Почина основоположникот на модерната психијатрија во Македонија, професор Др. Георги Чадловски

11.07.2022 14:20
Почина основоположникот на модерната психијатрија во Македонија, професор Др. Георги Чадловски

Во вечерните часови на 09.07.2022 ненадејно згасна животот на невропсихијатарот професор д-р Георги Чадловски великан во полето на психијатријата, прв генерален директор на клинички центар – Скопје, основоположник на Клиниката за психијатрија и автор на над 20 книги и учебни помагала, соопштија од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија-Скопје.

Професор Чадловски е роден во Скопје 1943 година, по потекло од познатиот Галички регион, своето основно и средно школување го завршува во Скопје и почнува да се занимава со новинарство поради што и почнува да му се развива љубовта на пишаниот збор. Се запишува на Медицинскиот факултет во 1962 година Скопје и напоредно со своите студии работи како новинар во Нова Македонија. Ги завршува своите медицински студии во 1967 година, за кратко потоа да ја отпочне својата плодоносна кариера во невропсихијатрија под менторство на проф. Филдишевски, ја довршува својата специјализација во Париз заедно со проф. Чепреганов и докторира во 1981 година, за брзо потоа да се искачи на академските скалила до редовен професор на универзитетот св. Кирил и Методиј преку неговите бројни научни и едукативни публикации и високо посетени предавања на Медицинскиот Факултет, Стоматолошкиот Факултет и Факултетот за Безбедност.

Во 1990-тите учествува во формирањето на сегашниот Клиничкиот Центар-Мајка Тереза во Скопје и на сегашната Клиника за Психијатрија поради што се наведува како основоположник на модерната психијатрија во Македонија. Од 2003 се посветува неуморно на своите пациенти продолжувајќи ја својата дејност во ПЗУ Дијагностички Центар – Скопје се до последниот ден од неговиот живот.

Професор Чадловски за својата долгогодишна активна улога во психијатријата има добиено многубројни признанија, повелби, плакети и државни награди за својот научен придонес вклучувајќи ја и Гоце Делчевата награда врачена како највисоко општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Република Македонија.

Неговата ненадминлива остроумност, енергичност и пасија кон психијатријата се бележи низ целиот негов професионален живот и ќе биде вечно запаметена, соопштија од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија-Скопје.

Слични содржини

нема
Боли глава
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото