Културата и природата

12.07.2022 10:43
Културата и природата

Културата овде ја разбирам како концепт спротивен на природата, настанат врз основа на забраната, т.е. забраната на природноста, каде што преобликувањето или надградбата или одгледувањето претставуваат потиснување на изворните сили на животот. Покрај тоа, културата како систем на забрани настојува да создаде „питомо тело“ кое ќе служи во функција на културниот развој и културната потврда и конституирање. За разлика од Ниче и Фројд, тезатаа на Тери Иглтон е дека природата и културата се во дијалектички однос, дека не се спротивставуваат една на друга, туку се надополнуваат. Во книгата „Идејата за културата“, Иглтон ја смета природата за сировина што културата ја обработува и ѝ дава човечки значајна форма. Односно, за Иглтон културата е природна состојба на човекот, културата веќе мора да биде потенцијално присутна во човековата природа за да се воспостави. И самата потреба за култура навестува дека нешто недостасува во природата, па така културата претставува достигнување на повисоко ниво на живот што е својсвтено само за луѓето. Иглтон признава дека културата подразбира придржување кон правила, но придржувањето кон правилата не е ниту прашање на анархија, ниту на автократија, бидејќи некој што е, да речеме, целосно ослободен од културните правила, не е послободен од некој за кого може да се каже дека е подложен на правилата на културата односно нејзин роб.

Спротивно на Иглтон, Фројд ја разбира културата како вештачка, репресивна појава која не му дозволува на човекот да биде среќен забранувајќи му да ги изразува своите елементарни животворни сили. За Фројд, но и за Ниче, нашата борба да завладееме со природата е всушност погубно владеење со нас самите, бидејќи ние, во борбата за цивилизираност, се одрекуваме од нашите инстинкти и од својата телесност, а со тоа и од виталистичките сили. Во текстот „Нелагодното во културата“, Фројд наведува три извори на страдање: супериорноста на природата, кревкоста на нашето тело и несовршеноста на институциите што ги регулираат односите меѓу луѓето во семејството, државата и општеството. Против првите две малку можеме да направиме и мораме да ги прифатиме, но третото, општествениот извор на страдање, против кој можеме да се бориме, не мораме да го прифатиме. Сепак, Фројд се прашува, зошто институциите што самите сме ги создале се насочени против нас, против животот? Многу едноставно - поради контролата врз целото човеково битие. Основата на контролата или основниот механизам на контрола врз човекот, што секако е основата на отуѓувањето на човекот од природата, е процесот на интериоризација како главно средство за контрола со кое се служи културата. Затоа, надворешната норма станува внатрешна, културната забрана станува с’рж на моралноста на битието. Така се формира совест од која произлегува чувството на вина доколку се прекрши забраната. Чувството на вината е најдобриот производ на културата. Така се регулира индивидуалното однесување: стравот од авторитет оти стравот од совеста (вината). Совеста не’ тера да го сакаме она што всушност не го сакаме, бидејќи нашата совест е многу повеќе производ на културата и социјализацијата, односно на надворешното, отколку природна даденост. Културата перфидно се обидува да ни каже дека таа нема никаква врска со совеста на човекот, туку дека совеста е исклучиво дар на природата. Со ова културата сака да ја скрие својата конструктивистичка природа и манипулативна моќ.

Зад секоја забрана мора да постои некоја желба. Штом нешто е забрането, значи дека е присутно како човечки порив или желба. Фуко, во делото „Историја на сексуалноста I“, пишува дека и желбата, но и недостатокот на кој се заснова желбата, го конституира токму законот. Моќта е секогаш таму каде што е желбата, истакнува Фуко. Зад желбата стои забраната како воспоставување на идеологијата или културата, па може да се каже дека идеологијата и културата ги одредуваат нашите желби. Фуко ја разбира идеологијата како теорија на идеи, знаци и појава на чувства кај поединецот, појава на општествен збир на интереси чија цел е натурализација на произведените односи. Слично на тоа, за Алтисер, идеологијата е повеќе прашање на практика отколку на идеи, што значи дека верувањето мора да се всади во однесувањето. Само ако е вградено во однесувањето, тогаш тоа е апсолутно овладување над човекот, и тогаш човекот е буквално на располагање, бидејќи човекот почнува да смета дека неговата субјективност е во рацете на некој друг (културата, идеологијата итн.), а не во неговите, сопствени раце. Вистина е, како што вели Фуко, дека законот секогаш се повикува на мечот. Но, во исто време е вистина, како што понатаму забележува Фуко, дека вистинската моќ не се потпира на мечот и на физичката сила, туку создава постојани регулативни и корективни механизми на живеење. На овој начин, станувајќи дел од секојдневните практики и однесување, културата (која овде донекаде неправедно ја поистоветувам со идеологија) станува очигледна, а она што станува очигледно во исто време станува точно, вистинито, па се случува натурализацијата на културните и општествените норми. Основната мисија на критичкото размислување и интелектуалниот ангажман би требало да биде постојаната борба против „очигледноста“, земајќи го предвид клучниот факт – дека очигледноста се произведува и постојано се репродуцира преку медиумите, воспитанието, образованието, значи преку културата.

Мислам дека е важно на крајот да се истакне дека телото е централното место во културата. Но, да го поставиме прашањето: зошто токму телото е централно место на културата? Па, токму затоа што телото е централно место на природата и природноста. Културата води постојана војна против телото, одвраќајќи го телото да одговори на барањата на она телото е во својата изворност. Сузан Бордо вели дека телото може да функционира и како метафора за културата. Културолошкиот пристап кон телото поаѓа од претпоставката дека телото стекнува смисла и значење дури врз основа на „впишувањето“ на културата, што значи дека тоа е променливо, не е константно, не е даденост само по себе, туку конструиран систем. на означувачки практики на впишување. Телото е идеолошки конструкт. Телото е место на силно прекршување на општествените вредности, место на диференцирање и класификација на различни општествени групи, место на самодефинирање итн. Овладувајќи го телото, биомоќта сака да ги овлада душата и желбата. Задача на културата и на културните механизми е да ја регулираат и потиснат либидиналната енергија, обидувајќи се да ја скротат, потчинат и на тој начин да ја контролираат целокупната телесност на битието. Телото на битието може да се контролира само преку она што е најсилно, она што е најпотребно, она што дава најголемо задоволство, а тоа, во физичка смисла, е сексуалното задоволство. Она што се случува е еден вид на вршење на интернализација како моќ над телата, чија последица е производство на мазохистичко тело кое ужива во воздржување од нагони, кое чувствува задоволство во апстинирањето. Целта е всушност е создавање на дисциплиниран субјект преку дисциплинирање на телото, телото како место кое носи најголем потенцијал на отпор против општествените, културните, политичките и сите други нормативни системи. Ако го потчиниш телото и телесноста, си го потчинил и човекот. На тоа се заснова основната програма на секој нормативен поредок.

Слични содржини

Активизам / Култура / Теорија
Никола Гелевски
Наука / Култура / Теорија
Култура / Око
Општество / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото