1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадок од уште еден роман. Претходните извадоци прочитајте ги овде.
„Ден за одмазда“, Ивица Челиковиќ, „Паблишер“
Кога бев млад ми пречеше кога ме викаа Ѕидар, иако тоа на некој начин ми звучеше моќно, а во некои ситуации дури и ми импонираше.Во еден период, кога учев гимназија, посакував да станам пилот. Таа недофатност пред која сме толку бесмислено ситни кога размислуваме за откривање на нови простори, кај мене будеше силни фантазии за своевиден магиски лет над облаците. Летање што со себе ги влече опашките на огнот, ја шири топлината, отварајќи ја мистеријата од темните нијанси на соништата, од таинственоста на школките што се отвораат на дното на океанот, и ита кон нови светови меѓу облаците. Кон забранетите предели во небеските височини што не можат да се досегнат, во кревката кочија што го нарушува мирот по целата должина на патот на ангелите. Стиховите што тогаш ги пишував, никому не ги покажав, ни до ден-денес.
Сега, по толку години, кога останав без работа, и без семејство, не останаа уште многу нешта скриени во мене, заедно со мојата вера, со отсонуваните небеса во моето срце. Но зарем воопшто можев да се залажувам дека не им беше отстапено и место на себичноста и ароганцијата, лесното посегнување кон глупоста, непромисленоста? Се вратив онаму од каде што претходно паднав, испружен во правта, но повеќе не сакав да се гледам како натрапник. Немав друг избор освен сам да пловам низ темните води кои не знаев до каде се шират, и самиот да си бидам кормилар. Но сѐ уште не бев подготвен да се повлечам во осаменоста, моето последно засолниште.
Дане не беше човек кој може да живее со духот на времето, да ги прифати промените што тоа ги носеше.Промените, за оној што сакаше да ги види, се исчитуваа исто како и промените врз лицето на секој човек. Но Дане немаше потреба да ги следи границите на животот што се исцртуваа околу сите нас, и кои всушност не беа мерливи со времето и неговите промени, за него постоеше само мигот што го живееше и во кој требаше да ја вложи сета своја сила.
„Мило ми е да те видам, Ѕидар, не си остарел многу, а гледам и дека сѐ уште си жив“, ми рече кога седнавме во Пивница, за да ме почести поради моето успешно враќање во живот.
„Да, добро е... кога веќе не е премногу лошо“, му реков и ја кренав чашката да наздравиме.
„Немој сега пак да почнеш да ми зборуваш во ребуси“.
„Истиот си, како и секогаш.“
„Да запалиме по една.“
„Не сега, можеби подоцна... се борам да го оставам тоа ѓубре“, и се развртев наоколу обидувајќи се да ги контролирам чувствата, бидејќи не сакав кумот да почне да зборува дека се однесувам чудно.
Дане ја истресе пепелта од цигарата и погледна во часовникот. За миг изгледаше како да се сетил на нешто и како да има намера да стане. Потоа се наведна преку масата, ме потчукна по рамото и рече:
„Времето лета. Кога ли поминаа две години?“
„Не, не помина толку. Бев осуден на година и пол, но одлежав дванаесет месеци.“
„Те жалам, Ѕидар, било, се случило, да не се повтори.“
„Да“, реков кратко, сакајќи да ја сменам темата. Не сакав да ме распрашува за затворот, ниту пак чувствував некаква потреба да му објаснувам што сум преживеал таму.