Европски политичари го промовираат францускиот предлог, странски експерти го критикуваат

14.07.2022 12:32
Европски политичари го промовираат францускиот предлог, странски експерти го критикуваат

 
Лидерите од меѓународната заедница со гласни повици до македонските власти за прифаќање на условите за преговори со ЕУ. Но, критики за ЕУ и преговарачката рамка на маса, и предупредување за последици од францускиот предлог упатуваат многу европски и американски реномирани професори.

Да се прифати или не францускиот предлог за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, прашање е сега. Македонската шекспировата дилема ќе се решава во четврток на собраниска седница по обраќањето на шефицата на Европската Комисија Урсула вон дер Лајен пред пратениците.

Тоа ќе биде и наверојатно последниот европски обид во Скопје да се убедат пратениците околу можностите коишто се отвораат пред земјата со почнување на преговори и кревањето на ветото коешто Бугарија го наметна во 2019 година како пречка кон ЕУ. Од друга страна, пак, европскиот невладин сектор упатува критики кон ЕУ за прифаќањето на бугарските, како што велат, националистички барања, со цел остранување на ветото.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел присуствуваше на Владината седница на која заедно со премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата дискутираа за европскиот предлог за тргање на бугарското вето од македонските евроинтеграции.

Мнозинство европски лидери и владини претставници кои во изминативе денови го посетија Скопје им даваат ветер во грб на македонските власти да го прифатат предлогот со кој ќе се отстрани бугарското вето.

„Македонци имате историска можност да кажете – ДА. ДА за почеток на преговорите, ДА на ЕУ, ДА за нашите деца “, е пораката која тие ја пренесоа во земјава, повикувајќи ги сите политички чинители да учествуваат во одлучувањето.

Бивши дипломати и експерти

Втората страна на паричката се дел од поранешните претставници на меѓународната заедница во земјава како и професори и претставници на невладиниот сектор од земји членки на ЕУ и САД кои јавно посочуваат дека предложената преговарачка рамка со себе носи големи последици по Македонија. но и за проширувањето на ЕУ.

Според австрискиот професор и познавач на Балканот, Флоријан Бибер, предлогот го вметнува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите кои пристапуваат.

„Наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување“, пишува Бибер на социјалната мрежа Твитер во една од седумте точки зошто е лош предлогот.

Во изјавите пред македонските медиуми претставниците на меѓународната заедница покажуваат разбирање за сомнежите и загриженоста поради бугарските услови за пристапниот процес кои со преговорите ќе станат и европски.

„Свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет и може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Европскиот совет дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни прави. Секако добрососедските односи се неопходен елемент во процесот на проширување“, изјави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски пред една недела.

Тој вели дека одлуката сега е во рацете на Северна Македонија.

„Искрено да ви кажам како пријател, оваа можност е премногу важна да се пропушти“, изјави тој.

Два дена по него, американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнс изјави дека САД ја охрабрува Северна Македонија да продолжи на патот кон евроатланската иднина со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ. Таа посочи дека изборот да се продолжи напред е одлука на земјава како суверена нација, иако знае дека одлуката е тешка.

„Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот“, пишува Брнс на Твитер.

Веднаш по неа со заедничка изјава за поддршка излегоа и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен кои сметаат дека „компромисниот предлог“ ги зема предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија.

Борел и Блинкен велат дека во овој критичен момент од европската историја, обележан со неоправданата руска агресија против Украина, унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнувањето на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент.

„Суверената одлука на Собранието на Северна Македонија ќе биде важна за да се продолжи напред“, велат тие во заедничката изјава.

Германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој неодамна беше во посета на Скопје, вели дека не сака да гледа на францускиот предлог како понуда – „Земи или остави!“, ама, како што вели, предлог на маса е подобар и кој друг потоа би го преработил предлогот кој веќе е преработен и подобар.

Поранешниот евро амбасадор во земјава Ерван Фуере смета дека ЕУ со предлогот прави неевропски преседан со Македонија. Тој објаснува дека преговарачката рамка е затвор за Македонија, а клучот го има Бугарија.

„Лично сметам дека овој предлог содржи многу опасни елементи. Најпрво тој ја обврзува македонската влада да го смени Уставот уште пред да започнат преговорите за членство и нема реципроцитет, што значи дека ЕУ прифаќа дека Бугарија ги прекршува заложбите под постојаната Европска конвенција за човекови права и пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со постоење на македонското малцинство во Бугарија“, изјави Фуере за ТВ 24.

Флориан Бибер пак, истакнува дека предлогот е неизбалансиран, односно многу поблиску до бугарските барања одошто до македонската позиција.

„Во основа ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада сугерирајќи дека постои проблем со дискриминација на Бугарите во Северна Македонија“, пишува тој на Твитер.

Во Чешка, како актуелен претседавач со ЕУ, но и во бројни други земји-членки на Унијата постои голема вознемиреност поради францускиот компромисен предлог за надминување на бугарското вето, изјави Јана Јузова од чешкиот Институт Еуропеум за време на дебата која ја организираше ЕПИ на тема „Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои?

„Дури и да се постигне компромис, тоа нема да биде нешто со што Северна Македонија ќе биде среќна. Ние мора да осигураме дека ова нема да стане преседан кој ќе го користат и други земји-членки кон кандидати,“ изјави Јузова.

Германскиот историчар и директор на Лајбниц институтот за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Улф Брунбауер смета дека на Западен Балкан му се заканува, како што вели, да стане отпад на европската интеграција.

„Во конкретниов случај, Бугарија е таа што го торпедира почетокот на преговорите на соседот, а со тоа и на Албанија, бидејќи ЕУ одлучи да преговара или со двете или со ниту една од двете земји. Тешко е да се разбере користа што Бугарија ја гледа во дестабилизацијата на нејзиниот соседски регион. Во секој случај, Кремљ ќе биде среќен ако националните емоции ги донесат на власт антиевропските десничарски популисти“ вели тој.

Според него има одредена иронија во тоа што токму Франција претставила, како што го опишува, проблематичен компромисен предлог, затоа што со години токму француската влада го кочи прифаќањето на државите од Западен Балкан во ЕУ.

Брунбауер објаснува дека тоа и даде доволно простор на на Бугарија да го запре процесот на пристапување на Северна Македонија со националистички барања и да не мора да плаќа политичка цена на европско ниво за тоа.

Едвард Џозеф, предавач на Школата за меѓународни напредни студии Џон Хопкинс и познавач на состојбите на Балканот, во интервју за РСЕ неодамна изјави дека Бугарија на екстремен национализам е рефлексија и многу потсетува на тоа што Русија прави во Украина.

„Имаме сличен пристап, не со сила, но исто така со користење на моќ. Бугарија ја експлоатира моќта како земја членка на ЕУ да каже Вие сте вештачка земја во суштина. Вие сте вештачка земја и Вие сте само југословенска вештачка творба, но вашиот јазик и историја е базиран на нашиот бугарски идентитет и ние сме помоќни од вас. Што е разликата. Пристапот е ист, а различна е тактиката. Но, истиот пристап не се европските вредности“, вели тој.

Во пресрет на утрешната седница во Собранието, власта бара поддршка за францускиот предлог, а опозицијата порачува дека уставните измени тешко дека ќе поминат. Опозицијата обвинува дека прифаќањето на предлогот ќе доведе до „бугаризација“ на општеството и губење на јазикот и идентитетот, додека власта уверува дека јазикот и идентитетските обележја се заштитени. Опозицијата веќе десетина дена протестира против францускиот предлог пред државните институции.

Извор: Слободна Европа

Слични содржини

Општество / Европа / Став
Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото