„Еден сив мартовски ден“ и „Веќе не сум истиот“ (извадоци од романите)

08.07.2022 15:06
„Еден сив мартовски ден“ и „Веќе не сум истиот“ (извадоци од романите)



„Еден сив мартовски ден“, Тања Урошевиќ („Или Или“)

Весна редовно, еднаш месечно, од година в година, ѝ го носеше пакетот до шалтерот, до строгата службеничка, без да посака да ја види, без да изусти барем нешто како поздрав, без да праша: како е мама. Всушност, ни зборот мама никогаш не бил изговорен.Тоа испуштање беше толку екотно и жестоко, што дури и службеничката, небаре некакво сожалување сепак го пробило нејзиниот тврд службен оклоп, кога ќе ѝ го предаваше пакетот, со малку смекнат глас ќе речеше: „Од ќерка ти!“ Во таквите моменти Катарина секојпат посакуваше да потрча по таа сурова жена, да ја одвлече некаде скраја, подалеку од туѓите погледи, да ја исползува нејзината миговна слабост, сестрински да ја распраша: дали пропуштила, можеби, да ѝ пренесе некој збор набрзина изустен, некој знак, некаква ситна промена во изгледот, во однесувањето? Но никогаш не најде храброст за тоа. Па, да имаше нешто, нели, ќе ѝ го кажеше и самата.

Го примаше пакетот, токму така, од раце в раце, молкум, како некој редовен обред. Го отвораше; со бавни скротени движења, отрпната, ја вадеше содржината, едно по едно парче, со долги паузи небаре ѝ требаше време да сфати нешто, да промисли, и редеше на креветот: шампон, дезодоранс, паста за заби, влажни и суви шамичиња и сѐ друго токму како да е земено од нејзината бања, од нејзината лична тоалетна торбичка, запаметено грижливо и точно; сѐ во количества за едномесечна употреба; потоа уште – кекси, скапи но стандардни; трајни деликатесни производи; и – црни чоколади, од оние со висок процент на какао.Чоколади! Тие, всушност, најмногу ја збунуваа; со највисок процент на какао – каде е Огнен во сево ова? Тие чоколади беа нивна заедничка страст и игра, натпревар само помеѓу нив двајцата: проценување и истражување, кој ќе открие, кој прв ќе проба уште поцрна, уште пофина, со уште поголем процент на таа маслеста горчина, на таа горчливо – перверзна сладост, во фри-шоповите на патувањата, во новоотворените самопослуги или деликатесни дуќани. Ох, колку одамна беше тоа! – Зошто Огнен никогаш не дошол да ја види? – Тие чоколади беа оној, само нивен, мал грев, заедничка слабост, проследуван секогаш со поглед на помирливо неразбирање од Стево, на лесен прекор, можеби и мала завист, од Весна.

- Дали тие беа знак и на негово вмешување, даден глас од Огнен? Глас што не смеел да се артикулира поинаку, којзнае зошто?

За Огнен знаеше дека матурирал и студира во странство, дека редовно ги полага испитите, дека е здрав, од приложеното писмо во пакетот, отчукано на компјутер, во кое Весна редовно, суво и скржаво ја известуваше за Стево, за Огнен и за себеси. Скржаво и безлично, како да не станува збор за луѓе, туку за некои механизми: сите се добро, сѐ тече нормално, нема некои особени промени. А тие не-особени, тие мали, секојдневни и недоволно значајни за да бидат споменати во скржавото писмо, а кои таа со трепет ги бараше меѓу редовите, на белините, некаде помеѓу интерпункциските знаци, но секогаш попусто?! Катарина ги читаше и не наоѓаше ништо и потоа секојпат чувствуваше како станува сѐ помалку заштитена наспрема сивата, маслеста, упорна самотија што ѝ навлегува преку телесните отвори, преку ситните пори на кожата и како зафаќа сѐ поголем и поголем простор во неа внатре. Просто како да ѝ беше жал – колку и да се ужаснуваше од една таква мисла!- по оние први писма, во првите месеци, кога, самата тукушто вратена од болница, сѐ уште во збунетоста од новонастанатата ситуација, со очајание, но и со сѐ уште неизгубеното чувство дека е нивен дел, ги чекаше вестите за сите нив оставени надвор: за Стево, кој бавно, сосема бавно, се извлекувал од повредите, за Огнен, кој премногу брзо излегувал од својата средношколска возраст, за Весна – за којашто не знаеше всушност ништо.И уште тогаш тие ја поразуваа со својата скржавост, сувост, но, си мислеше, па и тие се збунети, потресени, и тие сѐ уште не знаат што да кажат, не можат да се снајдат во несреќата што и нив ги снајде.

 


„Веќе не сум истиот“, Војо Цветановски, („АрсЛибрис“)

ГЛАД

„Шпанцирфест“ е еден од моите омилени фестивали за улична уметност. До Загреб одам со автобус, а оттаму до Вараждин со воз.

Набрзина се спакував. Кафето што е веќе готово го поставувам на масата во дневната соба. Додека го пијам, на масата го гледам текстот што го запишав ноќеска пред да легнам, ГЛАД. Билетот го ставам во ранецот. Го земам листот ГЛАД, го ставам во задниот џеб од фармерките. Ќе го допишам по пат или кога ќе стигнам во Хрватска. Часот е 16. Време е да тргнам.

Долгите патувања воопшто не ме вознемируваат, напротив, уживам во нив. Во Загреб стигнав рано наутро во 6 часот, а веќе во 7 пристигнав на железничката станица попозната и како „Главни колодвор“. Гледам кога е следниот воз за Вараждин. Во 8 часот. Седнувам на клупите во чекалницата. До мене седнува човек на возраст меѓу 65 и 70 години. Носи зелена шапка со перце на врвот, зелено палто со бела кошула под него, кратки пантолони до натколена, високи чорапи што стигнуваат до потколената и кафени чевли. Има полни очи, црвени образи, малку дамки и кратки мустаќи. Ми изгледа многу интересен, како да е излезен од расказите на Чехов. За да си го пополнам времето до тргнување, почнувам незадолжителен разговор со овој човек. Му се претставувам.И тој ми се претставува – Антун Гргуриќ. Го прашувам од каде е и каде патува.

Антун:
Одам во Нови Мароф.

Јас:
Таму живеете?

Антун:
Да.

Јас:
Одам во Вараждин на „Шпанцирфест“.

Антун:
Посетител?

Јас:
Учесник.

Се врти кон мене и ме гледа. Ми станува непријатно.

Антун:
Учесник? Од Македонија?

Се насмевнува. Не сум сигурен дали насмевката е иронична или не (?) Ми станува непријатно бидејќи тонот со кој говори и начинот на кој ме гледа не му се баш најпријатни.

Јас:
Да! Има нешто чудно во тоа? Зошто се чудите? Зар нам, на Македонците, ни е забрането да бидеме креативни?

Антун:
Воопшто не мислев така. Напротив, мислев во позитивна конотација. Немој да се лутиш.

Се чувствувам навреден. Станувам и заминувам од таму. Преку глава ми е веќе да ме гледаат со чудење кога одам на фестивали и кога ќе кажам од каде доаѓам. Како нашето поднебје да е креативно парализирано.