Пробиена е „тајната шифра“ која ја користи мозокот за да создаде краткорочни сеќавања

08.07.2022 01:13
Пробиена е „тајната шифра“ која ја користи мозокот за да создаде краткорочни сеќавања

Овој вид меморија, која се нарекува работна меморија (некои истражуваќи го користат поимот работна меморија и го разликуваат од краткорочната меморија, иако двата поими релативно се преклопуваат), е она што им овозможува на луѓето привремено да ги запамтат информациите и да манипулираат со нив краток временски период.

На пример, работната меморија ја користиме додека бараме нечиј телефонски број кога некој ни го кажува, накратко го запамтуваме редоследот на цифрите за да ги внесеме. Или кога некого ќе прашаме за правец до некој ресторан, а потоа ги следиме насоките само додека возиме до тоа место.

Новиот труд претставува „фундаментален чекор напред“ во проучувањето на работната меморија, рече Дерек Ни, доцент по психологија и невронаука на Државниот Универзитет Флорида, за Live Science.

Научниците со децении се прашуваа како и каде мозокот ги кодира минливите сеќавања.

Една теорија сугерира дека работната меморија се потпира на специјални „складишта“ во мозокот, одвоена од местото каде мозокот ги обработува дојдовните сензорни информации од очите или носот.

Но една друга теорија пак, сугерира дека „не постојат такви посебни складишта“, рече Ни. Според оваа теорија, истите мозочни клетки светат кога првпат ќе го прочитате телефонскиот број како и кога одново и одново го повторувате тој број во вашата работна меморија.

Новата студија, објавена во април годинава во научното списание Неурон, ги доведува во прашање овие две теории.

Наместо да го рефлектира она што се случува за време на забележувањето или да се потпира на специјални складишта за меморија, се чини дека работната меморија оди чекор понатаму од сензорното собирање информации; ги извлекува само најрелевантните сензорни информации од околината и потоа тие информации ги сумира во релативно едноставен код.

„Со децении постоеја сигнали дека она што го складираме (во работната меморија) би можело да биде различно од она што го забележуваме“, рече коавторот на студијата Клејтон Куртис, професор по психологија и невронаука на универзитетот во Њујорк.

За да ги решат мистериите на работната меморија, Куртис и коавторката Јуна Квак, студент на докторски студии на Универзитетот во Њујорк, користеле техника на скенирање на мозокот која ја нарекле функционална магнетна резонанца (фМРИ). Овој метод ги мери промените во протокот на крвта во различни делови од мозокот. Активните мозочни клетки бараат повеќе енергија и кислород, така што фМРИ ја мери активноста на мозочните клетки.

Тимот скенирал мозоци на девет волонтери додека извршувале задача која барала да ја „вклучат“ работната меморија. И двајцата автори на студијата исто така ја извршиле задачата.

Во едно од испитувањата учесниците приближно четири секунди на екран посматрале круг составен од коси црти. Потоа графиконот исчезнувал, а 12 секунди подоцна од учесниците побарале да се присетат на аглите и косите црти.

„Предвидовме дека учесниците ќе го прекодираат сложениот стимуланс во нешто поедноставно и порелевантно“, рече Куртис за Live Science.

Од учесниците е побарано само да посветат внимание како се ориентирани косите црти или аголот на движење на облакот од точки, така што истражувачите претпоставувале дека мозокот на испитаникот ќе ги забележува само специфичните атрибути на графиката.

Кога тимот ги анализирал податоците добиени со скенирањето на мозокот, го откриле токму тоа.

Истражувачите користеле компјутерско моделирање за да ја претстават сложената мозочна активност, правејќи еден вид топографска мапа која ги претставува врвовите и долините на активноста во разни групи мозочни клетки.

Клетките на мозокот кои обработуваат визуелни податоци имаат специфично „рецептивно поле“. Со други зборови, тоа значи дека се активираат како одговор на стимулансите кои се појавуваат во одредена зона на видното поле на личноста. Тимот ги земал предвид овие полиња во своите модели, што им помогнало да сфатат како мозочната активност на испитаникот е поврзана со она што го забележале на екранот за време на задачата.

Оваа анализа открила дека, наместо да ги сочува сите фини детали од графиката, мозокот ги чува само релевантните информации потребни за задачата. Кога се посматра на топографските мапи, активноста на мозокот која се користи за чување на овие информации изгледа како едноставна, рамна линија. Аголот на линијата би одговарал на ориентацијата на решетката или аголот на движење на облакот од точки, во зависност од тоа која графика им била прикажана на учесниците.

Овие обрасци на мозочната активност кои наликуваат на линии се појавиле во визуелниот кортекс, каде мозокот прима и обработува визуелни информации; и во париеталниот кортекс, клучна регија за обработка и складирање сеќавања. Клучниот податок кој го добиле научниците е дека мозокот не користел линии за да ги претстави сликите.

Ограничувањето на студијата е во тоа што тимот користел мошне поедноставена графика, која не ја рефлектира нужно визуелната сложеност на реалниот свет, забележа Ни. Ова ограничување се протегнува на многу студии за работната меморија.

Во суштина, работната меморија функционира како мост помеѓу перцепцијата (кога читаме телефонски број) и акцијата (кога го повикуваме бројот).

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pedro Troncoso

Извор: https://nationalgeographic.rs/

ОкоБоли главаВицФото