1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Изгледа дека САД влегоа во нова студена војна со Кина и Русија. Американските лидери тоа го прикажуваат како конфликт на демократијата и авторитаризмот, но тоа толкување не е уверливо, особено ако гледаме дека истите лидери активно ги поддржуваат земјите во кои систематски се кршат човековите права, како на пример Саудиска Арабија. Оваа хипокризија наведува на заклучок дека борбата не се води само за декласираните вредности туку, барем делумно, и за статусот глобален хегемон.
Несомнено е дека во двете децении после падот на Железната завеса, САД беа број еден во светот. Но потоа следеа непотребните војни на Блискиот исток, финансискиот слом од 2008 година, раст на нееднаквоста, епидемија на зависности од опоиди и други кризи кои ја доведуваат во сомнеж супериорноста на американскиот економски модел. И покрај тоа, периодот помѓеу победата на Доналд Трамп и обидите за државен удар на Капитол, како и бројните случаи на масовни убиства, настојувањето на Републиканската партија некои гласачи да ги лиши од правото на глас и ширењето теории на заговор како што е КјуАнон, пружаат сè повеќе индикации дека некои аспекти од американскиот политички и општествен живот навлегоа на терен на патологија.
Секако, Америка не сака да биде симната од светскиот трон. Но јасно е дека Кина порано или подоцна ќе ја надјакне економски, без оглед на тоа какви економски индикатори користиме. Кина има четирипати повеќе жители од Америка и нејзината економија низа децении расте трипати побрзо од американската (мерено според паритетот на куповната моќ, Кина ја претекна Америка уште во 2015 година).
Досега Кина не повлекуваше потези со кои би се декларирала како стратешка закана за Америка, но несомнено е дека е токму тоа. Во Вашингтон е постигнат консензус на двете водечки партии дека Кина би можела да биде стратешка закана и најмалку што мора да направи Америка е барем да престане да го помага понатамошниот раст на нејзината економија, што значи дека се неопходни превентивни мерки, иако така се кршат правилата на Светската трговска организација кои ги пишуваше и промовираше Америка.
Овој фронт во новата студена војна е отворен многу пред Русија да ја започне инвазијата на Украина. Американските претставници често предупредуваат дека оваа војна не смее да ни го сврти вниманието од Кина како многу посериозна долгорочна закана. Со оглед дека руската економија е приближно голема како шпанската, нејзиното блиско партнерство со Кина нема поголемо економско значење (иако подготвеноста за ангажирање во попречувачки активности ширум светот може да му биде од корист на нејзиниот поголем јужен сосед).
На секоја земја која е во војна ѝ е потребна стратегија. Соединетите држави не можат да победат во натпреварувањето за статус на најголема сила ако немаат сојузници: за тоа се потребни пријатели. Природни сојузници на Америка се Европа и развиените демократии ширум светот. Но Трамп направи сè што можеше за да ги отуѓи таквите потенцијални сојузници, а републиканците - кои му остануваат верни - со своите постапки тераат многу земји да се запрашаат дали САД воопшто можат да бидат доверлив партнер. Исто така, Америка би морала да ги добие срцата и умовите на милијарди луѓе во земјите во развој - не само заради нивната бројност, туку и заради обезбедувањето пристап до критично важни ресурси.
За да ја повратат наклонетоста на светот, САД мораат да надоместат многу од пропуштеното. Долгата историја на експлоатација на други земји нималку не им оди во прилог, како ни длабоко вкоренетиот расизам - сила која Трамп ја користи вешто и цинично. Креаторите на државни политики во САД неодамна изградија вакцинациски апартхејд, систем во кој богатите земји ги добиваат сите потребни вакцини, додека луѓето во посиромашните земји се препуштени на себеси. Од друга страна, противниците на Америка во новата студена војна им нудат вакцини на другите земји по иста или пониска цена и дури им помагаат и самите да започнат со производство на вакцини.
Јазот помеѓу двата света е уште подлабок ако како пример ја земеме кампањата за запирање на климатските промени, која диспропорционално силно го погодува глобалниот југ, односно земјите кои имаат најмали можности за спроведување на предвидените мерки. Вистина е дека земјите во развој денес создаваат најголем дел од емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, но кумулативната емисија на САД сè уште е најголема во светот. Развиените земји продолжуваат да придонесуваат во вкупната емисија и, што е уште полошо, не ги исполнуваат ветувањата во однос на сиромашните земји дека ќе им помогнат во управувањето со последиците од климатската криза која ја создаде богатиот свет. Наместо тоа, американските банки со своите практики ја продлабочуваат надоаѓачката должничка криза во бројни земји и покажуваат рамнодушност кон страдањата кои произлегуваат од тоа.
Европа и Америка немаат конкуренција во држењето предавања на другите што е морално исправно и економски разумно. Но пораката која пристигнува на другата страна - како што јасно покажува инсистирањето на земјоделски субвенции во САД и Европа - вообичаено гласи: слушајте што ви зборуваме, не гледајте што правиме. По мандатот на Трамп, Америка веќе нема право да настапува од позиција на морална супериорност и нема кредибилитет да им дели совети на другите. Неолиберализмот и економијата на плимата која ги крева сите чамци во пристаништето никогаш не биле пошироко прифатени на глобалниот југ, а сега излегуваат од мода и во остатокот од светот.
Од друга страна, Кина не им држи предавања на сиромашните земји туку им гради инфраструктура. Навистина, овие земји остануваат задолжени, но ако имаме предвид дека западните банки се однесуваа во улога на кредитори во земјите во развој, САД и останатите тешко дека имаат право на приговор.
Би можел да набројувам уште, но верувам дека поентата е јасна: ако САД веќе влегуваат во нова студена војна, тогаш би било корисно навреме да сфатат што им е потребно за победа во таа војна. Во студените војни на крајот победува онаа страна која располага со меки моќи за привлекување и убедување. За да победиме, мораме да го увериме остатокот од светот дека треба да ги купи не само нашите производи, туку и општествениот, политичкиот и економскиот систем кој го продаваме.
Можеби САД произведуваат најдобри бомбардери и ракетни системи во светот, но тоа сега не е од корист. Наместо тоа, мораме да понудиме конкретна помош за земјите и пазарите во развој, почнувајќи од откажувањето од правата на патенти за ковид вакцини, така што секоја земја самата ќе може да произведе вакцини и соодветни третмани.
Подеднакво важно е дека мораме западниот економски, општествен и политички систем повторно да го направиме пример кон кој ќе тежнее целиот свет. За почеток, тоа во САД би подразбирало намалување на бројот масовни напади со огнено оружје, унапредување на еколошките прописи, сузбивање на нееднаквоста и расизмот и заштита на репродуктивните права на жените. Додека не му покажеме на светот дека ја заслужуваме лидерската позиција, не можеме да очекуваме тој да нè следи.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Mehdi Rasooli
Извор: https://www.project-syndicate.org/