Охридските плажи „Горица“ и „Љубаништа“ пристапни за луѓето со попреченост

14.07.2022 14:10
Охридските плажи „Горица“ и „Љубаништа“ пристапни за луѓето со попреченост

Охрид е првиот македонски туристички центар кој обезбеди соодветни услови за капење на лицата со посебни потреби во езерото. Покрај рампите со платформи, на овие две плажи поставени се и специјални тоалети. Набавени се и електрични колички за непречено движење.

„Спремаме уште една плажа, а ќе продолжиме најмалку со уште две. Со вкупно пет сакаме да ја покриеме територијата на Општина Охрид. Локалната самоуправа е подготвена во наредните години да помогне во изградба на пристапни рампи за инвалидизираните лица и охридските плажи да ги приближи кон европските и светските стандарди. Се надевам дека на овој позитивне пример ќе се приклучат сите сопственици на хотели на охридската ривиера. Посветивме доста време и внимание на овие групи, а ќе продолжиме да функционираме на овој начин, да се приближуваме кон европските и светските стандарди, рече градоначалникот Кирил Пецаков по промоцијата на рампата на плажата во Љубаништа.

Претседателот на „СОС Балкан медиа“, Сашо Денесоски најави дека во соработка со Општина Охрид работат на пилот проект за изградба на пристапна стаза за лицата со оштетен слух и вид. „Тоа се специјални звучни и светлосни плочки, кои ќе бидат поставени од Охридското пристаниште до влезот на Охридската чаршија. Се надевам дека ќе биде добар повод не само Општината, туку и државата да се грижи за лицата со посебни потреби. Министерството за транспорт и врски стопанисува со плажите низ охридското крајбрежје и ќе мора малку повеќе заедно со Општина Охрид и НВО сектор да придонесат за подобро живеење на овие луѓе“, истакна Денесоски.

Концесионерот на автокампот „Љубаништа“ Никола Бакалоски посочи дека како туристички субјект водат грижа за лицата со посебни потреби бидејќи и тие се нивни гости.

„Покрај денешната рампа за пристап во вода на лицата со посебни потреби, ги имаме приспособено сите наши тоалети, пристап во маркет, до рецепција, во ресторан со инвалидски рампи за да можеме и на тие лица да им овозможиме непречено уживање во летните одмори“, нагласи Бакалоски.

Специјалните рампи Општина Охрид ги обезбеди преку донација од здружението „СОС Балкан медиа“. Истите се монтажни и на крај од летната сезона ќе се отстранат, а во текот на наредното лето повторно ќе се постават. Невладината „СОС Балкан медиа“ истите ги даде во сопственост на јавното претпријатие „Комуналец“ кој ќе се грижи за нив.

Извор: Ohrid News

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Екологија
Активизам / Јавни простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото