1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Дури и кога глобалната температура ќе почне да паѓа, откако во овој век ќе ги достигне своите максимални вредности, ризикот за биодиверзитетот веројатно нема да опадне ни десетици години подоцна, открија резултатите од новата студија на Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Кејптаун.
Глобалното затоплување веќе сериозно влијае на флората и фауната, предизвикувајќи огромни изумирања на шуми и корали, драстично намалување на популацијата на одредени инсекти, миграции на видовите, како и промена на големината и обликот на телата кај некои птици. Тимот научници пружи увид во тоа каква иднина ги очекува доколку емисиите на гасови со ефект на стаклена градина итно не се намалат.
Авторите на студијата го проучувале влијанието на можните идни промени на климата во однос на над 30 000 видови водоземци, птици, цицачи, влекачи, морски риби и безрбетници, како и морски треви на различни локации во светот.
Ако температурата пред да почне да се намалува, порасне над 2 степени целзиусови во однос на прединдустриските нивоа, повеќе од четвртина анализирани природни живеалишта ќе имаат неизвесни или непостоечки шанси да се вратат во претходната „нормална“ состојба.
„Истражувавме што ќе се случи со биодиверзитетот на глобално ниво ако климатските промени се стават под контрола дури по привременото пречекорување на договорената цел“, објасни англискиот истражувач и коавтор на студијата, д-р Алекс Пигот.
„Откривме дека голем број видови животни ќе продолжат да се соочуваат со небезбедни услови и децении по кулминацијата на глобалната температура. Дури и ако колективно успееме да направиме пресврт во однос на глобалното затоплување пред видовите неповратно да се загубат од екосистемот, нарушувањето на животната средина, предизвикано од небезбедните температури, би можело да потрае дополнителен половина век или повеќе. Неопходна е итна акција за никогаш да не се приближиме до границата од 2 степени целзиусови, а камо ли да ја надминеме“, порача Пигот.
Истражувањето се фокусира на сценарио во чии рамки емисиите на јаглерод диоксид би се зголемувале до 2040 година, а потоа трендот на зголемување би доживеал пресврт и благодарение на големите намалувања и користењето технологии за отстранување на јаглерод диоксидот, по 2070 година емисиите би добиле негативен тренд. Ваквиот развој на ситуацијата во текот на овој век би предизвикал зголемувањето на глобалната температура да биде над 2 степени целзиусови, но под услов да се намали под таа граница по 2100 година.
Истражувачите мереле кога и на кој начин видовите на одредени места би биле изложени на потенцијално опасни температури, колку долго би траело тоа, колку видови би биле загрозени и дали некогаш би можеле да се вратат во својата термална ниша.
Тропските региони се во најголема опасност со речиси 90 проценти локации „турнати“ надвор од нивните термални ниши. Во Амазонија, еден од биолошки најразновидните региони во светот, повеќе од половина видови ќе се најдат во потенцијално опасни климатски услови.
Околу 19 проценти од проучуваните подрачја (вклучувајќи ја и Амазонија) можеби нема да можат да се вратат во состојбата од пред пречекорувањето на порастот на температурата. А дополнителни 8 проценти локации, според проекциите, сигурно нема никогаш да се опорават. Тоа значи дека дури и привремено надминување од 2 степени може да предизвика неповратни загуби за природата заради изумирање на видовите и радикални трансформации на екосистемот.
„Во Амазонија ова би можело да значи шумите да бидат заменети со тревни површини, што како последица би имало исчезнување на важниот глобален понор на јаглерод. Тоа негативно би се рефлектирало на бројни еколошки и климатски системи како и на нашата способност да го намалиме глобалното затоплување“, рече водечкиот автор д-р Андреас Мејер.
Со новите научни наоди се потенцира важноста на посматрањето на целата слика и можните штети наместо да се трудиме нашата конечна дестинација да биде во договорените температурни рамки зашто со ваквиот начин на размислување се потценува потребата за брзо и големо намалување на штетните емисии. Научниците исто така истакнаа дека и плановите за отстранување на јаглерод диоксидот би можеле лошо да влијаат на екосистемите: на пример, садењето огромни шуми и производството на биогорива, зашто бараат големи земјишни површини и вода.
Превод: Алек Кузмановски
Фотографии: Sebastião Salgado
Извор: https://klima101.rs/