Статус кво со изградбата на регионалната депонија во Свети Николе, постојните депонии се палат

11.07.2022 15:27
Статус кво со изградбата на регионалната депонија во Свети Николе, постојните депонии се палат

Наместо меѓународен тендер за избор на компанија што ќе ја гради модерната регионална депонија кај овчеполското село Мечкуевци, источниот дел на Македонија се соочува со палење на постојните депонии и енормно загадување на воздухот во летните месеци.

Откако Општина Свети Николе на почетокот од годинава се изјасни дека е против изградбата на регионалната депонија на нејзина територија пред самото распишување на тендерот, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) пролетва најави дека ќе ја започне процедурата за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за проектот за изградба на регионална депонија во Источен и Североисточен плански регион.

Централната власт пролетва се закани дека ќе им ги одзеде ингеренциите на локалната самоуправа, но и дека Свети Николе ќе добие претставници во новото регионалното комунално претпријатие кое ќе треба да управува со идната регионална депонија. Општинските власти пак се заканија дека ќе распишат референдум за изјаснување на граѓаните од Свети Николе дали сакаат во нивната локалната самоуправа да се гради овој проект финансиран од ЕУ, со неповратни средства од околу 40 милиони евра.

Откако помина тензичната атмосфера изминатава пролет, од Општина Свети Николе молк за темата во врска со изградбата на регионалната депонија. Мета.мк во два наврати во текот на јуни испрати прашања до општинските власти, но не добивме одговори на прашањето дали и кога планираат да организираат референдум во врска со реализацијата на капиталниот проект.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк пак негираат дека започнале процедура за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе врз проектот за изградба на регионалната депонија во овчеполското село Мечкуевци. Тие тврдат дека таква постапка не е ни покрената, иако самите ја најавија пролетва.

„Во моментот се чека на финализирање на документација за реализација на овој ИПА проект од страна на сите вклучени институции, по што треба да се добие одобрување од страна на ДЕУ и со тоа да се пристапи кон објавување на тендерот за изведбените работи. Бидејќи 17 општини на овој регион имаат дадено согласност, очекуваме дека и општина Свети Николе ќе ја даде својата“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тие тврдат дека со регионалната депонија ќе се реши проблемот со комуналниот отпад и со дивите депонии коишто се извор на загадување на почвата, воздухот, надземните и на подземните води во Источниот и Североисточниот плански регион. Воедно, со проектот ќе се отворат нови работни места и ќе се подобри социо-економската состојба на жителите и на Свети Николе и на околните општини.

Инаку, во близина на овчеполското село Мечкуевци би се изградила првата современа депонија по стандардите на ЕУ во Македонија. Таа треба да опслужува околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. На оваа локација ќе се изградат погони за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење.

Во идната регионална депонија ќе има и посебна постројка за секундарна селекција на хартија, пластика, стакло и метален отпад, а во неа би се вршело рециклирање на материјалот. Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата.

Горат постојните депонии на Истокот

И додека изградбата на современата регионална депонија се наоѓа во статус кво состојба, низ општините во источниот дел на Македонија горат постојните нестандардни општински депонии. По бројните поплаки на граѓаните, Државниот инспекторат за животна средина минатата недела му наложи на штипското јавно претпријатие „Исар“ да го изгасне пожарот и да го дислоцира отпадот од главното депониско чело во депонијата „Трештена скала“.

На загадување на воздухот периодично се жалат и граѓаните на Кочани и Виница, каде што исто така изминатава година имаше палење на ѓубрето во општинските депонии и неподнослив чад што се ширеше кон градовите.

Поради ваквиот начин на управување со отпадот, Европската Унија секоја година упатува критика кон македонските власти. Во последниот Извештај за остварениот реформски напредок на земјава за 2021 година, Европската Комисија во делот на заштитата на животната средина им даде јасна препорака на властите дека годинава треба да направат значајни чекори за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад.

Извор: Мета