревитализатор кој на суптилен начин отвара многу подлабоки, речиси носталгични, а сепак доста сериозни прашања од социо-еколошки карактер, каде чистотата на Вардар и околината останува само едно далечно сеќавање на постарите генерации, а Скопската плажа одамна ја изгубила својата примарна намена.

Така, Ана Јовановска преку делото ,,Капачи“ на ироничен начин ќе се обиде да нé наврати наназад, на никогаш не заборавената, а сепак одамна непостоечка плажа, на која постарите генерации сé уште со радост и носталгија се сеќаваат, со интенца на навидум детски и наивен начин да направи спојување помеѓу минатото и сегашноста, со главна цел- остварување на посакувањата за една утописка и идилична иднина. Како што самата ќе каже: ,,Иронично е што минатото нуди повеќе од сегашноста, па иднината го презамислува минатото. Иако делото го носи името ,,Kапачи“, очигледно е дека се отсутни - сите се на капење во Вардар! Реката е повторно чиста и употреблива!“. Ана Трајковска пак просторната конструкција и лавиринтната шема, одбира да ја искористи во релација со многуте препреки, талкање и ,,заклучените“ врати низ кои поминува секој (млад) автор во процесот на својот професионален развој, себепронаоѓање и постојано присутната институционална борба во локалната културна сфера. Доротеј Нешовски преку светлосна инсталација насловена ,,Овде естетската визија не познава граници“, употребувајќи лајт бокс и елементи во простор, изразува критика кон запоставеноста. Ивана Самандова прави еволуција и реадаптација на сопственото дело, кое настанува по пат на моментална интуиција и преку цртежот третира една сосема ‘лежерна’, а сериозна состојба на постоење, исполнета со нови искуства и случувања коишто ‘живеат’ и функционираат на објектот, во паралела со животот и специфичната околина во која твори, живее и опстојува уметникот. Стефан Божиновски е последниот од петтемина автори кој ќе направи обид целосно да го искористи потенцијалот кој отворената, и соголена конструкција го нуди, директно просторно ,,цртајќи“ со платно, компонирање кое го прави произволно, на лице место, со цел да се збогати и динамизира просторот и неговите карактеристики.

Целта на оваа (заедничка) концептуална инсталација, која како база го искористува ,,скелетот“ од некогашната Градска плажа, расчленета на пет индивидуални дела, кои всушност откриваат една целина одразена во едно заедничко одделно, а сепак навидум колективно дело, е да се стави акцент на неискористениот потенцијал на напуштената ,,Скопска плажа“, како заеднички културен, социјален и урбан простор, на која истовремено може да гледаме и како на своевидна дидактичка инструкција за ликовно-естетскиот сооднос и за поврзаноста со одбраниот амбиент. Преку овој проект, секој од уметниците прави и сопствено истражување на односот човек-простор-време-околина, релативитетот кој доаѓа со промената на овој однос, непостојаноста, промената и потиснатите пориви од целосно исчезнување на едно одамна одминато, а за нас речиси непостоечко време.

Овој проект ги отвора прашањата што ги поставува уметноста и улогата на уметникот во современиот урбан контекст, а со тоа дава и отворена критика кон јавноста, потенцирајќи ги недостатоците во уметничкото творештво и размислување за урбаниот простор, во овој случај реадаптирање на напуштената градска плажа во еден вид на галерија од отворен тип, со цел да се разбуди интересот за културна практика, а со тоа и да се ,,извади“ уметноста вон институционалното и да му се доближи на обичниот граѓанин.“


Проектот е поддржан од Град Скопје.