1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Централниот одбор на СДСМ синоќа го поддржа процесот за отпочнување на преговорите за полноправно членство на земјава во ЕУ согласно Предлог-преговарачката рамка за пристапни преговори со Унијата од последниот европски предлог од 30 јуни 2022 година, предложен од француското претседателство. Во партиското соопштение се посочува дека СДСМ како државотворна партија останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ во ниту едни околности. Овие определби и принципи СДСМ очекува да бидат поддржани од сите политички субјекти во Собранието преку носење на натамошни заклучоци за европскиот предлог, согласно собраниските процедури, посочуваат од најголемата владејачка партија.
Од друга страна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати повик до на СДСМ да го одбијат предлогот. „Сакам јасно да подвлечам дека независно што ќе се расправа во Собранието, за нејзиното прифаќање пресудно е влијанието на Владата на СДСМ и ДУИ која игнорирајќи ја волјата на огромното мнозинство граѓани, на сила сака да протурка процедура која е во целосна спротивност со државните и национални интереси. Се работи за информација која Собранието ја носи со просто мнозинство, односно со 41 пратеник од присутни 61. Суштински, усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно бидејќи Владата на Ковачевски истата веќе ја прифати“, наведува Мицкоски кој додава: „Пратеници од СДСМ, ве повикувам да не подлегнувате на притисоците на власта и да постапите исклучиво според сопствената совест. Бидете достоинствени, почитувани пратеници од СДСМ и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија“.
Извор: Радио Слободна Европа